„Домувањето е повеќе од 4 ѕида и кров“
Околу илјада жители на ромските населби бараат подобри услови за домување
Заедничката акција е дел од активностите на Националниот ромски центар (НРЦ) во рамки на проектот „Адекватно домување за Роми“, во партнерство со уште шест други граѓански здруженија, („Авена“ Кочани, „Пралипе“ Крива Паланка, „Баирска светлина“ Битола, „Ромска солза“ Прилеп, „Амбрела“ Шуто Оризари и „Паблик“).
Акцијата се спроведува во девет општини: Карпош, Шуто Оризари, Крива Паланка, Битола, Куманово, Кочани, Прилеп, Тетово и Штип, и тоа преку реализација на кампања за поттикнување на граѓанско учество на локално ниво за хуманизација и урбанизација на населби во кои живеат Роми.
Акцијата за застапување вклучуваше барање од граѓани за промена на јавни политики за адекватно домување и урбанизација на локално и национално ниво.
Документарниот филм „Домувањето е повеќе од четири ѕида и кров“ беше прикажан низ девет ромски населби во Македонија, како дел од патувачки караван чија цел е унапредување на правото на адекватно домување на Ромите.
Над 2000 граѓани беа информирани за правото на адекватно домување, нивните права, обврски и улога; околу 1000 жители на урбани заедници ги поддржаа локалните акции за застапување во врска со реални потреби на граѓаните во насока на подобрување на стандардите за живеење.
Факти од терен:
- Околу 200 луѓе од целниот регион го пропуштиле рокот во 2011 година за поднесување на барање за легализација од најразлични причини (не биле во Македонија, не биле информирани)
- Околу 500 луѓе не изготвиле геодетски елаборати за легализација (не ги исполнуваат условите за бесплатен елаборат од АКН, многу мал број поднеле барање – не добиле одговор, некои се во очекување на изработка)
Специфики на урбани заедници во ЕЛС:
- Општина Прилеп засилено работи на инфаструктура и легализација, но сепак имаме дел од населба без осветлување и спора динамика на решенија за легализација.
- Во Општина Крива Паланка голем број на Роми немаат воопшто поднесено барање за легализација, а оние што имаат поднесено сеуште немаат добиено одлуки, а од друга страна го истакнаа проблемот дека целата ромска населба на улица Единство има стар систем за вода со азбестни цевки.
- Во Општина Битола голем број на Роми немаат воопшто поднесено барање за легализација, а оние што имаат поднесено сеуште немаат добиено одлуки, населбата Баир е голема нема јавно игралиште за млади, дел од населбата е без пристап до инфаструктура.
- Во Општина Штип дел од ромската населба нема асфалт, вода, канализација, многу спора динамика на решавање на барањата за легализација, нема урбанистичка документација.
- Во Општина Кочани дел од ромската населба не е урбанизиран, немаат сите легално приклучок на водовод и канализација, и нема пробиен пат до дел на населбата.
- Во Општина Карпош легализација се одвива со спора динамика, Ромите живеат претежно во населба Злокуќани каде сите немаат пристап до основна инфраструктура, не се опфатени сите со урбанистичко-планска документација.
- Во Општина Куманово населбата Средорек иако има 300 подносители на легализација нема ниту едно решение за легализација од 2011 до сега, иако има голем број на комплетирани предмети со поднесени елаборати, особено не се постапува кога треба да одлучува Советот на Општината, населбата нема пристап до инфаструктура во сите делови, не е опфатена со урбанистичко – планска документација за домување.
- Во Општина Тетово легализацијата на ромските домови се одвива со многу спора динамика во општината, особено кога треба да одлучува Советот на Општината, жителите имаат проблеми со решавање на оставина и решавање на други имотно-правни прашања.
Предлози:
- Општините засилено да работат на постапките за легализација особено кога постапката е прекината и по службена должност е доставено барање до Совет за одлучување за усогласување на намени (објектот и земјиштето) или проширување на планскиот опфат
- Интензивирање на службена комуникација и постапување помеѓу општините и Катастарот во случај кога бесправниот објект е изграден на земјиште без запишани права и општината во рок од 10 работни дена треба да достави барање до АКН за спроведување на постапка на запишување на правата врз земјиштето по службена должност без трошоци за странката
- Министерството за транспорт и врски да ја исполни својата законска обврска за надзор над спроведување на законот и подзаконските акти за легализација
- Почитување на законските рокови во постапката за легализација
- Вклопување на легализирани објекти во урбано-планска документација
- Урбанизација, хармонизација и уредување на просторот во ромските населби
филм – http://static.nationalromacentrum.org/pres28.04/Kratok%20film%205%20min.mp4.filepart