Здружението Национален Ромски Центар (НРЦ) од Куманово, заедно со партнерските организации, Здружението за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе (Скопје), ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија назаедниците (Скопје), Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. (Прилеп), Центарот за современи уметности од Скопје и Фондацијата Отворено општество Македонија, во општина Куманово реализраше Креативна уметничка акција за подобар пристап на бремените жени до гинеколошки услуги.
Акцијата се одржа на (28.12.2020) на плоштадот „Нова Југославија“ – Куманово, во период од 11:00 до 13:00 часот. Целта на акцијата беше да се актуелизираат проблемите во јавност и да се испрати порака до надлежните за овозможување на подобар пристап на бремените жени до гинеколошките услуги, бидејќи 74% од жените Ромки плаќаат за бесплатните прегледи за време на бременост, иако сите бремени жени и родилки имаат право на бесплатни здравствени услуги.
Перформансот на плоштадот беше преку постаување на колички за бебиња, а истите после акцијата ќе бидат донирани на социјално загрозени семејства, односно на бремени жени и родилки, а дизајнираните пораки се засновани на секојдневните случувања, лични искуства, животни приказни пренесени преку пишани пораки со акцентирање на проблемите со кои се соочуват бремените жени во пристапот до гинеколошки услуги.
Случајните минувачи и другите актери имаа можност да ги прочитат пораките и директно да видат со какви проблеми се соочуваат бремените жени, посебно со наплатата на бесплатните прегледи за време на бременост, злоупотребата на бесплатен ехо преглед (300 денари), микробиолошките брисови (300 денари) и наплатата за мајчина книшка (500 денари), кој пакет за една бремена жена чини 1.100 денари.
Имено, со цел да се одговори на потребата за пристап до здравствена заштита, Владата на Република Северна Македонија секоја година донесува едногодишни превентивни програми, кои се реализираат преку јавно здравствени установи. Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Република Северна Македонија е донесена со цел континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период. Посебен фокус е ставен на ранливите групи на населението (жени Ромки, жени од рурални средини, жени од социјално ранливи категории). Програмата се реализира преку координирано спроведување на есенцијални јавно – здравствени услуги, во кои како извршители се вклучени повеќе здравствени институции (Центри за јавно здравје, Здравствени домови, болници) и здруженија на граѓани.
Уставот гарантира универзален пристап за здравствена заштита на сите граѓани, а законот за здравствена заштита како и Законот за здравствено осигурување обезбедуваат еднаквост во пристапот до здравствените установи почитувајќи го правото на еднаквост на сите граѓани. Но и покрај голем број на Закони, подзаконски акти и програми донесени од Министерство за здравство, граѓаните секојдневно при остварување на своите со Закон загарантирани права, наидуваат на проблеми од причина што законите се недоволно прецизни – двосмислени и различно се применуваат во пракса од институциите кои ги спроведуват.
Иако мерките кои се предвидени во Програмите за бесплатни гинеколошки прегледи на бремени жени, сепак истите се наплатувани од страна на гинеколозите. Потврда на тоа се и проценките на Светската здравствена организација, која нотира дека причината за смртта е како последица на компликации за време на бременост и породување, што процентуално 94% од жените кои го изгубиле животот потекнуваат од земји со низок економски развој. Висок е процентот на неискористеност на бесплатните гинеколошки прегледи на бремени жени кој достигнува дури и до 74%, а 90% имаме и кај неискористеност на бесплатните лабoраториски прегледи за бремените жени во текот на бременоста. Тенденцијата постои и кај неискористеност на бесплатна фолна киселина за секоја бремена жена кој достигнува дури и до 95%.
*Акцијата е дел од обуката за креативен активизам на ромски организации која ја спроведува Фондацијата Отворено општество Македонија, а на обуката и во креирањето и спроведувањето на акцијата учествуваат претставници на нашето Здружение Национален Ромски Центар (Куманово); Здружението за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе (Скопје); ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија назаедниците (Скопје) и Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. (Прилеп).