Дискусијата на темата „Роми 2015, Роми 2020, Роми…?“ беше уште еден момент заеднички со нашите соработници, подржувачи, експерти, истражувачи, претставници на меѓународни организации обид да се одговори на комплексното прашање како да се позиционира работата на граѓанскиот сектор за да се продолжи со реално согледување на потребите на ромскиот народ во Република Македонија, имајќи ги во предвид националните и локални практики

 

Од дебатата во ЕУ Инфо центарот, по повод 10-годишното работење на здружението произлезе потребата за вистинска промена во секојдневниот живот на Ромите преку поголем ангажман за подобро интегрирање на ромската заедница во општеството.

– НРЦ денеска испраќа порака до домашните фактори и релевантни институции и граѓани дека ние сме Македонија. Во нас е иднината на нашите деца и можноста за подобрување. Меѓутоа за реализирање на сето тоа потребна е позитивна атмосфера. Позитивни погледи за приближување до сите меѓународни стандарди, прилагодени со домашните регулативи, бидејќи ако Ромите се конститутивен народ тогаш треба да ги уживаат подеднакво сите права како и сите, порача Ашмет Елезовски, извршен директор на НРЦ.

Резултатите од нашата работа покажуваат, рече Елезовски, дека Ромите се дел од оваа татковина. Ромите се дел од овој процес. Но, потребен е поголем ангажман за запирање на зголемената дискриминација и расизам.

– Сиромаштијата не засега сите без разлика на верската и национална припадност, но сето тоа може да се надмине доколку има волја, одговорност и ангажираност. Потребно е дејствување и ширење на позитивни пораки и развој на дијалог и комуникација бидејќи бариери има многу, порача Елезовски на отворањето на дебатата „Роми 2015, Роми 2020, Роми….?“.

Преставникот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Мауро ди Вероли, упати честитки на Националниот ромски центар за десетгодишната активност и постигнатите успеси, и за имплементираните над 50 проекти во десет години во клучни сектори за инклузивност на ромската заедница, како домување, регистрација, образование и социјална помош.

– Низ Европа Ромите сéуште се соочуваат со лоши услови за живеење, како и исклучување и дискриминација. Потребно е подобро интегрирање на ромските заедници. За постигнување вистинска промена во секојдневниот живот на Ромите е потребно дејствување на локално, регионално и европско ниво. За таа цел ЕУ изработи рамка за акција, барајќи од земјите членки и кандидати национални стратегии за вклучување на Ромите. Никаква промена не е можна без активно учество на Ромите, што е главен услов за успех, рече Мауро ди Вероли, додавајќи дека во периодот од 2007 до 2014 ЕУ има обезбедено повеќе од седум милиони евра за проекти за инклузија на ромската заедница.

Специјалниот известувач за малцински права на ОН, Рита Исак, во специјално подготвен говор за настанот, порачува дека меѓународните и регионални организации, државите, цивилниот сектор, независните експерти и истражувачи е неопходно да ги здружат напорите за правата на Ромите да станат реалност, а не да останат само на хартија.

– Како Роми имаме потреба повеќе млади Роми со завршено средно училиште и кои ќе влезат на факултет. Како НРЦ, треба да ја зголемиме нашата работа и оствариме видливи резултати во борбата против дискриминацијата и образовните бариери за Ромите, како и дискриминацијата на пазарот на труд, истакнува Џад Ниренберг, претседател на Бордот на Национален ромски центар (НРЦ), во неговата изјава што беше прочитана на дебатата.

 

Препораки

Во делот на пристапот до еднакви можности и квалитетно образование учесниците истакнаа дека единствена светла точка од започнување на имплементација на Декада за инклузија на Ромите 2005-2015 е токму образованието, токму тука се вложени највеќе средства и најмногу напори кои резултираа со зголемен упис на ученици во основно и средно образование, намалено осипување од образовниот процес, со обид да се вклучат ромски образовни медијатори. Останува поделена одговорноста на сите учесници во воспитно-образовниот процес да се минимизира појавата на дискриминација и сегрегација на ромските ученици и заложби сите деца да се вклучат во воспитно-образовниот процес, надминување на проблемот со лична документација како предуслов за упис и во некои случаи надминување на старосна граница за упис во основното образование.

Пристапот до квалитетна здравствена заштита за Ромките останува голем предизвик со многу бариери за пристап до здравствени услуги, медицински помагала и лекови. Во овој сегмент дополнително треба да се работи на развој на мерливи индикатори за потребите, следењето и учеството во носењето на превентивните програми за здравствена заштита, истовремено со разгледување на финансиска достапност на здравствени прегледи посебно во репродуктивниот период со акцент на антенаталната заштита.

Пристапот до правда во Република Македонија е отежнат поради низа административни бариери, неукост на граѓаните за користење и упатување на барања до институции и државни органи, страв од трошоци во постапките и недоволна информираност за законските права при пристап до управна и судска правда.

Домувањето останува најголем предизвик во иднина со оглед дека станува збор за комплексен проблем со големи финансиски побраувања за да се реши соодветно, треба вложување на дополнителни напори да се довржи процесот на легализација на ромските домови и нивно вклучување во урбанистичко планска документација, но и приватизација на градежно земјиште каде граѓаните имаат изградено домови и живеалишта.

Инаку, Националниот ромски центар е основан во 2005 година. Како организација се залага за инклузија и еднакви можности на Ромите. Досега има имплементирано 53 проекти, од кои девет за образование со 9.500 директни корисници, пет за репродуктивно здравје на жени Ромки со вклучени 1.500 луѓе и 24 за човекови права, институционална поддршка, проекти за оспособување на Ромите и подобро информирање за Роми.

Дебатата е организирана со поддршка од Канцеларија за ромски иницијативи и програмата Европа за граѓаните на Европска унија. Целта на дебатата е да даде осврт на политиките и практиките кои се преземаат за прогресивна реализација на економски, социјални, културни и граѓански права на Ромите во Македонија.