Секое десетто ромско дете завршува основно образование. Од околу 8.000 ученици Роми колку што се запишале во осмолетките, основното образование не го завршиле ниту 600. Најголемо осипување на Ромите има во петто одделение, а најголем проблем им е да го совладаат македонскиот јазик. Ромчињата не го знаат македонскиот јазик кога ќе појдат на училиште и тоа понатаму им создава огромни проблеми.
Вака изгледа состојбата со образованието на Ромите, која би требало да се подобри со новата кампања „Клучот е во ваши раце“ – која вчера ја презентираше Националниот ромски центар. Кампањата, според центарот, ќе има за цел поголема вклученост на ромските деца во училиштата преку мотивирање на родителите, како и намалување на стереотипите и предрасудите за ромските ученици.
„Во Македонија постои општ тренд на подобрување на образованието на учениците-Роми, но кај другите ученици и наставниците сè уште има одбојност спрема нив“ – изјави Ашмет Елезовски, координатор на кампањата, на вчерашната прес-конференција, кој додаде дека, покрај ова, Ромите се соочуваат со финансиски тешкотии. Според него, за да се реши проблемот на Ромите потребна е конкретна акција, а не само планови на хартија.
Воислав Марјановиќ од Управата за развој на образованието на заедниците рече дека минатата учебна година од вкупно 700 ученици-Роми, во средните училишта се запишале дури 511, а сите тие се стипендирани од ресорното Министерство. Во Министерството немаат податоци зошто не се запишале и другите двесте ученици. Тој најави дека планираат да отворат катедра за ромски јазик на Педагошкиот факултет во Скопје и група ромски студии на Филолошкиот факултет.
Жаклина Ѓорѓевиќ