Кампот се реализира во рамки на проектот „Поддршка на жени Ромки да се идентификуваат нивните потреби, да ги побараат своите права и да се зголеми нивниот пристап до услуги за жени кои преживеале насилство”, во рамките на регионалната програма на UN Women „Спречување на насилството врз жените во земјите од Западен Балкан и Турција: Спроведување на норми, промена на ставови”, финансирана од Европската Унија
Вториот ден од тренингот за девојки од ромската заедница започна со фото сесија до почетокот на првата сесија кога имаа можност да се запознаат со ромската активистка Бедрија Ајдини од здружението „Рома перспектив“ од Прилеп. Бедрија преку личната сторија ги мотивираше учесничките како да размислуваат личниот развој да го насочат во нагорна линија. Игрите за време на првите две сесии беа насочени кон женското лидерство. Темата за рани бракови Бедрија Ајдини ја обликуваше преку поделба на улоги и учество во театарска претстава.
Во вечерните часови учесничките имаа можност да ги научат основните принципи на новинарството, прашањата што треба да ги одговори новинарот кога пишува новинарски текст. Новинарската сесија заврши со игра на интервју, што учесничките ја прифатија со задоволство. Во текот на денот учесничките имаа можност да видат неколку филмови од продукцијата на Национален ромски центар.
Инаку, очекувањата од кампот се движат во насока на креирање одржлива заедница на млади девојки и жени Ромки истражувачки и лидерки кои ќе бидат во можност да известуваат за тековни социјални прашања, влијанија на јавни политики и да креираат позитивна промена во нивните заедници и животи.
Целта на проектот „Поддршка на жени Ромки да се идентификуваат нивните потреби, да ги побараат своите права и да се зголеми нивниот пристап до услуги за жени кои преживеале насилство” е намалување на дискриминацијата и насилството врз жените и девојките Ромки во Македонија. Посебна цел на проектот е обезбедување пристап и давање услуги за ромските жени и девојки соочени со дискриминација и/или насилството, родова еднаквост, остварување на ефективна комуникација помеѓу граѓанското општество и релевантните институции, како и застапување за навремени, достапни и квалитетни услуги.
Проектот се имплементира во Кичево, Куманово, Велес, Штип, Кочани и Прилеп.