СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
НРЦ во рамките на проектот „Здравствени нееднаквости кон жените Ромки” реализираше истражување за да го испита и осознае пристапот и услугите кои ги добиваат Ромките во период на бременост, породување и леунство.
Реалност е дека жените припаднички на ромската заедница немаат услови и можности да се грижат за своето здравје од повеќе причини: нееднаквост, континуирана дискриминација, неписменост и невработеност, факт кој ги позиционира на маргините на општеството.
Нееднаквиот пристап и нееднаквите можности се исто така проблеми со кои Ромките се соочуваат во периодот на бременост и мајчинство. Репродуктивното здравје, квалитетната здравствена заштита, како и социјалната благосостојба, во овој период се многу значајни во животот на секоја млада мајка. Извештајот од фокус групите и интервјуата дава податоци за перцепцијата, мислењата и искуствата на Ромките од овој период во петте таргетирани градови: Куманово, Штип, Крива Паланка, Кочани и Битола.
Истиот содржи конкретни препораки од жените припаднички на ромската заедница од таргетираните градови како и од претставници на институции на национално и локално ниво.
Р. Македонија е земја потписничка на „Декадата на Ромите” од 2005 година заедно со уште 8 земји од југо-источна Европа. Сите земји потписнички преземаа обврска да изнајдат и реализираат конкретни решенија за да ја подобрат ситуацијата на Ромите во 4 приоритетни области: човекови права, вработување, образование, домување и здравство. Во сите овие области се препорача да се обрне посебно внимание да се делува на подобрување на состојбата на Ромките.
Подолго време од страна на граѓански здруженија и иницијативи, се преземаат акции да се сензибилизира и дискутира по прашањето на вулнерабилната позиција на жената Ромка. Исто така се прават обиди да се идентификуваат причините и да се изнајдат решенија кои директно влијаат врз подобрувањето на состојбата на Ромката во приоритетните области.