Средбата на која присуствуваа претставници од Секторите за урбанизам во општините Куманово, Шуто Оризари, Кочани, Штип, Тетово и Прилеп се реализираше во рамките на проектот „Легализација на домувањето за Роми“
28.05.2013 – Национален ромски центар одржа тркалезна маса на тема Имлементација на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Тркалезната маса ја отвори Катерина Шојиќ, претставник од Национален ромски центар со краток вовед во проектот „Легализација на домувањето за Роми“ што НРЦ го имплементира во партнерство со Хабитат Македонија и со финансиска поддршка од ФООМ – Македонија, а кој има за цел да им помогне на ромските семејства во 6 општини да ги легализираат бесправно изградените објекти и со тоа да го остварат своето право на домување.
Таа отварајќи ја дебатата информираше дека на средбата беа поканети и претставници од Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за катастар на недвижности и раководителите на подрачните одделенија во градови каде се имплементира проектот, но бевме информирани дека не се во можност да присуствуваат, заради претходно планирани обврски.
Препораките и заклучоците од средбата ќе бидат доставени до Агенцијата за катастар на недвижности и до Министерството за транспорт и врски.
На тркалезната маса беа присутни претставници од општините каде се имплементира проектот.
Модератор на тркалезната маса беше Александар Лазаров, геодетски инженер, од Геокарта – Кочани.
Прва конкретна тема на средбата беше – Постапување во случај на утврдување на правен статус на бесправен објект изграден на земјиштето со незапишани права. Се дискутираше за начинот на кој се забележува во имотниот лист дека предметната недвижност е со незапишани права. Од Сектор за урбанизам од општина Куманово потенцираа дека имаат проблем со имотните листови и со начинот на различно облежување дека недвижностите не се изложени и дека е добро да се унифицираат обележјата за да не доаѓа до недоумици.
Присутните ги разгледаа начините на комуникација со странките и со катастрите и утврдија дека во поголемиот дел од општините излагањето се прави по службена должност кога станува збор за постапка за легализација, имено општината упатува барање до катастар, тие постапуваат по барањето, недвижноста се излага и се запишуваат правата по службена должност и ја известуваат општината која потоа ја продолжува постапката.
Претставникот од Сектор за легализација од општина Штип, Лазар Хаџи Николов го размени позитивното искуство на општина Штип, кои досега имале добро искуство со подрачно одделение на катастар на недвижности. Општината се обраќа до Катастарот со барање, без да приложува административна такса затоа што се ослободени. Имаат 500 барања, постапката релативно брзо оди, излагањето оди без проблем и се запишува незапишаното право. Потоа општината ги информира странките дека предметот е упишан во катастар. Најчесто предметите се враќаат со запишани права на Република Македонија, некаде се утврдуваат кориснички права. Ако има корисник, Катастарот го запишува корисникот.
Во Шуто Оризари голем дел од странките имаат пописни листови и тие сами си прават елаборати приватно и носат имотни листови во општината.
Дискусијата понатаму продолжи во насока на проблемот со промена на барател и шифрите на елаборатите. Катастарот има едни шифри, а урбанистите при издавање на урбанистичка согласност имаат други шифри. Присутните сметаат дека разликите треба да се надминат и терминологиите да се ускладат.
Модераторот информираше дека се подготвува нов правилник и дека во неговата подготовка учествува и претставник од Министерство за транспорт и врски, Агенција за катастар и од Министерство за земјоделие, ги ускладуваат разликите и би требало да се средат некои работи, но ќе остане да се види како ќе се спроведуваат во пракса подшифрите.
Присутните посочија дека ќе биде добро Катастарот да направи трибина и да им објасни за да се исклучат проблемите.
По следната точка на дневниот ред – Постапување во случај на утврдување на правен статус на бесправно изграден објект изграден на земјиште чија намена согласно важечка урбано планска документација е предвидена сообраќајница, зелен појас или пак е надвор од плански опфат модераторот појасни дека Законот има дефинирано некои законски рамки. Во Кочани се праќаат до Совет на општина која донесува одлука за вклопување на бесправно изграден објект во урбанистичка документација. Според праксата на Општина Кочани од 150 барања до Советот, само 10 негативно биле одговорени. Во општината функционира Координатор и комисија која ги разгледува барањата и потоа ги доставува на Совет.
Претставник од Општина Шуто Оризари посочи дека во оваа општина има многу голем процент на дивоградби, кои ќе влезат во урбанистичките планови така како што се изградени, но со тоа не се менува ништо во поглед на стандардизација за урбанистичко планирање. Присутните посочија дека сепак целта на Законот е луѓето да добијат документација дека имаат објект, а не дека тој ќе се вклопи во некој план.
Раководителот на Секторот за урбанизам на Општина Прилеп, Илија Каревски истакна дека и тие имаат исти проблеми, настојуваат каде може да се пробие улица, да ги легализираат и да се даде можност преку совет да се смени урбанистичка документација. Тој потенцираше дека е подобро некои што повеќе задираат во инфраструктурите да се одбијат отколку да се легализираат, затоа што после ќе има проблеми. Не може со законот сѐ да биде легализирано. Треба да им се пренесе на луѓето дека некој нема да биде легализиран, да не мислат дека сите ќе се легализираат.
Во сесијата на тема утврдување на правен статус на бесправен објект изграден на земјиште на кое подносителот на барањето не е евидентиран како сопственик или корисник се дискутираше за досегашната пракса со изјава за користење на земјиште повеќе од 20 години, што може дополнително да направи проблеми поради незавршена приватизација на дворните места и многу од тие случаи ќе завршат со судска разрешница.
Во поглед на оваа тема општините презентираа различни искуства, повеќето посочија дека имале случаи со изјави, но има и такви кои поради несогласувања во семејствата постапките запираат и корисниците ги упатуваат на судска завршница.
Претставникот од Општина Штип го покрена прашањето за искуствата на другите општини со лицата кои поднеле барање за легализација и во меѓувреме починале. Тој искажа незадоволство од праксата на нотарите кои во оставинска постапка пренесуваат право евидентирано во евидентен лист, значи дивоградба која во правен промет не постои, наместо да пренесат право за спроведување на постапка за легализација.
Со бесправно изградени објекти е забранет промет, констатираа присутните, тоа е грешка на нотарите ако заведуваат и за ова треба да се реагира до ЗЕЛС и до Нотарска Комора да се укине таа пракса, која не е практична за странките затоа што се изложуваат на дополнителен трошок и се усложнува целата постапка.
Раководителот на Секторот за урбанизам од Општина Прилеп апелираше до организаторите на тркалезната маса, доколку постои можност да се интервенира во Министерството за транспорт и врски и да се бара пролонгирање на можноста за поднесување на барања за легализација, затоа што има голем број на баратели кои не поднеле барање. На иницијативата се придружија и другите учесници на средбата.
Претставникот од Тетово посочи дека е добро да се најде решение и за нелегалната промена на подносителите на барањата, затоа што постои реална потреба.
Присутните во продолжение дискутираа за промена на барател што значи без разлика во која катастарска општина, на која катастарска парцела затоа што во законот тоа не е дефинирано. Досега имале практика со едно барање да се легализираат повеќе објекти.
Претставник од Општина Прилеп го изнесе неговото мислење дека при промена на барател е добро легализацијата да се однесува на објект што се наоѓа во иста катастарска парцела.
Даниел Петровски, фасцилитатор ангажиран во проектот покрена дискусија околу конкретен случај во Шуто Оризари, за пет браќа со објект на земјиште на РМ. Корисници се сите 5 браќа, за објектот се поднесени 3 барања, затоа што двајцата други браќа живеат на друго место. Дали тројцата за да легализираат треба секој на секого да му даде согласност за легализирање? Од присутните доби одговор дека треба да си разменат согласности, доколку се согласуваат, во спротивно ќе треба постапката да оди на Суд.
На оваа тема, претседателот на Советот на Општина Шуто Оризари појасни дека општината има проблем за ослободување на сите корисници на социјална помош, со оглед на фактот дека 80% од жителите се социјално загрозени. Ако се ослободат сите нема простор за полнење на буџетот, нема начин за асфалтирање и канализација. Тој апелираше доколку може преку проект да им се плати на социјалните случаи и надоместокот за легализација по 1 евро квадрат, иако според Закон социјални случаи се ослободени од плаќање. На тој начин ќе им се помогне на сите општини, ќе можат повеќе да вложат во инфраструктурата.
Во продолжението се дискутираше за две прашања: Бараките во Шуто Оризари и дел од Средорек за кој според ГУП на Куманово е предвиден зелен појас. За Бараките појаснија дека после 63-та година, од американската влада, биле донирани како бараки, но на лице место е утврдено дека тоа веќе не се бараки, туку тврда градба. Со нив работело јавно претпријатие и луѓето порано плаќале кирија, но сега не плаќаат.
Претставник од Општина Шуто Оризари посочи дека поголем дел од жителите на бараките немаат воопшто поднесено барања за легализација, а дека они кои поднеле се легализираат.
Во поглед на проблемот со зелен појас во Средорек и луѓето кои веќе поднеле елаборати претставник од Општина Куманово појасни дека ќе треба да одат на Совет.
Од тркалезната маса произлегоа следните заклучоци:
1. Постојат невоедначени практики во сите општини, затоа што некаде има службено излагање, некаде не, законот е ист и треба исто да се примени секаде, потребни се воедначени практики во имплементирањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
2. Во поглед на утврдување на правен статус на бесправно изграден објект каде што е предвидена сообраќајница, зелен појас и сл., утврдено е дека сите со предлог одлука одат на Совет, кој одлучува дали ќе се вклопат во идна планска документација или не. Доколку станува збор за пописни листови со незапишани права, тогаш трошокот оди на товар на странката, во тој случај нема службено излагање.
3. Присутните заклучија дека се појавуваат недоречености за имотно правни односи, конкретно со изјавата, странките да бидат на јасно дека нема до крај да ги расчистат имотно правните односи и дека ќе добијат согласност за легализирање на објектот, а не и на земјиштето.
4. Не постои утврдена практика во поглед на промена на барателот кога се работи за различни катастарски општини и катастарски парцели. Потребни се попрецизни упатства за тоа.
5. Треба да си има во предвид демографска структура на општините каде што има поголем број на корисници на социјална помош, да се внимава да не се оптерети буџетот на општината. Потребно е сите да се ослободени од државата со субвенционирање.
[post_gallery]