Делегација на БЕНЕЛУКС во Македонија
Клучните предизвици во областа на човековите права во Република Македонија и размена на мислења по ова многу важно прашање во земјата. Ова беше главната тема на вечерната средба која што на 10 септември ја организираше амбасадорката на Кралството Холандија во Република Македонија Marriet Schuurman, а на која присуствуваше делегација на земјите на БЕНЕЛУКС.
Делегацијата беше предводена од заменик директорот на секретаријатот на европска соработка од Холандија на Министерството за надворешни работи, придружен од директорот на секретаријатот за мултилатерални работи од белгиското министерсто за надворешни работи, и директорот на секретаријатот за политички работи на Министерството за надворешни работи на Луксембург.
На средбата на која беа поканети граѓански активисти, новинари, судии, политичари, адвокати од државава, присуствуваше и учествуваше со свои погледи и ставови и Ашмет Елезовски, извршен директор на Националниот Ромски Центар (НРЦ) од Куманово.
Елезовски ги застапуваше интересите на Ромите во Македонија. Тој ги посочи честите посети на делегации и на дипломати од европските институции, кои се добредојдени, но даде посебна забелешка дека тие често забораваат во нивните изјави да го пренесат ромското прашање во вистинско светло.
Тој укажа на прекршувањето на уставните права на ромските граѓани (право на слобода на говор, слобода на движење – профилирање на граничните премини само за Роми, нелогични судски одлуки и високи казни за ромски прекршители, нерамноправен и несоодветен третман на право на користење на социјални и здравствени права, лоши, субстандардни услови за живеење – неможност за легализирање на ромските домови, и најважно, немање можности за вработување).
Елезовски, како истакнат ромски интелектуалец и претставник на високото претставничко ромско тело во Европа – Европски Ромски и Патувачки Форум (ЕРТФ) од Стразбур, укажа на потребата дека треба да се зголеми посветеноста на стгранските делегации кон ромското прашање и поинтезивно вклучување на ромското прашање, како политички проблем, во агендите како на европските, така и на балканските земји.