UNITED for Intercultural Action (Обединети за интеркултурна акција) е Европска мрежа против национализам, расизам и фашизам. Повеќе од 550 организации од 46 Европски држави работат на кампањи ширум Европа.
UNITED мрежата организира и инспирира антирасистички активности поврзани со 9 ноември. Пораката на тој ден е да се обединат силите и да се изгради движење кое ќе се бори против фашизмот во сите негови облици. Анти-фашистички, анти-расистички, еврејски и ромски организации во и вон UNITEDмрежата, ја обележуваат таканаречената „Кристална Ноќ“ (Kristalnacht), која се одиграла на 9 ноември 1938, која го симболизира и почетокот на Холокаустот. Комеморацијата не се однесува само на сеќавање на жртвите туку ова е и кампања против порастот на нео-нацизмот и расизмот кој се пројавува и денеска во Европа и пружа поддршка на жртвите на расистичките и фашистичките напади. Омразата ширум Европа станува фатална и константна. Се појавува со различни лица – десничарски екстремизам, фашизам, екстремен национализам, ксенофобија, расизам, ромофобија, исламофобија, антисемитизам – но секогаш има отровни последици за заедниците и целото општество. Омраза не води само кон насилство, дискриминација и исклучување, туку е и опасна закана за мирот и демократијата. Оваа иницијатива е за сите млади луѓе, активисти, наставници, лидери на заедниците, новинари и сите кои сакаат да се вклучат.
Како член на UNITED мрежата, Националниот Ромски Центар учествува во кампањата за обележување на Меѓународниот ден против фашизам и антисемитизам – 9 ноември 2010. За таа цел, утре 6 ноември 2010 членови на НРЦ ќе дистрибуираат памфлети низ Куманово, како мултикултурен град, со информации за UNITED мрежата, за што ние се залагаме и како може да се допринесе за борбата против ваквата негативна појава.
НРЦ повикува на поенергично залагање од страна на владата, државните институции и граѓанските здруженија, младите луѓе, активистите, наставниците, лидерите на заедниците, новинарите и целокупното општеството да имаат свој удел во оваа борба за цел наредните генерации да имаат подобра иднина.