Отворена дискусија за предизвиците на ромската заедница во Македонија
Претставници од повеќе од 20 ромски здруженија од Македонија се сретнаа на 01.11.2012 (четврток), во просториите на ЕУ Делегацијата во Скопје, на иницијатива од Здружението Национален ромски центар (НРЦ), за да дискутираат за предизвиците со кои во моментов се соочува ромската заедница во Македонија; можностите за соработка на здруженијата како потенцијал за зајакнување на граѓанскиот сектор во насока на подобрување на состојбата на Ромите, како и за можностите за искористување на ЕУ фондовите наменети за граѓански организации.
На средбата се донесени следните заклучоци:
– утврдена е потреба од понатамошно континуирано неформално состанување меѓу ромските здруженија;
– поинтензивен и повидлив пристап со владините институции во Република Македонија одговорни за имплементирање на ИПА фондовите за иницирање проекти од ромски здрженија за заедничка имплементација според актуелните потреби на Ромите од Македонија.
– утврдување на можностите за стручно развивање на капацитетите на здруженијата во процесот на подготовка на проектни апликации, со помош од релевантни стручни тела (ЕУ Делегацијата во Скопје, ромски организации и тела на владата на Република Македонија);
– утврдена е потреба итно да се согледа можноста за обезбедување на одржливост на постоечките здруженија што во моментов се во финансиска неповолна положба, а имаат развиено професионални капацитети;
– да се иницира разгледување на актуелниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија од страна на ромските политички претставници и здруженија, за да се согледа актуелната ситуација на Ромите рефлектирана од честите препораки на земјите од Европската Унија и извештаите тесно поврзани со декадата на Ромите и националната стратегија;
– дадена е согласност следниот состанок да се одржи во декември оваа година.
На средбата учествуваа претставници од 20 организации активни на територијата на Македонија од Скопје, Тетово, Куманово, Кочани, Штип, Делчево и Велес. Претставници на организации од Прилеп, Битола, Крива Паланка, Дебар и Кичево ја поддржаа иницијативата.
Учесниците од средбата упатија брагодарност до Европската Делегација во Скопје за овозможените услови за одржување на средбата.