Национален ромски центар по повод 10-ти декември, Светски ден на човекови права организираше средба за новинари и соработници. На средбата беа презентирани активностите со кои НРЦ ја исполни 2013 година

Застапување за здравствени права за жени во репродуктивен период кои што користат социјална помош, легализација на ромски домови, полесен пристап на сиромашните граѓани до правдата преку бесплатната правна помош што ја нудиме, напори за вклучување на ромските образовни медијатори во системот, борба против социјално исклучување на млади луѓе од маргинализирани ромски рурални заедници во Бугарија, Романија и Македонија преку развивање и тестирање на оригинални социјални услуги во заедниците. Ова се само дел од проектите и активностите на кои што тимот на Националниот ромски центар работеше во текот на 2013 година.

Некои активности почнаа уште во 2011 и во 2012 година, некои ќе продолжат и во 2014 и во 2015 година. Но, ја одбележуваме 2013 година како пресек на многу од нив. Задачата на НРЦ е да биде ромски глас во институциите на национално и интернационално ниво и да промовира еднакво учество на Ромите во општеството. Активностите на НРЦ кои се однесуваат на застапување, бесплатна правна помош, здравје, образование, лична документација се дел од процесот на Декадата за вклучување на Ромите 2005 – 2015.

„Преку засилен глас до подобри здравствени услуги” е еден од ретките проекти за застапување, воопшто во Република Македонија. Во периодот помеѓу декември 2012, заклучно со декември 2013 година, Националниот ромски центар си зададе една благородна задача – сите жени што се приматели на социјална парична помош од државата, а што се во репродуктивен период, на возраст од 15 до 49 години да не ги плаќаат партиципативните трошоци за антенаталните прегледи во текот на бременоста.

Целта е државата да плати околу 50.000 евра годишно за партиципативните трошоци за антенатални прегледи. Нашите проценки покажаа дека во Македонија има 32.222 жени помеѓу 15 и 49 години, приматели на социјална парична помош.

Пет невладини организации што работат на здравствени права во Македонија го поддржаа проектот. Се сретнавме со повеќе од 30 претставници на болници, институти за јавно здравје, пратеници, претставници на политички партии од скоро сите политички ориентации во земјава, претставници на Министерства, советници во Владата на Република Македонија. Се сретнавме со повеќе од 30 жени Ромки во пет града во земјава.

Во рамките на втората фаза на проектот Легализација на ромското домување” од вкупно 1559 подносители на барања за легализација, правна помош досега добиле 259 кандидати. 182 добиле иницијален правен совет за нивното барање за легализација и докази, 69 добиле конкретна правна помош во постапката и друга придружна документација и само 2 завршиле процедури за оставина. Вкупно 371 лице има поднесено геодетски елаборат, 18 треба да регистрираат право на недвижност, 72 лица имаат добиено решение за легализација.

Проектот почна во 2012 година, а треба да заврши во 2015 година. Неговата цел е преку финансиска и техничка поддршка за процесот да се зголеми процентот на легализирани домови во Република Македонија, поточно во шест општини во Скопје, Куманово, Кочани, Прилеп, Тетово и Штип каде што живее поголем број ромско население.

Проектот „Зголемување на ефикасноста на бесплатната правна помош“ е насочен кон придонес во подобрување на ефикасноста на механизмите за олеснување на пристапот до правдата за сиромашните граѓани и ранливите категории на  граѓани, а особено за припадниците на ромската зедница преку подобрување на стандардите во обезбедување правна помош и препораки засновани на анализи.

Овој проект почна во јануари 2013, а ќе заврши на крајот на декември годинава. Заклучно со ноември, дадени се 372 општи правни информации, 51 иницијален правен совет, поднесени се 14 барања за бесплатна правна помош, набљудувани се осум судски рочишта, а НРЦ тековно учествува во подготовката на анализата за примена на Законот за бесплатна правна помош за 2013 година.

Борба против социјално исклучување на млади луѓе од маргинализирани ромски рурални заедници во Бугарија, Романија и Македонија преку развивање и тестирање на оригинални социјални услуги во заедниците. Ова беше целта на проектот Промоција на социјалната инклузија на млади од маргинализирани рурални заедници, кој почна во октомври 2011, а заврши во септември 2013 година.

Какви резултати постигнавме? Меѓу најзначајните се: Мапирање на социо-образовната структура на младите Роми од Миладиновци и Куманово, остварена е соработка со основното училиште „Браќа Миладиновци”, информирање и обезбедување простор за средби со поголеми групи на млади Роми, воспоставен е Центар за поддршка во заедницата како рамка за услуги во маргинализираните рурални ромски заедници, организирани се настани во заедниците, како и дискусии за проблеми и потреби на младите, а разменивме и информации со општините и со институциите.

Проектот „Институционализација на ромските образовни медијатори“предвидува подготовка на финансиски импликации за вклучување на ромските образовни медијатори во системот, прифаќање на оваа стратешка рамка од страна на Владата на Република Македонија и вклучување на ромските образовни медијатори во системот (прва фаза). Проектот ќе се реализира во период помеѓу септември 2013 и март 2014 година.

Главната и крајна цел на овој проект е во основните училишта во земјава да се бидат вклучени најмалку 4, а најмногу 11 ромски образовни медијатори. А, дотогаш ќе се работи на финансиска анализа, усвојување стратешка рамка за вклучување на ромските образовни медијатори, како и промоција на проектот и подигнување на свеста за новната важност во традиционалните медиуми и на социјалните мрежи.

За овие и за многу други проекти и активности на НРЦ, пак, секогаш може да се запознаете и да се информирате на нашиот магазин ЕДНО, на Интернет страницата www.ednomagazine.com

ЕДНО е огледало на НРЦ, но и на сите позначајни настани во рамки на Декадата во Македонија и во Европа уште од 2008 година.