Прво овластено здружение запишано во Регистарот на здруженија на граѓани за претходна правна помош
По цела година од примената на Законот за бесплатна правна помош со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) запишано е првото здружение Национален ромски центар – Куманово (НРЦ-Куманово) во Регистарот на здруженија на граѓани за претходна правна помош, кој го води Министерството за правда на РМ. Со ова на граѓаните им се овозможува да ги користат капацитетите на НРЦ-Куманово и да добијат: (а) иницијален правен совет за правото на користење на правната помош, (б) општа правна информација и (в) правна помош во комплетирање на барање за бесплатна правна помош.
Поддршката од ФООМ е дел од потпрограмата „Поддршка на човековите права“ во која се вклучени и Македонското здружение на младите правници, Младинскиот културен центар – Битола и РОМА С.О.С. – Прилеп. Целта на соработката е да го олесни и поддржи воспоставувањето на системот на бесплатната правна помош во Република Македонија. Соработката е воспоставена од една страна за да се поддржат здруженијата да се регистрираат во Регистарот на здруженија на граѓани за претходна правна помош, а од друга страна да им помогне на граѓаните во остварувањето на бесплатната правна помош.
Со своите активности здруженијата ќе ги идентификуваат слабостите и пречките во имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош и ќе дадат препораки за нивно надминување за добивање поефикасен систем во кој граѓаните би имале можност целосно да го остварат правото на еднаков пристап до правдата.
Побарајте правен совет за правото на бесплатна правна помош на бесплатниот телефонски број 0800 44 22.