2011 ФАРЕ акциона недела

Национален ромски центар во соработка со ФАРЕ мрежата и оваа година се приклучи на одбележување на ФАРЕ акционата недела „со фудбалот против расизам“, што траеше од 12 до 25 октомври.

Активностите кои НРЦ ги презема за оваа акција се состоеја во информирање на основните и средните училишта во градот, информирање на градоначалникот и медиумите за централниот настан што се одржа на 25 октомври 2011 година на плоштадот во Куманово.

Од секое училиште беше назначен тим од ученици и наставник по физичко воспитание кои присуствуваа на централниот настан. На сите училишни тимови им беа поделени мајци и фудбалски топки со наслов на кампањата и беа поделени флаери со содржина од областа на антидискриминацијата.

Во времетраење од час и половина младите имаа можност преку спортски активности, (жонглирање со топка) да ја испратат пораката до јавноста за зближувањето преку спортот. Со ова се покажа и потребата дека на Куманово како град му треба повеќе спортски простор и спортски активности.

Овој настан успешно беше реализиран и оваа година, поради вниманието кое го привлече меѓу учесниците и присутните граѓани на плоштадот. НРЦ изразува особено задоволство што младите основци и средношколци беа од различни националности и беа присутни и момчиња и девојчиња кои присуствуваа и на дело покажаа како со другарување и спорт се рушат некои наметнати бариери и граници.

Наставниците порачаа дека има потреба од организирање на повеќе вакви акции со помасовно учество и со ваква тематика како би се постигнала интеграцијата и соживотот.

„СИТЕ НИЕ СМЕ ЛУЃЕ, СЕЧИЈА КРВ Е ИСТА БОЈА“  – Самуел Ето

[post_gallery]