Заврши 10 Меѓународен салон на Стрип во Велес

Со слободни стрип разговори меѓу учесниците и гостите на 14.10 во Ликовниот салон во Велес се затвори 10 – от јубилеен Меѓународен салон на стрип.

Во рамките на салонот беше промовиран стрипот „Другарчиња“, кој е публикуван и издаден од страна на Националниот ромски центар. Стрипот е подготвен според истоимениот расказ на Ирфан Мартез, додека илустрацијата е на Фросина Трендафиловска.

Истата вечер беше промовиран стрипот на Сибила и Иван Коритареви од Бугарија. За новините од косовската стрип сцена говореше и Гани Сандури.

Инаку во рамките на Салонот на стрип, чиј организатор е Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, се одржаа повеќе работилници, предавања, а работеше и стрип берзата. Најмладите љубители на стрипот имаа единствена можност во техниките на цртање на стрипот на посебна работилница да ги подучува специјалниот гостин на Салонот на стрип, италијанецот Мауро Лоренти кој  веќе дваесет години го црта популарниот стрип јунак Загор стар педесет години.

На салонот на Стрип и годинава беа доделени наградите златен стрип на најдобрите од бројните стрип цртежи кои пристигнаа на распишаниот конкурс, како и признанијата за популаризирање на македонскиот стрип.

[post_gallery]