Кампања за образование на Ромите во Македонија

Клучот е во ваши раце“

Образованието е клуч кон интеграција и просперитет

Отклучете ја вистинската врата

Конкретни планови и активности за образованието на Ромите во Македонија

Работна сесија

Скопје, 05 Април 2006

ПРЕДЛОГ ЗАКЛУЧОЦИ

Учесниците на работната сесија бараат целосна имплементација на Националната Стратегија за образованието на Ромите во Македонија

Учесниците инсистираат државните институции да обезбедат инструменти за јакнење на образовниот процес на Ромите, особено за поголемиот опфат на учениците. Потенцирана е потребата од изготвување на Акционен план во согласност со Стратегијата за Роми и проектот за модернизација во образованието од страна на Бирото за развој на образованието во РМ, Управата за развој на образованието на заедниците и експерти од ромската заедница за зголемен опфат на ученици од ромската заедница.

Учесниците на сесијата од надлежните институции бараат реализација на проекти и посебни програми во областа на образованието на сите нивоа, финансиски поддржани од државата.

Присутните на сесијата ја потенцираат потребата од спроведување на уставното право за образование на мајчин јазик. Посебно бараат иницирање и јакнење на државните инструменти за адекватна социјална заштита на Ромите и посебни образовни-социјални програми со што на најмладата ромска популација ќе се обезбедат соодветни услови за образование.

Учесниците укажуваат на потребата од промовирање и реализација на проекти кои ќе продуцираат ромски образовни кадри за потребите на основното и средното образование на Ромите, со посебен акцент за започнување на студиите по ромологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Учесниците ја истакнуваат потребата од вклучување на историјата на Ромите во Учебниците по историја за основните и средните училишта.

Присутните на сесијата бараат од државата креирање на соодветни инструменти за адекватно пренесување на надлежностите на локалната самоуправа со кои локалната власт ќе може да обезбеди услови за севкупна социјална заштита, за целосен опфат и образование на Ромите во нивните средини, како и за реализација на проекти за образование на возрасни Роми.

Учесниците на сесијата предложија активности за решавање на проблемот со поседувањето лична документација на ромските семејства, како една од причините за намалено присуство во училиштата.