Шесте овластени здруженија кои обезбедуваат бесплатна правна помош побараа од Министерот за правда вклучување во процесот на изработка на Стратегијата за јакнење на правосудството (2014 – 2017)
Шесте здруженија кои обезбедуваат бесплатна правна помош, Македонското здружение на млади правници, Национален Ромски Центар – Куманово, Младински културен центар – Битола, ЕХО – Штип, Избор – Струмица и Рома С.О.С – Прилеп побараа од Министерот за правда активно вклучување во процесот на подготовка на Стратегијата за јакнење на правосудството (2014 – 2017). Поконкретно здруженијата бараат учество во овој стратешки документ во однос на бесплатната правна помош и пристапот до правда за сиромашните иранливи категории на граѓани. Со вклучувањето во процесот на креирање на Стратегијата здруженијата ќе можат суштински да придонесат во креирањето на политиките кои се однесуваат на олеснувањето на пристапот до правда во граѓански и управни работи. Дополнително, вклучувањето на здруженијата во процесот на подготовка на политиките е законска обврска на државните органи согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа, но и одговорност која произлегува од Стратегијата за сорабока на Владата со граѓанскиот сектор (2012-2017).
Шесте здруженија кои се овластени од Министерството за правда да обезбедуваат бесплатна правна помош, согласно Законот за бесплатна правна помош, финансиска и програмска поддршка добиваат од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Во прилог е поднесеното барање до Министерот за правда.
Повеќе детали за работата на овластените здруженија можете да добиете на www.pristapdopravda.mk