Во месец ноември 2016 година Национален ромски центар при поделба на училишен прибор и ранци на првачиња, на децата им подели и повик за учество во награден конкурс. Децата кои подготвија цртежи и ги доставија до центрите на НРЦ и партнерските организации беа наградени со сладок учулушен пакет. Пакетот покрај чоколади, колачиња, бонбони и грицки, содржеше и фломастери, пластелин, дрвени боички, мрсни бои, тетратки, што треба да ги мотивира да продолжат да се трудат на училиште и да бидат одговорни во поглед на поставените задачи.

 

Мевљана сака да ја „фризира“ Мерве

Мевљана Велиова е прекрасно седумгодишно прваче кое учи во училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани, кај учителката Гордана. Има тригодишна сестричка Мерве, за која знае да се грижи со голема сестринска љубов. Кога ќе порасне сака да биде фризерка, затоа што многу сака да пегла коса. Ужива во цртањето и во игрите со сестра и, која не ретко и е муштерика во „фризерскиот салон“. Додека си разговаравме таа ни испеа неколку песнички и ни раскажа дека на цртежот го нацртала училиштето, нејзината куќа, другарот со кого оди во училиште и школскиот ранец. Во Отвореното детско катче на „Романо вило“ сака да доаѓа за да црта и да си игра. Пакетчето кое го доби за цртежот, ќе го јаде заедно со Мерве.

mevljana

 

Емер ќе биде шампион во летање гулаби

Емер Џеладинов учи во О.У. „Малина Поп Иванова“ во Кочани, кај учителката Марија. Знае сè за гулабите, тоа му е „хоби“. Со другарите сака да игра топка и јурија, но сепак со задоволство им се враќа на гулабите секој ден, да ги храни со пченица, да ги лета високо, да ги „врти“, ги учи да му стојат на рамо и вели дека не се сите исти, имало азмани, батаци, мисири… Цртежот што ни го нацртал е богат со форми и со бои, со многу весели и насмеани детски лица, токму онака како што треба да црта и да замислува една мала умна глава.

emer

 

Ѓизем најмногу сака да си игра со тато

Ѓизем Шаинова има 6 години, оди во прво одделение, кај учителката Јуле. Кога не е на школо најмногу си игра со куклите и со детската кујна, заедно со другарка и Дилара. Има двегодишна сестричка Семра. Но, најубаво и е кога си игра со тато, тој најмногу го чува, косата и ја чешла, ја облекува, но затоа и таа нему кога е болен му дава парацетамол. Нејзиниот цртеж е детски едноставен – куќа, елка, сонце и облаци, но од друга страна е толку необично педантен, токму како малата Ѓизем.

djizem

 

Мерве ги има најубавите детски очиња

Мерве Адиловска ни нацрта голем, дебел Дедо Мраз со полна вреќа подароци од кого очекува пакетче. Тивка, молчалива, со најубавите детски очи, Мерве на кратко ни раскажа за детските игри што ги игра со другарка и Сула, но и за сестра и Сонка која има 15 години и најмногу ја чува. Слаткиот училишен пакет многу и се допадна, има се што треба во него, и ама баш ништо не недостасува.

merve

 

Бушра и елката со лампиони од молив

Бушра Азизова има 8 години и сакајќи да му помогне на брата си, нацртала прекрасна елка, а лампионите ги направила со гумичка од молив. Таа многу сака да си игра наставничка, а нејзини „ученици“ се двете помали братчиња. И кога ќе порасне сака да биде наставничка. Со тато сака да си игра „Не лути се човеку“ и секогаш тато победува. Со другарката Елеонора си игра фризерки, докторки и наставнички. Најмногу сака да јаде сарма.

busra

 

Исмаил кога ќе биде полицаец ќе ги носи во затвор сите крадци

Исмаил Јашаров ни нацртал дрво со цреши и училиште, но заборавил да ја нацрта учителката и децата. Многу сака да црта коли и пушки, но сега темата му беше „јас на училиште“, па не можеше да нацрта сè што сака.

Со тато секогаш си играат полицаец и крадец, со пушки и секогаш Исмаил е посилниот и го носи тато во затвор затоа што крадел. Кога ќе порасне сигурен е дека ќе биде полицаец. Дури и надвор кога оди во маалото пак си игра полицајци. Негово омилено јадење е леќата, но и по некоја чоколада и торта.

ismail

 

Тивката Амела многу сака да си црта

Амела Демирова е тивко, молчаливо прваче кое учи кај учителката Јованка во „Ванчо Прке“. Кога е дома сака да си гледа цртани филмови и да си црта. За конкурсот за сладок училишен пакет ни го нацртала училиштето и две деца, со „задолжително“ дрво и облаци.

amela

 

Езел во улога на Дедо Мраз

Ремзие и Езел се сестричка и братче кои многу сакаат да си играат заедно. Езел е прво одделение и побарал помош од сестра му, па заедно го изработиле цртежот за слаткиот училишен пакет. Со мама му е интересно кога играат ринге ринге раја. Кога разговаравме со Езел, тој се подготвуваше за новогодишната претстава во училиштето во која требаше да биде Дедо Мраз, па дури и нè „почести“ со изведба во живо само за нас.

ezel

 

Илајда ќе го дели пакетот со братчето

Илајда Агушева има 6 години и учи во О.У. „Гоце Делчев“ кај учителката Лидија. Мелек е нејзина сстричка која сеуште нема 1 година, а брат и Себајдин има 10 години. Кога ќе порасне ќе стане докторка и ќе ги лекува сите што ги знае и што не ги знае. Пакетчето ќе го дели со брат и, затоа што сестра и уште не јаде чоколади. На цртежот што го нацртала за нас го има училиштето, Илајда и Себајдин како ученици. Во слободно време многу сака да игра.

ilajda

 

Ѓулфидан ќе биде докторка 

Ѓулфидан Дурмишова учи во школото „Димитар Влахов“ кај учителката Горинка која ја нацртала на цртежот што го донесе во Отвореното детско катче на центарот за интеграција на Ромите во Штип. Многу сака да црта заедно со тато, па тој малку и и помогнал за да го заврши цртежот. Од Дедо Мраз сака да добие кукла и коцки. Кога ќе порасне ќе биде докторка. Пакетчето што го доби за цртежот ќе го дели со тато, мама, баба и дедо.

gjulfidan

 

Ислам ќе биде војник и ќе ги чува сестрите

Ислам Мамудоски е ученик во второ одделение во О.У. „Санде Штерјоски“ во Кичево. Тој живее со уште 6 сестри и со баба му. Татко му починал, а мајка му заминала. Ги чува најголемата сестра Алмира која има 13 години која дојде заедно со него во Центарот за пружање услуги на Здружението „Бела кула“. Тој нема многу играчки, но има една најважна – пушка. Сака да биде војник за да може да ги чува и да ги брани сестрите. Тој редовно оди во училиште и многу го сака предметот Англиски јазик, па нè „почести“ со една песничка на англиски. За цртежот малку му помогнала сестра му Алмира затоа што многу сакале да учествуваат на конкурсот и да добијат награда.

islam

 

И покрај сиромаштијата, Амела редовно оди во школо за да биде учителка 

Амела Мамудоска е една година постара од Ислам. Заедно одат на училиште, не испуштаат ниту еден ден. Знае дека мора да учи многу за да биде учителка кога ќе порасне. Кога нешто не и е јасно и помага поголемата сестра Алмира која завршила петто одделение и морала да го напушти училиштето за да може да ги чува помалите деца. Заедно со Амела беше дојдена и помалата сестричка Сара која има 6 години и која кога ќе порасне само сака да биде голема.

Многу сакаат да ја јадат чорбата од компири што им ја подготвува сестра им Алмира.

Децата живеат сами и секоја помош од добри луѓе им е добредојдена.

amela

 

Аиша многу сака да се шминка

Аиша Хусоска си има помало братче Мухамед, кој има 5 години, а таа има 6 и учи кај учителката Тања во „Санде Штерјоски“ во Кичево. Толку многу сака да се шминка што дури и кога ќе порасне сака да работи како продавачка на шминки, а може и на кукли. Ни нацрта многу убав цртеж, а себе си на цртежот си направила специјална фризура. Педантно ја исцртала и куќичката, а уште поубаво ја избоила.

aisa2

Адела ќе не вози во сино БМВ

Адела Реџепоска со нејзините 6 години е сигурна дека кога ќе порасне ќе работи како докторка и ќе ги лекува сите болни, ама е сигурна и дека ќе вози сино БМВ. Како најмало дете во семејството, таа е центар на вниманието. Особено ја чуваат постарите сестри. Штом дојде време за спиење таа си го гушка Олаф и потонува во нејзините убави детски сни.

adela

 

Барјам секој ден и помага на мама околу бебето

Бајрам Хусеиноски е прваче кое учи во О.У. „Санде Штерјоски“ во Кичево, кај учителката Јагода. Кога разговаравме тој очекуваше Дедо Мраз да му донесе кола и авионче. Многу сака да си црта и ни нацрта дополнително новогодишна елка и детенце. За учество на конкурсот за сладок училишен пакет ни нацртал неколку негови омилени животни. Татко му е на привремена работа во Швајцарија, работи со PVC прозорци и Бајрам кога ќе порасне ќе му помага на татко му во неговата работа. А, додека го нема тато тој многу и помага на мајка си и редовно и носи пелени кога го пресоблекуваат бебето Дамир.

bajram

 

Медине во улога на снегулка

Медине Адемоска ни нацрта многу убав цртеж на кој се нацртала себе си, со другарчето со кое оди заедно на училиште. На цртежот врне дожд, а тие двајцата си носат чадорчиња. Кога разговаравме со Медине, таа беше подготвена за учество на новогодишна претстава во училиштето „Добре Јованоски“, каде што треба да биде снегулка. Од Дедо Мраз очекуваше играчки и телефон, ама не вистински. Си има две поголеми сестрички Рабија, која има 11 години и четиринаесетгодишната Амиета со кои ќе го дели пакетчето (или коледчето како што го вика Медине).

medine

 

Мухамед со синиот мерцедес

Мухамед Узеироски многу добро ги знае сите видови автомобили и нивните „марки“, тоа многу го интересира и е сигурен уште сега дека кога ќе порасне ќе биде автомеханичар. Едвај чека да порасне за да може да вози. Многу сака да си игра со колички заедно со брат му, десетгодишниот брат Нуре. Од сите автомобили што ги знае, најмногу би сакал да вози мерцедес, и тоа син. За да си добие пакетче ни нацртал школо, дрво, а се нацртал и себе си и учителката.

muhamed

 

Шанел е вредно девојче

Шанел Бајрамоска е ученичка во I3 во О.У. „Добре Јованоски“ во Прилеп и за конкурсот за најубав цртеж навистина се потрудила и се нацртала себе си пред училиштето, токму како што се барање во повикот. Девојчето со прекрасна насмевка сака да оди во училиште, да се дружи со другарчиња, но и многу сака да помага на постарите во извршување на домашните работи.

sanel

 

Санел е вреден син и внук

Санел Салиоски е многу говорливо и интересно дете, а што е уште поважно вредно дете. Тој дома им помага на сите, кога не е во школо заедно со дедо му носи дрва, а на татко му му носи роба за дуќанот. Дури често пати помага и на мајка му за домашните работи и го чува малиот брат кој има само 1 годинка. Има и десетгодишна сестричка со која ќе го дели пакетчето што го доби за цртежот.

 

salioski

 

Северин препишува само шуруп за болните

Северин е сериозна мала госпоѓица која ни ги нацртала најинтересните големи цвеќиња што може да се нацртаат и највеселите дечиња во школо кои вежбаат на физичко. Таа ќе порасне голема и ќе стане докторка која нема да препишува инекции, туку само „шурупи“ на болните деца. Кога не е на школо многу сака да си игра со куклите и да реди коцки.

 

severin

 

Деан Арменд ќе заработи за да си купи ламборџини

Од Деан Арменд Алиов добивме многу интересен цртеж на кој ја нацртал нашата соработничка од Здружението Рома Перспектив при дистрибуција на училишните ранци и приборот. Веројатно тој настан му оставил впечаток. Инаку, Деан си има поголема сестра Ангела и брат Аркан, кои ќе ги вози во неговото црвено ламборџини што ќе си го купи кога ќе заработи како автомеханичар. Сега нема кола, затоа што татко му нема пари да му купи, а тој многу сака да вози.

dean

 

Сите болни кај Туркијана на боцкање

Туркијана Дервишоска штотуку беше дојдена од новогодишна прослава во училиштето каде што таа ја имала улогата на снегулка, па веднаш продолживме со настапот и ни изрецитира многу убава песничка, на уште поубав начин. Инаку, ни кажа дека ќе биде медицинска сестра кога ќе порасне и ќе ги боцка болните. На цртежот ја нацртала „големата“ учителка, затоа што веројатно многу ја сака, масички, столчиња, табла, неколку дечиња и тоа е тоа што ја сочинува училницата.

turkijana

 

Закир нацрта мноооогу убав цртеж

Закир Џафер е ученик во прво одделение, во О.У. „11 Октомври“ во Куманово. Неговата учителка се вика Николина. За конкурсот за најубав цртеж ни донесе еден од најубавите цртежи, со многу бои, целиот исполнет со детска замисла на училиштето, кое нормално треба да биде полно со многу деца. Токму таков е цртежот на Закир, убав, весел, разигран. Тој, таков мал, ама знае дека треба многу време да оди во школо, ако сака еден ден да стане учител. Додека си разговаравме во отвореното детско катче на НРЦ, Закир ни нацрта уште еден помал цртеж, со дете и куќа и со задоволство ни го подари. Пакетчето многу му се допадна, и ни кажа дека дома ќе го дели со тројцата браќа и сестричката.

zakir

Муса знае еден тон песнички

Муса учи во О.У. „Браќа Миладиновци“ во Куманово кај учителот Ѓоко. Зборлесто и весело дете е Муса. Ни кажа неколку песнички кои ги знаеше напамет беспрекорно. Низ разговор дознавме и дека е многу вреден, дека му помага на бато кога е болен, а знае и да чисти и да мете за да и помогне на мама. Цврсто е решен кога ќе порасне да биде полицаец.

musa

 

Ерол, Фабиола и двете прекрасни насмевки 

Ерол и Фабиола се брат и сестричка од вкупно 5-те дечиња во семејството Демировски. Тие се повратници од странство кои сега се вклучуваат во општествените процеси во државата. И двете дечиња се срамежливи и скромни, со две прекрасни насмевки. Интересно е што Ерол сака кога ќе порасне да работи во брза помош и да им помага на луѓето. Двете пакетчиња слатко ќе си ги изручаат со останатите браќа и сестри кои ги чекаат дома.

 

erolifabiola

 

Нада и Алмира се Schwestern

Нада има 8 години, а Алмира 7. Годинава се вратиле од Германија и се запишале во школо и двете учат заедно во прво одделение во О.У. „Браќа Миладиновци“. Слабо зборуваат македонски, па ни кажаа неколку песнички на германски затоа што таму оделе во школо. Ќе им треба малку време да се прилагодат и да научат, но умни девојчиња се Нада и Алмира.

nada-almira

 

Друштвената Амела постојано е опкружена со другарки

Амела ни кажа еден куп песнички, заедно со другарките со кои дојде во отвореното детско катче. Таа многу сака да оди на училиште, затоа то таму си има другари, посебно сака да си игра со Маца. Учителката Зорица за неа е пример и таа сака кога ќе порасне да биде како неа, учителка.  На цртежот се нацртала себе си, заедно со мама како се враќаат од училиште. Амела има поголема сестра Ајсела и поголем брат Ален и со нив заедно ќе го дели пакетчето.

amela-drustvena4

 

Фернандо е фудбалски фан

Фернандо многу сака фудбал, да гледа, но и да игра. Заедно со брата си Бајрам, гледаат, навиваат и секогаш е поинтересно кога навиваат за спротивни тимови, па „паѓа“ и по некоја караница. За пакетчето дојдоа дотерани, подготвени за училишната новогодишна претстава и фотографија со Дедо Мраз. Фернандо и Бајрам заедно учат, заедно гледаат фудбал, па заедно ќе си го делат и пакетчето.

 

fernando

 

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*