Многу често знаеме да кажеме за сè нешто кога е кавгаџиско, кога е валкано, замрсено, многу често кога нешто кога ќе се вети, а нема да се исполни, ќе се измрда од договорот, знае да се каже циганска работа.
И се обидувам да го разберам тој стереотип од каде е извлечен, а сепак многу често се употребува во последно време. Циганите кои јас ги знам се нарекуваат Роми. Се нарекуваат ромска заедница, не колиба и чергари, се нарекуваат општина единствена во Европа, иако кратко ја викаме ШУТКА. Филмови, приказни, ги опејуваат многумина ..ех да имам, ко што немам, да си купам… сижеа со многу искреност, непосредност, има многу љубов, има многу насмевки, веселба, има многу страст, се сака, се љуби, се пее, се бори со срце.. НЕ, не е тоа циганската работа! Не се тие.
А кои се…!? Сè се обидувам да влезам во подтекстот на прекорот „Циганска работа“. Знам дека никој не може да им каже дека се мрзлив народ, па тие се раѓаат по пат за да истрчаат на улица и онака црномурести со насмевка, голи без скриена мисла, ти го пружаат рачето, те дрпаат за панталони.. Дали сте си помислиле дека можеби само сакаат да бидат забележани, да бидат само во ист ред до вас кои со дигната глава не сакајќи и може да ги згазите? Дали подадена рака значи само милостина, питање или можеби и искреност и доверба.
Луѓето кои јас ги познавам и почитувам се класични Роми, весели, вредни, искрени, непосредни и над се упорни. Тие нема да те прекорат, да ти наредат, а ќе се понудат да ти помогнат, да ти се најдат – се разбира тоа е многу повеќе од она кога останатите можат, а не те ни прашуваат, ниту забележуваат… Ромите умеат да се разџавкаат, да се караат, да пламнат и во жарот како кога навиваат во нивната традиционална борба со гуски, да се фатат за коси – како слика за својата отвореност и одбивност кон неправдата, поради своето противење на небиднината… и на крај да си простат.
Тие се тука, но сепак поради нашата циганската работа се некаде од страна на нашата раскрсница, испраќајќи ве со поглед дали мрсулави, дали закачени за ретровизорот, за шофершајбната… ве испраќаат без да ви се налутат што ги оставате, без оглед дали имало сонце дожд или снег, ќе ви простат и утре повторно ве чекаат со насмевка.
Ромите се најтолерантните суштества кои постојано подаваат рака, а никој не им возвраќа. Тоа е вистинската циганска работа, и ги имаш покрај себе, а никогаш не ги есапиш за еднакви и се тоа го примаш како нормално, префрлајќи ја вината на другиот, на нив или на власта.
Ги имаш во образование, а не се грижиш за нивната социјална состојба, не ги вработуваш и безгрижно ги оставаш, а потоа ги бркаш од улица. Не завршуваат повеќе од 5-то одделение зошто тоа повторно никого не го загрижува. Зошто и тие да не учат на мајчин јазик? Знаете ли дека имаат своја граматика? Сте слушнале ли за Шаип Јусуф? Тој ја напишал 1980 год., а не се предава, стар е, во инвалидска количка, а сеуште неуморно ја промовира насекаде. А што е циганска работа, да во учебниците нема ниту една страница ромска историја, а велиме имаме рефоромирано образование – па каде се РОМИТЕ? Дали мисли министерот Положани дека заслужува да се учи само историјата на Македонците и Албанците, а Ромите се без историја. Дали Владата смета дека паднаа од небо или ги донесе Вардар, Серава… дојаваа на некупениот бел коњ на Влатко Стефановски… Колку се, тоа не е, односно е наша циганска работа ако таа работа ја разбираме како погрдност или дистанца.
Луѓето, Роми кои јас ги познавам, оние храбрите кои чекорат пред другите се одлични пријатели, луѓе автори, истражувачи, се вистински отворени и вистински подготени да го споделат умеењето на својата професија со секого. Тие знаат дека ако бидеме само малку поискрени ќе се надмине неправдата која постојано им се нанесува, без фаворизирање на другите етнички заедници, на пример Албанците. Ромите можат сосем рамноправо да се носат и да придонесат за сите, не само за себе. Образованието е клуч, заклучуваат моите црномурести пријатели, имаме свој ден, прогласивме декада, но ние сакаме живот. Стереотипите и нашата циганска работа може да е минато ако под синомим за етничките малцинства, за учење на мајчин јазик, за кршење на човековите права или граѓани од втор ред, не се мисли само за Албанците.
Основното образование е задолжително за сите, г-дине Бучковски! Тогаш министрите треба да инсистираат да се почитуваат законите кои ги носат и да им овозможат и на Ромите да одат на училиште. Образованието не може да биде привилегија, туку обврска, а не декларативност на државата.
А за парадокосот на секојдневието и насловот кој се почесто се употребува …….. работа, не знам каде отидоа Циганите, но Ромите сакаат да се образуваат е подобар наслов!
Драган Антоновски