16 ноември 2013 год

Јас сум граѓанин на Европа, Македонија, Ром сум, и тука сум со сите подеднакво поради нашите деца и новите генерации. Се надевам на подобра иднина и еднакви права за сите. Сите ние го имаме тоа право и како граѓани на Македонија треба да се избориме за него.

Главниот императив на Универзалната декларација на човековите права е: „Сите права му припаѓаат на секое лице без разлика во поглед на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, вероисповедта, политичкото или друго мислење, националното и општественото потекло, имотната состојба, раѓањето или било кои други услови“.

Ромите се граѓани на оваа држава еднакви во достоинството и правата, тие се конститутивен народ, тие се дел од македонскиот државен идентитет, но тие и понатаму се дискриминирани на брутален начин, притоа сите правни документи, сите меѓународни документи се осрамотени.

Евидентно е постојаното кршење на правото на слобода на движење како основно  човеково право, понижувањата што ги трпат граѓаните Роми на граничните премини влевајќи им чувство дека тие не се вредни за почитување, дека тие се проблемот, не упатува да си го поставиме прашањето дали граѓаните навистина се еднакви во правата и слободите. Ова само како за потсетување, како се врши стигматизација, како се посочува една цела заедница виновна за одделни процеси, како се стимулира говор на омраза.

Ова е само еден од проблемите со кои се соочува ромската заедница денес во македонското општество. Тука е проблемот на запишувањето ромски деца во специјалните паралелки, проблемите со домување, вработување, здравствена заштита, со социјално влучување, со сиромаштија и сите тие укажуваат на едно исто, а тоа е дискриминацијата.

Јас денес ја промовирам еднаквоста и толерантноста, иако на дневна основа доживувам порази и немир во душата гледајќи го сето она што ни се случува, тука сум зедно со сите вас да ја провомираме различноста и посебноста која бара достоинство, која бара почитување.

Често сум и во европските институции, ја претставувам Македонија, но за жал дозволуваме под притисок да се прекршуваат правата на граѓаните, дозволуваме високо ниво на нетолеранција и расизам. Не го заслужува Македонија тоа. Таа е мултикултурна земја и така треба да се развива, но важно е и да ни ја возврати љубовта.

Видео клип од Маршот за Толеранција: http://www.makdenes.org/media/video/25170287.html

[post_gallery]