Интеграцијата на Ромите е процес, а не настан!
Постојат многу извештаи, течат многу иницијативи. Резултати нема, антициганизмот се шири. Сè помалку институции и фондации остануваат активни (СОРОС, Светска Банка, Европска Комисија, ERTF, ERRC…) со заложби за подобрување на ситуацијата на Ромите.
Животот на Ромите се влошува од ден на ден. Националниот ромски центар (НРЦ) од Куманово се надева на заеднички напори и поддршка за сегашната ситуација од сите надлежни за креирање и извршување на политиките. Сè со цел да има видливи резултати, да има Роми со лични документи, Роми со право на движење, Роми со легализирани домови, подобрено здравство и што поголем процент на вработени Роми.
Извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски, по повод Денот на Европа, изјави:
„Напредните идеи од минатото, денес се богатство за развој на секоја нација и држава. Барам, како граѓанин на Европа, сите досегашни заложби во Европа од институциите и граѓаните да бидат насочени кон рушење на бариерите за директна помош за вистинска вклученост на Ромите во секојдневниот живот. Политиките на земјите – кандидатки и на земјите – членки на Европската Унија да бидат видливи и практични со директно насочени финансиски средства кон стабилизирање на животниот стандард на Ромите“ и додава:
„Правото на слобода на говор и правото на слобода на движење да бидат клуч кон процесот на имплементација на ромската стратегија 2014 – 2020, не занемарувајќи ги четирите важни столба (домување, здравство, вработување и образование) на Декадата на Ромите 2005 – 2015. Ромите се граѓани на земјата во која се родени, но пред сè се граѓани на Европа и итно е потребно прашањето на Ромите да биде сериозно прифатено како политички проблем, бидејќи само така може да се најде вистинско решение.”
Ова не е желба. Ова е итна реална потреба!
Националниот ромски центар, на сите граѓани им го честита 9-ти мај, Денот на Европа, со апел за меѓусебно почитување со заложби за развивање на толерантност и хуманост.