На изложбата што ќе се отвори на 8-ми април амбиентално ќе бидат поставени ромски носии, делови од секојдневна облека и украсни елементи кои се носеле некогаш и денес
По повод 8-ми април, Светскиот ден на Ромите, во Уметничката галерија во Куманово во 12 часот ќе биде отворена изложба со наслов „Ромската носија низ децении“. За Ромите овој ден е посебно значаен затоа што од 8-ми до 12-ти април 1971 год. во Лондон интелектуалци Роми од целиот свет го организираат првиот Конгрес. На истиот се донесени 8 резолуции меѓу кои позначајни се: одлука за ромско знаме, химна и името Роми да биде официјално за сите Роми во Светот.
На изложбата амбиентално ќе бидат поставени ромски носии, (секојдневни, свадбени и свечени) делови од секојдневна облека и украсни елементи кои се носеле некогаш и денес.
Покровител на изложбата и пропагандниот материјал (каталог, покани и постери) е Градоначалникот и Советот на Општина Куманово. Национален ромски центар и Националната Установа Музеј – Куманово се организатори и реализатори на настанот.