СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА

Целта на ова известување е да ве информира дека е изработен документ со наслов Резиме и препораки за применети политики за намалување на здравствени нееднаквости во антенатална и постнатална грижа кон Ромките во Република Македонија.

Наодите во извештајот и анализата ни ги покажуваат недостатоците и насоките за подобрување на пристапот до квалитетна здравствена заштита. Препораките содржани во ова резиме даваат јасни насоки за креирање на идни политики во системот на здравствена заштита во делот на репродуктивно здравје.

Националниот ромски центар неколку години наназад преку своите активности работи на  застапување за прогресивна реализација на правото на здравје, со посебен акцент на репродуктивното здравје, за навремени и квалитетни здравствени услуги за припадничките на ромската заедница.

Здружението Национален ромски центар во рамките на проектните активности „Здравствени нееднаквости кон Ромките“ во периодот од ноември 2010 година до ноември 2011 година интензивно работеше на истражување поврзано со здравствената заштита на припадничките на ромската заедница во репродуктивниот период. НРЦ благодарение на подршката на Иницијативата за одговорност и следење на здравството на Институт Отворено Општество Њујорк (ИОСЗ) и Ромската здравствена програма на Институт Отворено Општество Будимпешта (РЗП) дојде до податоци кои ги покажуваат недостатоците и насоките за подобрување на пристапот до квалитетна здравствена заштита.

Во рамки на проектните активности беше направено собирање на податоци и проценка на состојбата од аспект на здравствени нееднаквости во репродуктивниот период кај жените е направена преку прашалник на репрезентативен примерок за фокус групи  и наменски (длабински) интервјуа со целни групи од други засегнати сектори. Со квалитативно истражување беа опфатени 102 жени во репродуктивен период (15-49 години) во 10 фокус групи организирани во Куманово, Крива Паланка, Кочани, Штип и Битола и 25 индивидуални интервјуа со претставници од Институтот за јавно здравје на Р. Македонија, Управата за водење на матични книги, Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, здравствени служби кои се директно вклучени во давање услуги од репродуктивно здравје (претставници на гинеколошко-акушерски одделенија или матични гинеколози, советувалишта за репродуктивно здравје и патронажни служби).

 

Контакт лице

Себихана Скендеровска

Електронска пошта: [email protected]

Веб страна: www.nationalromacentrum.org