Македонија, 8ми април 2011Национален Ромски Центар (НРЦ) по повод Меѓународниот ден на Ромите, потенцирајќи ја итноста и важноста за подобрување на состојбата на ромската заедница, повикува кон реални и видливи акции. Сведоци сме дека Ромите се обидуваат да преживеат со постојано влошување на социо-економската состојба, стереотипи, предрасуди, дискриминација, недостаток на мерки за зачувување на културниот и јазичниот идентитет. Многу иницијативи беа покренати и формално подржани, но сепак имаме видлив јаз и треба да одлучиме – Дискриминација или инклузија?


Оваа година се навршуваат четири децении од одржувањето на првиот Светски ромски конгрес во Лондон, и покрај фактот дека движењето за подобрување на ситуацијата на ромската заедница доживеа подем, сепак животите на милиони Роми низ Европа и светот не се видливо подобрени. Ромската заедница соочена со екстремно ниски услови за нормален живот мигрира во потрага во стабилност и нормален равој. НРЦ упатува апел до сите Влади одговорни за животите на милиони ромски граѓани намалете ја миграцијата, со тоа што ќе понудите стабилност.

Одреден број на Роми сеуште се лица без граѓански статус, без лична карта, кои немаат ниту можност да бараат пристап до институционална заштита, немаат пристап до здравствени услуги, социјална заштита.

НРЦ истакнува дека во областа на вработувањето ромската заедница е сеуште на дното на лествицата, што битно влијае на социо-економската состојба на ромските семејства како бариера за пристап до останатите права. Ромската заедница е недоволно и нерамноправно вклучена во пазарот на трудот. Трендот на невработеноста најрапидно продолжува да расте кај Ромите.

НРЦ изразува загриженост и за фактот дека повеќето ромски семејства живеат во субстандардни услови во урбани средини, не постои национална дата база и мапирање на ромските населби и нелегалните градби, недоволно вложени средства за инфраструктура во ромските населби, не постојат средства за обезбедување на домување кои исполнуваат минимум стандарди.

Субстандарните услови за живот, потешкотии во пристапот до здравствената заштита и здравствените услуги, недоволна информираност и недоволна превентивна заштита, највисока стапка на смртност на доенчиња, се одлики на реалната слика за прашања поврзани со здравството и ромската заедница.

Образованието е светла точка во стратешките определби на Р.М за подобрување на состојбата на Ромите и нивна инклузија во општеството. Тука е забележан позитивен исчекор со зголемено вклучување на децата во образование, со позитивна клима во училиштата, со стипендирање на ученици и бесплатни учебници. Но сепак недостасува континуитет во обезбедување на квалитетно образование, недостасуваат мерки на локално ниво за спречување на сегрегација, проблемот со описменување сеуште не е започнат, родителите недоволно се мотивираат за поголема соработка со училиштата.

Забележано е зголемено медиумско известување за содржини поврзани со секојдневни проблеми со кои се соочени припадниците на ромската заедница.

Македонија во рамки на Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015 има одвоено 280 денари за секој Ром, дали е тоа доволно за да некој има дом, да се вработи, да се образува, да се лекува?

Македонија и ЕУ мора да демонстрираат силна политичка волја и акција за подобрување и инклузија на Ромите.