НРЦ на меѓународна конференција за жените Ромки и патувачи
Извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски присуствуваше на шестата по ред Меѓународна Конференција за жените Ромки и патувачи, која се одржа на 6 и 7 ноември во Советот на Европа, во Стразбург Франција. НРЦ ја имаше таа чест да присуствува на оваа конференција на која присуствуваа повеќе од 80 претставници од европските и земјите од Западен Балкан. Конференцијата настојува да се зголеми политичкото учество и присутност на жените Ромки и патувачи на сите нивоа на парламентарната демократија. Преку оваа конференција, се очекува непосредниот исход да биде залогот на националните политички партии да преземат чекори за да обезбедат зголемена родова рамноправност, како и учество на ромските жени во политичкиот живот.
„Пораките беа многу јасни дека жената Ромка има право да биде дел од политичките процеси, да донесува одлуки кои ќе ја унапредат нејзината положба“-изјави Елезовски.
На конференцијата свои излагања имале повеќе парламентарки и претставници од повеќе држави, експерти на Комитетот на ОН, меѓу нив и Сораја Пост, европратеничка, припадничка на ромската етничка заедница од Шведска. Во вториот дел присутните дискутирале за учеството и системската поддршка во изборниот процес, на кој дебатираа припадници од локалните, регионалните комитети од повеќе држави на Европа, претставнички од Романија кои се залагаат за поголемо учество на жената Ромка во политиката. Меѓу дебатите имало излагања за квоти при гласање на Ромите и патувачите.
„На дебатата на која се осврнав, потенцирав дека жените се богатство и столб на семејството и на заедницата.Жените Ромки се уште не можат да бидат дел од политичкиот естаблишмент, бидејќи нема сериозно планирани буџети на локално, регионално, национално и европско ниво, кога ќе се отворат буџетите може да се планира сериозно и суштинско учество на жените во политиката“-рече Елезовски.
На дебатите и на конференцијата биле изнесени и искуствата од организациите кои ги помагаат пратениците во насока на унапредување на положбата на Ромите, но и видувања на уметници, активистки. На дебата Елезовски упатил апел до земјите членки на Европа каде што има поголем процент на Роми да работат на јакнење на нивните капацитети, за да не бидат, како што рече, погрешно претставени Ромите, чија бројка се движи од 15 до 18 милиони.
„Сите учесници ја испратија пораката дека е потребна стратегија и буџет за поголемо учество на жената Ромка во политиката“-рече Елезовски.
Советот на Европа, ја организира конференцијата, со цел да го унапреди учеството на жените во политиката и јавниот живот. Претходно, Советот на министри од Советот на Европа во март 2016 го усвои тематскиот Акционен план за инклузија на Ромите и патувачите кој го опфаќа периодот од 2016 до 2018 и тој меѓу другите приоритети, опфаќа и унапредување на улогата на жената Ромка и промоција на полова еднаквост.