Проектот е дизајниран за обраќање на проблемите со слабиот квалитет на образование и високата стапка на отпишување кај Ромите во основно образование со фокус на ученици од прво одделение.

Проектот „Вклучување и континуитет во образовниот процес“ е финансиран од Ромскиот образовен фонд.

Мисијата на проектот е целосна инклузија на ромските деца во редовно основно образование преку (а) подобар пристап до квалитетно образование за ромските ученици и (б) минимизирање или елиминирање на нивото на отпишување на ромските ученици. Проектот се имплементира во (1) Куманово, (2) Општина Гази Баба (Скопје), (3) Прилеп и (4) Штип.

Инфо за проектот

Според податоците на НРЦ во четирите таргетирани општини има 231 ромско дете на возраст за упис во прво одделение. Медијаторите ги посетија училиштата со кои соработуваат, како и локалните просветни инспектори и извршија споредба на податоците на НРЦ со податоците од Министерството за внатрешни работи.

Во меѓувреме медијаторите ги посетија семејствата на сите деца чии имиња се наоѓаа на листите и ги информираа за потребната документација за упис, како и за тоа дека уписите се во месец мај и дека треба навреме да ги запишат децата.

Според податоците од училиштата, во четирите општини има вкупно 217 првачиња од ромска националност, запишани во учебната 2010/11 година. Сите семејства се посетени и е констатирано дека 14 деца се отселени во странство.

Медијаторите на барање на училиштата извршија преку 630 посети на семејства на нивни ученици (од прво до осмо одделение), најчесто заради нередовност и непојавување на родителите во училиштето.

8 медијатори се ангажирани да работат со децата во 4 општини:  Гази баба (Мемет Мемет, Сара Сејфула), Куманово (Ирфан Мартез, Мартина Асановска), Прилеп (Дениса Селимоска, Нури Дервишоски), Штип (Сабина Асановска, Ајша Демирова).

Во соработка со училиштата креирани се листи за 114 ученици со кои дополнително се работи на усвојување на основните наставни поими и техники.

На 4 мај координаторот на работната група која ќе работи на подготовка на документот за вклучување на ромските медијатори во образовниот процес ја реализираше студиската посета која е планирана според проектот. За време на посетата координаторот Реџеп али Чупи се сретна со г-ѓа Ангелина Скареп од Министерството за образование на Република Србија, со претставници од проектот „Образование на сите“, проект на Европската Унија и Министерството за образование преку кој се работи на квалификациите на педагошките асистенти, со координаторот за Декадата на Ромите во Владата на Република Србија, како и со 5 Роми кои работат како педагошки асистенти.

Реализирани активности

Обука за медијатори – Првата обука се одржа во периодот од 24-26 март 2011 во хотел Бисер во Струга. За обуката беа ангажирани двајца обучувачи од ЦКС Скопје за првите два дена. На обуката присуствуваа 10 кандидати за медијатори, од кои беа изберени 8. Последниот ден од обуката беа ангажирани двајца претставници од МОН. Втората обука е закажана за 10-12 јуни 2011.

На огласот за медијатори се пријавија вкупно 23 кандидати (6 за Гази баба, 7 за Куманово, 7 за Прилеп и 3 за Штип).

Средби со училишта и образовни институции – организиравме средби со 6 училишта, 4 советници за образование и 4 локални просветни инспектори. Кај сите постои интерес за соработка и гледаат позитивно на досегашните ефекти од проектот. Ги прифаќаат медијаторите и ќе настојуваат да остварат позитивна соработка со позитивни ефекти за ромската заедница.

Посета на ромски семејства – Медијаторите ги посетуваат семејствата на првачињата со кои работат во училиштата, како и други семејства за кои добиваат информација дека нивните деца не се редовни во училиштата или дека родителите не се појавуваат во училиштата на барање на училиштата. Родителите ги прифаќаат медијаторите и нивната улога, но постојано наоѓаат оправдување за нередовноста на децата (најчесто причината е недостиг на средства за облека и обувки). Медијаторите ги информираат за нивните родителски обврски,како и за санкциите на кои ќе бидат изложени доколку не ги праќаат децата на училиште. Родителите најчесто ветуваат дека ќе ги пратат на училиште. Во тек се анализите за редовноста во учебната 2010/11 и ќе ви бидат доставени во следниот квартален извештај.

Работа со деца на училиште – Креирани се листи за 114 ученици со кои се работи дополнително на надминување на основните потешкотии при усвојување на наставниот материјал. Во оваа бројка не се вклучени ученици од едно кумановско училиште, заради препораката од училиштето да се почне со оваа активност од септември 2011. Нивното објаснување беше дека немаат слободна просторија, но дека за следната учебна година ќе направат поинаков распоред и ќе ја вклучат активноста на медијаторот како редовна и задолжителна во училиштето.

Студиска посета – активноста ја цениме како позитивна заради преносот на искуството од страна на претставниците од Министерството за образоцвание на Република Србија, координаторот на Декадата, како и педагошките асистенти. Нивните искуства, во прифатливи рамки, ќе бидат пренесени пред работната група и внесени во документот за вклучување на медијаторите во образовниот процес.

Родителски средби – организирани се 2 родителски средби. Од вкупно поканети 30, присуствуваа 19 родители. Поканети беа родителите на првачињата кои посетуваат дополнителни часови. За време на средбите се разменети информации за резултатите на нивните деца, разговарано е за подобрување на редовноста, како и за значењето на соработката помеѓу родителите и училиштето. Родителите кои не присуиствуваа на средбите беа дополнително посетени од страна на медијаторот со препорака да присуствуваат на следната средба.

[post_gallery]