Претставници од Европскиот центар за правата на Ромите на нивно барање ја посетија канцеларијата на НРЦ со цел да разменат информации во процесот на подготовка на нивниот извештај за Македонија.
Ѓорѓе Јовановиќ, истражувач координатор, Идавер Мемедов, правник и Мустафа Асановски, монитор за човекови права пројавија интерес за размена на информации од областа на образованието, личните документи и домувањето.
Целта на средбата беше да се соберат информации и мислења од невладиниот сектор што подоцна ќе бидат анализирани преку извештајот за Македонија на Европскиот центар за правата на Ромите.
Претставници од НРЦ информираа за тековните активности и резултати од областа на образованието, со акцент на Прирачникот за заштита и спречување на дискриминацијата во воспитно-образовниот систем во Република Македонија, како и значењето на работата на ромските образовни медијатори. Претставниците од ЕРРЦ искажаа особен интерес за застапеноста на ромските ученици во специјалните паралелки.
Од областа на домувањето беше презентирана досегашната активност на НРЦ што во текот на август-септември 2011 беше реализирана со поддршка од ФООМ, во партнерство со Хабитат Македонија. Раководителот на правната програма во НРЦ, Катерина Шојиќ ја појасни сложеноста на постапката за легализација на бесправно изградените објекти, како и можните ризици со кои допрва ќе се соочуваат ромските семејства кои го започнаа процесот на легализација.
[post_gallery]