6-та година по ред Националниот ромски центар и Основното Училиште „Браќа Миладиновци“ од н.м. Миладиновци, Општина Илинден со поддршка од програмата на Европска Унија „Европа за граѓаните“ учествуваа на Меѓународниот ромски детски фестивал „Отворено Срце“ во Велико Трново во организација на Центарот за интеретнички дијалог и толеранција „Амалипе“ од Бугарија
Од 09 до 11.06.2017 НРЦ како единствен претставник од Македонија учествуваше на 14-ти по ред Меѓународен ромски детски фестивал „Отворено Срце“. На фестивалот кој траеше 3 дена учествуваа над 200 училишта и над 2000 ученици од цела Бугарија кои го обоија градот со традиционалните ромски носии. Беа изведени различни кореографии на традиционални ора, модерни танци, драматизации на приказни и соло пеења кои го прават овој настан особен.
Учениците во мешовит состав од Основното Училиште „Браќа Миладиновци“ предводени од наставниците Јовче Петковски и Анкица Петрушевска успеаа да ја пренесат ромската култура, традиција и историјата со изведба на ромско оро, облечени во традиционална ромска носија од Македонија.
Покрај музичките и сценските настапи, во паркот Марно поле беа поставени различни штандови кои симболично ги претставуваат традицијата, културата и фолклорот на Ромите и другите етникуми кои живеат во Бугарија. Можеа да се видат готови изработки од традиционални ромски занаети од различните ромски групи, како дрвени лажици, вретена, ножеви, кошни и разни предмети од врбови гранки кои дури и се изработуваа на самите штандови. Беа поставени и традиционални ромски јадења кои можеа да се вкусат, а беа изложени и креативни изработки на учениците.