На средбата се дискутираше за состојбата на Ромите во земјите од Европската Унија, како и за напорите што ЕУ ги вложува за подобрување на состојбата на оваа заедница во регионот и во ЕУ земјите

Делегација на саксонското покраинско Собрание во Германија (Der Sachsishe Auslanderbauftragte) го посети Националниот ромски центар (НРЦ) во Куманово, на 22 ноември 2013 година, за да се информира за состојбата на Ромите во државата и во регионот. Извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски ги информираше претставниците од повеќе политички партии, кои беа дел од делегацијата, за условите за образование, вработување, состојбата со почитувањето на основните човекови права и генерално со проблемите со кои се соочуваат Ромите.

На средбата се дискутираше и за состојбата на Ромите во земјите од Европската Унија, како и за напорите што ЕУ ги вложува за подобрување на состојбата на оваа заедница во регионот и во ЕУ земјите.
„Размената на информации и соработката од овој тип е од исклучително значење за подготвување соодветни политики и акции за подобрување на состојбата на Ромите”, рече Елезовски. „Се надевам дека во иднина токму благодарение на оваа соработка подобро и поефикасно ќе придонесеме за решавање на проблемите на Ромите во Македонија и во Германија.”
Делегацијата од Германија заедно со претставници од НРЦ ја посети и населбата Средорек за лично да се увери во животните услови и проблемите со кои се соочува ромското население што живее во оваа населба.

Посетата на делегацијата од Германија се оддржа со подршка на Германската Амбасада во Скопје.

[post_gallery]