Преку 150 родители Роми и други млади лица присуствуваа на првата обука за фундаментални права, родителство и родови прашања што се одржа во Куманово, Штип, Кочани, Велес, Прилеп и Кичево во рамките на проектот „Социјална инклузија на ромски жители и Роми повратници во Македонија“ со финансиска поддршка од „Ние дејствуваме“.
Што се фундаментални права, каква документација треба да поседува секој граѓанин на Република Македонија, постапките за стекнување со основна документација, проблемите со кои може да се соочи граѓанинот, правата на детето, правото на детски додатоци и надоместоци по различна основа, како и документацијата за легализација на бесправно изградените објекти беа некои од прашањата и темите на кои се дискутираше со учесниците на обуките за фундаментални права што се одржаа во ромските заедници во 6 општини во Куманово.
Обуката предизвика голем интерес кај жителите на ромските населби кои имаа дополнителни примери и случаи преку кои се разјаснуваа проблемите и прашањата.
Додека траеше обуката во Отворените детски катчиња во Куманово, Кочани и Штип децата си играа во одделот со играчки.
Обуки од ваков тип преку кои се зајакнува ромската заедница со дополнителни знаења за правата и обврските ќе се организираат дополнително и во текот на идната година.