На 24.07.2013 година во Куманово се одржа средба со претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски, на која беа дискутирани повеќе случаи на дискриминација на граѓаните, особено на припадниците на ромската заедница.
Националниот Ромски Центар од Куманово, во соработка со Комисијата за заштита од дискриминација, организираше информативна работилница со ромската заедница на која беа промовирани механизмите за заштита на човековите права, односно принципот на недискриминација, работата на Комисијата и информирање за начинот на поднесување претставки, Законот за спречување и заштита од дискриминација.
На работилницата со претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски беа потенцирани низа проблеми меѓу кои како најзначани:
- Односот на ЕВН АД Македонија – кон граѓаните од ромската зaедница;
- Остварувањето на правото на социјална парична помош и родителскиот додаток за трето дете;
- Вработувањето;
- Забраната за патување во странство.
Беше потенцирано дека од страна на ЕВН Македонија се обвинуваат Ромите за кражба на струја, во поголем број на случаите се докажува дека тие не го сториле тоа дело и со таа постапка од страна на ЕВН се стигматизира ромската зедница и граѓаните се ставени во многу непријатна положба. Граѓаните со оглед на нивната социо-економска положба не се во можност редовно да ги плаќаат фактурите за електрична енергија постојано се соочуваат со тужби, извршни постапки, прекин на електричната енергија и на тој начин се загрозени основните животни услови.
Овој проблем е потребно да се истакне на повисоко општествено ниво каде државата би гарантирала минимум социјални стандарди за живот на сите граѓани и каде граѓаните кои се во тешка материјална состојба би биле заштитени од државата.
Во делот на остварувањето на правата од социјалната заштита, како и правата утврдени со законот за заштита на децата, се поставуваат превисоки услови, граѓаните ги губат нивните основни социјални права и се ставаат во нееднаква положба. Проблематичен е родителскиот додаток за трето дете каде правото било одобрено и подоцна по неколку години од мајките се бара да го вратат целокупниот примен износ бидејќи не исполнувале одредени услови кои подоцна биле воспоставени. Во делот на вработувањето и покрај тоа што бројот на дипломирани Роми се зголемува од година во година, ситуацијата е во мирување и Ромите многу тешко доаѓаат до вработување.
Како едно од клучните прашања каде е евидентна дискриминацијата кај Ромите е забраната на патување односно за премин на македонската граница. Граѓаните Роми без никаква причина се враќаат од границите и на тој начин посочувајќи ги како виновници за прекршување на шенген виза системот. На ваков начин се врши директна дискриминација и кршење на правото на слобода на движење по етничка основа. Невозможно е службениците да претпоставуваат дека секој граѓанин Ром, веднаш кога ќе ја напушти државата во првиот момент негова цел е кршење на шенген виза системот. Неспорен е фактот дека постои одредена група на граѓани кои имаат побарано азил претежно во СР Германија, но тоа не значи дека сите тие се Роми. Проблемот со барателите на азил како и луѓето што ја напуштаат Македонија е суштински повеќеслоен, социо-економски и тој извира како резултат на условите на живот како и можностите за економски просперитет, но во никој случај не може да се врзе исклучиво на ромската зедница во Република Македонија. Врвна правна вредност е правната сигурност. Државата мора да изгради систем на правни стандарди со кои ќе гарантира правна сигурност на сите граѓани. Ромите се конститутивен народ и без тоа тие мораат да ги уживаат сите права подеднакво со сите граѓани во Р. Македонија. Доколку граѓаните Роми го немаат оваа чувство во сопствената држава и постојано се сочуваат со правење на разлика на нив во однос на другите, тоа е сериозен проблем на општеството.
[post_gallery]