НРЦ организираше обука на кандидатите за ромски образовни медијатори во рамките на проектот „Вклучување и продолжување на образовниот процес“
НРЦ на 8 март 2011 објави конкурс за времен ангажман на ромски медијатори кои ќе бидат вклучени во проектот „Вклучување и продолжување на образовниот процес“, финансиски поддржан од Ромскиот образовен фонд. Конкурсот ги покриваше општините: Гази Баба, Куманово, Штип и Прилеп.
За учество на обуката, што се организираше во периодот 24-26 март 2011 година, беа изберени вкупно 10 кандидати: Сара Сејфула, Мемет Мемет и Александар Петрушовски за општина Гази Баба; Дениса Селимоска и Нури Дервишоски за општина Прилеп; Сабина Асанова и Ајша Демировска од општина Штип; Мартина Асановска, Марија Муртезовска и Ирфан Мартез од општина Куманово.
Првиот ден на обуката започна со воведно обраќање на менаџерот на НРЦ и координатор на проектот, Ашмет Елезовски, кој посочи дека работата е сериозен и одговорен ангажман. Тој напомена дека сите вклучени имаат одговорност кон институциите на системот, но и кон самата ромска заедница, се со цел што поуспешно вклучување и задржување на ромските ученици во воспитно-образовниот систем.
Во продолжение проектниот асистент, Славица Ќурчинска им ги презентираше проектните активности и целта на проектот, како и работни задачи на медијаторите. На кандидатите им беше објаснета мисијата на проектот целосна инклузија на ромските деца во редовно основно образование преку (а) подобар пристап до квалитетно образование за ромските ученици и (б) минимизирање или елиминирање на нивото на отпишување на ромските ученици. Подетално им беа објаснети целите на самиот проект и улогата на образовните медијатори во четирите општини, ангажманот на медијаторите и деталниот приказ на нивните активности.
Кандидатите за медијатори се претставија и на кратко ја објаснија мотивацијата за работа како образовен медијатор. Центарот за компетенции и сертификација ја започна обуката со запознавање на кандидатите со комуникациски вештини (вештини на комуникација, слушање, говор на тело, техники на поставување на прашања и давање на повратна информација). По презентирањето на комуникациските вештини кандидатите имаа практични вежби со вежбање на улоги на медијатор, родител и стручна служба на училиштето. По завршување на оваа вежба кандидатите имаа дискусија, можеа да поставуваат прашања поврзани со комуникациски вештини и ситуации од терен со кои би можеле да бидат соочени.
Вториот ден на тренингот, започна со дополнителни вежби и техники за давање на повратна информација и комуникација со институциите од една страна и комуникација со ромските семејства од друга страна. Понатаму следствено се презентираше и надминувањето на конфликтни ситуации и нивно разрешување доколку се појават при секојдневно извршување на работните задачи на медијаторите. Причините за појава на конфликтни ситуации во вид на стеротипи, предрасуди и перцепции се анализираа од перспектива на кандидатите и од можните ситуации на терен. Улогата на медијаторите во системот на образование и во самата заедница е тесно поврзана со застапувањето на интересите на ромската заедница и лобирањето како специфична алатка на застапувањето. Токму поради тоа и наредната работна сесија беше посветена на застапувањето (што е застапување и резултати од застапување, стратешко делување и пристап базиран на право, лобирање).
Третиот ден на обуката започна со воведно излагање на директорот на Управата за развој и унапредување на образование на јазиците на припадниците на заедниците, Реџеп Али Чупи. Директорот на Управата своето излагање го започна со надлежностите на МОН и на Управата како орган; активности кои ги превзема Министерството за вклучување на ромските ученици во воспитно-образовниот систем; посебни мерки кои ги спроведува Министерството во вид на стипендии за ромски ученици во средно образование; јавни политики на МОН, и посебно обраќање на директорот за мотивирање на кандидатите за медијатори. Директорот понатаму истакна дека целта на проектот на НРЦ е вклучување и континуитет на образовниот процес за ромските ученици во основно образование, со целна група пред се на првачињата, а МОН ги поддржува активностите на НРЦ за институционализирање на медијаторите во воспитно-образовниот процес и воведување на образовен медијатор како профил на вработување. Најголемата придобивка на проектот е како што истакна директорот Чупи, заеднички да се радуваме на резултатите, кога ќе се согледаме дека оние на кои сме им дале поддршка успеале.
Тренингот понатаму продолжи со информирање во поглед на законските процедури за упис (со посебен осврт на разгледување на состојбата на ученици кои поради заминување на привремена работа го напуштиле образовниот процес); комуникација во училиштата и заедницата (медијатор – училиште – родители – ученици, поделба на обврски и одговорности); мотивација (како да се мотивираат учениците за редовно следење на наставата) и последната сесија беше посветена на заклучоци и евалуација на обуката.
Првата сесија во однос на законските одредби од Законот за основно и средно образование им беше краток вовед во запознавање со воспитно-образовниот систем, понатаму во истата сесија беше дискутирано и за концепцијата за деветогодишно основно образование; запознавање со поимите наставен план и наставна програма, годишна програма, дополнителна настава; запишување на учениците; права и обврски на учениците; оценување на постигања и напредувањето на учениците.
Втората и третата сесија продолжи со дополнителни активности насочени кон мотивација на кандидатите и креирање на позитивна атмосфера за работа во училишта и во заедницата, однос кон работата и улога на медијаторите. Кандидатите имаа дополнителни вежби за креирање на однос за соработка кон училиштето и внатре во самата ромска заедница.
При крајот на тренингот кандидати изнесоа свои заклучоци за самата обука, видно задоволни од структурата и содржината на сето она што беше изнесено за тридневните работни активности.
Оценката на кандидатите за медијатори на обуката за материјалите кои им беа доставени се високо вреднувани, задоволни се од организацијата и од квалитетот на обучувачите.
[post_gallery]