По повод светскиот ден на здравјето НРЦ повикува на достапност, квалитетни и ефективни здравствени услуги за сите Ромки и заштита на репродуктивното здравје на сите жени во Р.Македонија.
Од испитаните 2.756 Ромки матичен гинеколог немаат 1789 жени; 1.331 жена имала абортус, а од нив дури 357 жени имале повеќе од 3 абортуси. Од вкупно 2.226 раѓања кај испитаничките кои родиле, 173 деца починале при породување, 121 починало во првите 28 дена, а 166 во првата година од раѓање – податоци од истражување и анализа на Национален ромски центар спроведени во текот на 2008/2009 во Куманово, Прилеп, Битола и Крива Паланка насловени како „Просперитет и здравје на жената Ромка – пат кон предизвици”.
Овие податоци дават слика за неинформираноста како и непристапноста на Ромките до квалитетни здравствени сервиси во областа на репродуктивното здравје како и недоволна перинатална и натална грижа за Ромките.
Нееднаквиот третман, предизвикан од тешката еконономска ситуација со која се соочуваат Ромките води кон нееднаков третман и пристап до системот на здравствена заштита. Исклученоста, недостапноста, високите цени на одредени медицински услуги, недостиг на медикаменти во државната квота, го отежнуваат пристапот на Ромките до јавните здравствени сервиси. Овој проблем е уште поголем кога се потребни услуги во делот на секундарната здравствена заштита каде потпаѓаат значителен број на услуги од репродуктивен период.
Превентивата, како и квалитетните услуги за жените во репродуктивен период е основа за едно здраво општество и здрави идни поколенија.
Имајќи ја во предвид сериозноста на фактот дека за вистинско решавање на проблемите на Ромите се потребни ефективни решенија, мултисекторски пристап и соработка повикуваме, Владата и надлежните министерства: Министерство за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Управа за водење на матични книги, Институт за јавно здравјев, Фондот за Здравствено осигурување како и сите заинтересирани да бидат отворени за изнаоѓање на вистински решенија и механизми кои ќе бидат применливи за сите граѓани без разлика на нивната припадност.
Здравјето е основен предуслов за партиципација во сите општествени процеси.
Секој прогрес е успешен со активни партнери.
Себихана Скендеровска
Програм координатор за женска програма во НРЦ
Национален Ромски Центар (НРЦ) е здружение на граѓани за промоција и заштита на човековите права на граѓаните во Република Македонија. НРЦ како организација се залага за почитување и остварување на правата на припадниците на ромската заедница, како најмаргинализиран ентитет во општеството.
НРЦ во континуитет од 2007 година , ги застапува интересите на Ромките во полето на здравствената заштита , со цел да се подобри пристапот и услугите за оваа целна група во неколку града во Р.Македонија.
Токму во таа насока од јануари 2011 НРЦ преку програмите на Ромската здравствена програма и Public Health Watch, двете програми се дел од работата на Институт Отворено Општество, продолжува да работи на полето на здравствената заштита во рамките на проектот насловен како “Нееднаквости во здравството кон Ромките”.