Промоцијата на Петгодишниот извештај, подготвен со поддршка од Институт Отворено Општество (РИО) – Будимпешта, се одржа на 16 ноември 2011 во Хотел „Александар Палас“.
Петгодишниот извештај на здружението Национален ромски центар (НРЦ) е тесно поврзан со петнаесетгодишното работење на неговите основачи во невладиното движење. Во нова идеја НРЦ се транформира од 2005 година, со цел да го зајакне и визуелизира гласот на ромската заедница пред институциите и пошироката јавност, како во Македонија така и надвор од нејзините граници.
На свеченоста по повод публикувањето на Извештајот присуствуваа амбасадори, претставници од институции, фондации, организации и поединци, соработници на НРЦ.
Г-динот Бернард Рорке, од ИОО Ромски Иницијативи од Будимпешта, спречен во намерата да присуствува на промоцијата ја упати следната порака до присутните:
„Жалам што не можам да бидам со вас во оваа прилика. Му честитам на Националниот ромски центар за успешното завршување на огромната работа и за постигнувањата од 2005 година. Тимот на НРЦ е посветен на зајакнување на позицијата на Ромите, осигурувајќи нивните гласови да бидат слушнати, како и бранејќи ги човековите права. Вашата секојдневна работа во образованието, здравството, домувањето, правата на жените и правната помош значи дека врската со локалните заедници никогаш не е изгубена и секогаш е динамична. Исто така значи дека вашето застапување на национално и меѓународно ниво има специфична тежина кога е во прашање борбата против дискриминацијата во борбата за еманципација на Ромите во Европа. На сите од тимот на Националниот ромски центар им посакувам добро здравје и понатамошни успеси. “
Г-динот Ашмет Елезовски во своето воведно обраќање истакна:
„Радува кога човек ќе се сврти наназад и ќе види дека визијата станала реалност, идејата прераснала во акција, а нашата акција предизвикала реакции како на домашен, така и на меѓународен план.
Радува кога од организација од петмина истомислиници станавме институција на граѓански активисти, прераснавме во партнер на државни институции, креатор на политики, лобист, борец за подобар живот на Ромите, но и на сите граѓани на кои им се загрозени основните човекови права.
Радува кога човек ќе застане за момент во канцеларија каде и покрај пренатрупаните обврски, случајните минувачи, крајните рокови, службените патувања, домашните проблеми…, може да види дека тимот луѓе од НРЦ се се уште главните столбови што ја држат организацијата на здрави основи.
Ете. Случајно или не, делумно ви ја открив нашата тајна за успех. Но, верувајте ни најмалку не е лесно да се промени општеството околу вас. Првата поддршка ја добивме од Институтот Отворено Општество од Будимпешта. Со Ромскиот образовен фонд го подобривме образованието на Ромите. Станавме европски партнер кој вистински придонесува за промени во општеството и тоа во срцето на стариот континент – Брисел.
Денеска е и Светскиот ден на толеранцијата. Во тој дух, не би сакал да ве принудувам премногу да го толерирате ова обраќање. Впрочем, фалењето на самиот себе никогаш не ми била јака страна. Јас лично, а и целиот НРЦ, подобри сме на терен, на составување проекти и нивно споведување во пракса, посилни сме кога разговараме со аргументи, кога лобираме за законски регулативи. Сето тоа, а и многу повеќе ќе имате можност да видите во извештајот за нашата досегашна работа.
Мислам дека доволно кажав. Оставам понатаму да зборуваат делата на НРЦ.
Драги гости, ви благодарам што одвоивте малку од вашето скапоцено време да бидете со нас. Ви благодарам за вашата долгодишна поддршка и соработка. Се надевам и посакувам и во иднина заедно да бидеме на истата страница од книгата испишана со успеси.
На крај, од се срце сакам да им се заблагодарам на моите колеги од НРЦ, на тимот на НРЦ како и на сите наши соработници.
Без Вас, едноставно НРЦ немаше да биде НРЦ! Затоа, Ви благодарам!“
Петгодишен извештај – download
[post_gallery]