НРЦ на дебата за Холокаустот врз Ромите
Извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски учествуваше на дебатна емисија на националната телевизија Нова, каде заедно со уште двајца соговорници, Зоран Димов и Трајко Петровски и новинарот Христо Ивановски, дебатираа за историјата и Холокаустот извршен врз Ромите во Втората Светска Војна.
Елезовски презентираше податоци кои се добиени од неговото истражување, но и од книгата на м-р. Рамо Рушидовски „Ромите во Европа“.
Според Елезовски, од времето на нацизмот и фашизмот до денес, за оваа тема е зборувано многу малку.
„Сметам дека е ова е значајна емисија на која презентиравме дел од истражувањата и согледувањата за Холокаустот врз Ромите. Зборувавме и за не(обештетувањето) на семејствата кои имаат жртви во Холкаустот. Многу Роми од Македонија завршија во логорите на смртта. Но, документи за злосторствата нема, бидејќи некому тоа му одговарало. Стапивме во контакт со двајца Роми кои успеале по војната да побегнат и да го проживеат својот живот во САД“-изјави Елезовски.
НРЦ во изминативе години посветува внимание токму на оваа тема и инсистира на обештетување на семејствата, на децата кои ги доживеале траумите од Холокаустот.
НРЦ изразува благодарност до ТВ Нова за оваа емисија и до новинарот Христо Ивановски.
Линкот од емисијата може да се погледне подолу и е наменет за сите кои сакаат да се едуцираат за мачната судбина на Ромите, жртви на Холокаустот, но пред се за младата популација која мора да ја знае и оваа мрачна страна на историјата. Воедно, ќе може да се погледне и линкот од документарната емисија на ТВ Шутел на истата тема.