Проект „Легализација на домувањето за Роми“

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), Здружението за хумано домување Хабитат Македонија и Здружението Национален ромски центар (НРЦ), на 30-ти ноември 2012 година, одржаа тркалезна маса „Ромите и имплементација на Законот за постапување со бесправно изградени објекти – состојби и предизвици“, на која учесницитеразговараа за состојбите со спроведувањето на Законот за постапување со бесправни објекти и предизвиците со кои се соочува ромската заедница.

Славица Инџевска, програмски директор во ФООМ, отворајќи  ја дебата истакна дека проектот „Легализација на домувањето за Роми“, финансиран од Ургентниот фонд за надминување на последиците од економската криза на Фондациите Отворено општество, Канцеларијата за ромски иницијативи од Будимпешта и Хабитат Македонија, а директно имплементиран од Хабитат и НРЦ, има за цел да им помогне на ромските семејства да ги легализираат бесправно изградените домови и со тоа го остварат човековото право на домување, како клучен услов за интеграција на маргинализираните групи.

Јаше Сефер, шеф на кабинетот на министерот без ресор Неждет Мустафа, го поздрави донесувањето на Законот и посочи дека тој ќе донесе најмногу придобивки токму кај ромската заедница. Со постоечкиот Закон, смета Сефер, ќе се решат проблемите со ромските населби кои не се урбанизирани и не влегуваат во Деталните урбанистички планови, а општините повеќе нема да ги рушат ромските домови како претходно.  И за 2013 Владата има одвоено средства за реализација на активности поврзани со овој закон, а кои општините можат да ги користат откако ќе потпишат меморандум за разбирање со Владата. Тој апелираше локалните власти да ги стават во преден план проектите што се однесуваат на унапредување на условите за живеење во ромските маала.

Заменикот директор на Агенцијата за катастар, Африм Усеини, подвлече дека Агенцијата за катастар активно учествувала во процесот на донесување, но и во процесот на спроведување на Законот, а се со цел да се овозможи полесно легализирање на објектите. Како битна реформа Усеини го издвои електронското поврзување со нотарите, со што се скратува процедурата за запишување во имотните листови, а наскоро, според него, можно е да се очекува и електронско поврзување со општините. Според него, тоа веројатно ќе биде можно следната година. Во меѓувреме, од катастарот чекаат да видат како ќе се одвива проектот со електронското поврзување со нотарските канцеларии. Во рамките на работата, во делот на поврзаноста со граѓаните, Усеини кажа дека Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија овозможува и правни совети во случаи кога граѓаните на пример, имаат проблеми со процес на приватизација, случаи со имотно-правни односи и слично.

Славица Ќурчинска од НРЦ и Кристина Тасева од Хабитат Македонија ја објаснија улогата на имплементаторите во проектот „Легализација на домувањето за Роми“. На ромските семејства кои поднеле апликации за легализација на бесправни објекти во шест општини во Македонија им се даваат совети и правна помош, а им се одобруваат и бескаматни кредити за трошоците за легализација. Во рамките на проектот предвидена е помош за реализирање на преку 1500 барања за легализација. Просечната висина на бескаматните кредити изнесува 12 000 денари со рок на отплата од 18 месеци. Досега пристигнале 422 барања за заем, а веќе се одобрени 126 заеми и се чека доставување на решенија за легализација.

Лилјана Алчева, заменик-директор за програми во Хабитат  Македонија, како модератор на тркалезната маса ја отвори сесијата наменета за предизвиците при имплементација на Законот за постапување со бсеправно изградени објекти и можности за нивно надминување. После секое излагање на учесниците, Алчева успеа да ги резимира и да ги истакне главните забелешки и предизвици во спроведувањето на Законот, но во пракса. Законот е стапен во сила во 2011 година и зафаќа една проблематика која треба да реши затекната состојба при тоа се навлегува во животот на луѓето. Домувањето како аспект од секојдневното живеење е многу значаен фактор за успехот на секое семејство, на секој човек и едно од главните животни прашања. Со овие предизвици, секојдневно се соочуваат, претставниците на локалната самоуправа и граѓаните, истакна Алчева во нејзиниот воведен говор.

Присутните градоначалници и претставници на локалната самоуправа изнесоа неколку забелешки на постоечкиот Закон за постапување со бесправно изградени објекти. Стевче Јакимовски, градоначалникот на Карпош, оцени дека не е во ред да се легализираат објекти од секаков тип. „Имаме премногу барања за легализација за се сешто, за шупи и гаражи. Ваквите објекти требаше да се изземат од Законот бидејќи не затрупуваат со барања за легализација. Во Карпош имаме околу 11 000 предмети, и со сите административни и човечки капацитети што ги имаме, дневно можеме да решиме најмногу десет.“ заклучи Јакимовски, додавајќи дека Злокуќани, населбата каде што живеат Ромите во општина Карпош, припаѓа во „бела зона“ односно непосредно до археолошкиот локалитет „Скупи“, и на таа територија не смее ништо да се гради, ниту да се легализира. Слично мислење за категориите објекти пропишани во Законот имаше и градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, кој го пофали Законот додавајќи дека општина Кочани добро го води процесот на легализација, и дека подеднакво ефикасно се легализираат и домовите на Ромите, но и на сите националности и социјални групи. Димитровски, како што рече, иако тешко да се одвојат предметите за легализација кај кои подностители се Роми, сепак, информираше дека во општина Кочани досега има 381 ромско семејство поднело барање за легализација.

Дефинирањето  на тоа што треба да се легализира, а што не треба, не постои во Законот, истакна Горан Митевски, претставник  од општина Куманово и поранешен  главен архитект на градот. Тој тоа го спомна како недостаток во Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Клучот, според него е во урбанистичкиот план. План кој треба да дава насоки. Заради тоа, Митевски посочи дека локалните единици од државните институции немаат голема помош во овој процес. Заклучувајќи дека градовите во Република Македонија имаат застарени Генерални Урбанистички Планови, предложи државата финансиски да ги помогне општините во изработката на тие планови, со оглед на фактот дека плановите ги даваат главните насоки за состојбата на терен.

Според Катерина Шојиќ од НРЦ и адвокатот Зоран  Ристески главните проблеми со кои  се соочуваат Ромите се од имотно-правна природа, како и недоволната информираност  за видот и обемот на документи  или постапки кои влијаат за продолжување на постапката за легализација. Постојат ситуации кога подносителите на барањата за легализација треба да решат некое претходно прашање па дури тогаш да ја продолжат постапката за легализација, на пример да се изложи земјиштето на кое се наоаѓа објектот кој е предмет на барањето за легализација, да се утврди право на сопственост или користење на земјиштето, да се бара исполнување на обврски од договори кои не се спроведени до сега во врска со земјиштето.  Голем е бројот на случаи кои се проблематични заради комплицирани  оставински постапки, пример законски наследници се заминати во странство или пак треба време да се собере документацијата за отпочнување на оставинска постапка. Шојиќ, во излагањето потсети дека од стапувањето на сила на Законот поднесени се 350,000 барања за легализација на територијата на цела држава, што зборува во прилог за важноста од донесување и спроведување на Законот и соочување со сите предизвици кои ги носи Законот.

На тркалезната  маса присуствуваа и граѓани кои ги искажаа нивните искуства со процесот на легализација на бесправните објекти, и проблемите со кои се сретнале низ процесот. Присутните ја поздравија реализацијата на проектот кој на добар начин и помага на една маргинализирана група да оствари право на сопственост и домување.

[post_gallery]