Верувам дека преку активностите кои следат во рамките на декадата на Ромите ќе се продолжи со понатамошен напредок на состојбата на ромската популација пред се во домувањето, здравството, вработувањето и образованието како клучни во секојдневниот живот, изјави претседателот Иванов.

Скопје, 7 април 2011 – По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска организираше прием за претставници на ромската заедница – политичари, уметници, спортисти, активисти.

Претседателот Иванов во своето обраќање посочи на потребата од зголемена активност за целосно интегрирање на ромската популација во македонското, но и во европските општества, потенцирајќи дека Македонија е лидер во овозможување и почитување на малцинските права на Ромите, како рамноправни граѓани на земјата.

– Ситуацијата со ромската заедница во Република Македонија и степенот на права кои таа ги ужива се пример за целиот свет. Во нашата земја Ромите имаат можност да се образуваат на својот мајчин јазик, да гласаат за своите партии и кандидати и да бидат претставени во сите институции на државата. Токму во земјата постои мнозинска ромска општина каде на чело на општината е градоначалник од Ромска националност и каде што ромскиот јазик е во службена употреба, нагласи Иванов во поздравното обраќање.

Македонија оваа година го презема претседателството со Декадата за вклучување на Ромите, иницијатива во која се вклучени 12 земји.

– Верувам дека преку активностите кои следат во рамките на декадата на Ромите ќе се продолжи со понатамошен напредок на состојбата на ромската популација пред се во домувањето, здравството, вработувањето и образованието како клучни во секојдневниот живот, изјави Иванов.

На 8 април се прославува ромската култура, историја и идентитет, и се прават напори за подигање на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат Ромите во сите земји, како најголемо етничко малцинство во Европа.

[post_gallery]