Евалуација
Вовед
Водени од мотото дека образованието е клучот што ги отвора вратите кон подобар живот, Националниот Ромски Центар ја организираше Кампањата за образование на Ромите (Мобилизација на Ромските родители да ги пратат децата во редовни училишта) во периодот јануари – октомври 2006, со финансиска поддршка од Ромскиот Едукативен Фонд.
Состојбата на Ромите во образованието е причинско – последична врска каде што на секоја страна од триаголникот се наоѓаат родителите, училиштето и државните институции. Најважната страна сепак е онаа на родителите. Од нив зависи дали децата ќе бидат вклучат во образовниот процес и колку успешно ќе биде сторено тоа. Затоа и најважната работа на НРЦ во кампањата беше да работат со родителите.
За време на шестмесечната реализација на првиот дел од кампањата заклучивме дека ќе биде особено значајно да работиме со родителите на децата кои треба да се запишат во подготвителна година и прво одделение во учебната 2006/2007 година.
Според новите законските одредби, согласно законот за децентрализација „Основното образование трае девет години и, по правило, е задолжително за сите деца на возраст од шест до петнаесет години. Предучилишното образование е задолжително за сите деца. Предучилишното образование е во надлежност на општината, додека МОН е одговорно за образовните програми. Министерството за труд и социјална политика не е веќе надлежно за предучилишното образование“. Според новите одредби, распределбата на средствата кои што ги вклучуваат блок-дотациите се заснова на формула и се одредува во согласниот со фазите на фискалната децентрализација. Формулата се заснова врз бројот на учениците во основните и во средните училишта на територијата на општината.
НРЦ сметаше дека во претстојниот период ќе биде значајно да се работи со најмалите (на нивно интензивно вклучување во образовниот процес). Затоа во периодот Август – Октомври реализиравме три месечно продолжување на кампањата што ги опфаќаше ромските деца што требаше да се запишат во подготвителна година и прво одделение, како и нивните родители и сите околни фактори (училишта, институции, медиуми).
Генералниот заклучок е дека во однос на минатата година уписот на децата во прво одделение во Скопје, Прилеп и Куманово е зголемен за 50%. Од друга страна податоците на НРЦ укажуваат на податокот дека најмалку 1000 деца сеуште се надвор од образовниот процес.
За реализацијата на овие активности добивме поддршки од неколку општини, но сметаме дека особено значајна е поддршката што ја добивме од Филозофскиот Факултет во Скопје (досега претставниците од високото образование не покажуваа интерес за кампањските активности и покрај тоа што редовно беа информирани). Поддршките може да се проследат како Анекс 1.
Mетодологија
Кампањата во целокупната реализација (Јануари – Октомври 2006) беше насочена кон три главни целни групи:
- Родителите и нивните деца
- Владините институции, училиштата и локалната самоуправа
- Македонските медиуми
Притоа, за остварување на целите во однос на овие целни групи беа користени следниве методи:
- Директни контакти (посети дома) – при што теренските едукатори разговараа со родителите Роми во Скопје, Прилеп и Куманово, ја пренасаа пораката на кампањата директно до нив и им нудеа асистенција за упис на нивните деца на училиште. Во првиот дел од кампањата беа посетени вкупно 10.500 ромски семејства, додека во вториот повторно беа посетени 808 ромски родители кои имаат деца кои во учебната 2006/2007 требаше да се запишат во подготвителна година и прво одделение.
- Пополнување и обработка на прашалници – Во првиот дел од реализацијата на кампањата сите ромски семејства (10.500) пополнија прашалник за процена на состојбата со образованието на Ромите во трите градови.
- Индиректни контакти преку пошта – На сите родители за кои имавме податоци дека имаат деца за упис во подготвителна година и прво одделение им испративме писма во кои ги информираме за значењето на образованието и задолжителноста на учеството во образовниот процес.
- Директни советувања – секојдневно во канцеларијата на НРЦ доаѓаа луѓе на кои им нудевме совети и асистенција. Ваква активност се одвиваше и телефонски за жителите на другите градови.
- Медиумска активност – овој метод на работа се покажа како особено корисен за постигнување на целите на кампањата. Во текот на целата кампања беше ангажирана Медиумска Лоби Група која успеа да ги опфати и електронските и печатените медиуми, постојано пласирајќи информации и позитивни приказни за образованието на Ромите. Нивната активност делуваше и на другите македонски новинари кои пласираа позитивни информации за Ромите.
- Работилници за новинарите – во текот на кампањата беа реализирани две работилници на кои присуствуваа македонски, ромски и албански новинари кои дискутираа за пристапот кон ромската проблематика, со акцент на образованието на ромските деца. На втората работилница новинарите креираа медиумска стратегија за позитивен пристап.
- Посета на 17 основни училишта во Скопје, Прилеп и Куманово – директните посети во училиштата во вториот дел од кампањата беа искористени за поставување основа за соработка, за презентација на кампањата и интересот за вклучување на ромските деца во училиштата. На училиштата им е понудена асистенција во релацијата со родителите. Притоа беше анализирана застапеноста на Ромските деца во образованието во однос на минатата година.
- Константно информирање на претставниците на владините институции, училиштата и локалната самоуправа – во реализацијата на кампањата постојано праќавме информации преку електронска пошта, преку факс и по пошта.
За децата – Роми нема место во кумановските училишта!
Од деветте основни училишта во Куманово ниту едно не сака да ги запише педесетината деца од населбата Средорек
Столе Божиновски
КУМАНОВО – За педесетина деца-Роми од кумановската населба Средорек деновиве нема место во ниедно од деветте основни училишта во градот. Конкретниот случај го актуализираа ромските невладини организации кои вршат притисок врз локалната самоуправа да им наложи на основните училишта да го почитуваат законот и да прекинат со тивката дискриминација кон Ромите. „Со проблемите на Ромите во Куманово се занимаваат седум ромски невладини организации, од кои две „специјализирани“ за проблемите од образованието, меѓутоа гледате што се случува“, вели Ашмет Елезовски, еден од поборниците за поголеми права на Ромите во Куманово.
Пред влезот на Основното училиште „11 Октомври“ во близина на населбата Средорек секојдневно можат да се видат група Роми кои инсистираат да ги запишат своите деца. „Во Куманово е познато дека ние неофицијално сме ромско училиште“, вели директорот на училиштето, Круме Младеновски, кој моментално е единствен човек од образованието подготвен да говори отворено за овој проблем. Тоа училиште со години наназад постојано е „пребукирано“ со ученици-Роми, бидејќи другите, особено т.н. „елитни“ – „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, практикуваат прикриена дискриминација на децата од ромската популација. Начинот на дискриминација е перфиден, а го практикуваат и наставниците и родителите, кои нерадо се согласуваат нивните деца да учат со Ромчиња. „Таа прикриена дискриминација од лани наваму влезе и во „најромското“ основно училиште „11 Октомври“, бидејќи под притисок на родителите со закана дека ќе ги испишат децата, моравме да формираме етнички чисти паралелки со ученици- Македонци и ученици-Роми“, вели директорот Младеновски.
Вчера во неговата канцеларија продефилираа повеќе Роми со молба да си ги запишат децата непожелни во другите основни училишта во градот. „Моите две деца, на 12 и 13-годишна возраст учителката ги избрка минатата година без да ми даде никаков документ дека се избркани поради тоа и тоа од ОУ „Христијан Карпош“ “, вели Решат Шаиновски, татко на шест деца кој и самиот има само три одделенија основно образование.
Во прилог на информацијата за формирање чисти етнички паралелки оди објавената информација за пет првачиња од ромска националност кои се распоредени во посебна, етнички чиста паралелка во основното училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар, затоа што ниту еден од наставниците во другите одделенија не прифаќаат овие деца да учат кај нив.
Проблем во Прилеп – Во Прилеп се јави сличен проблем. Сите ромски ученици се запишуваа во О.У. „Добре Јованоски“ и покрај тоа што „Кире Гаврилоски Јане“ не се наоѓа далеку од ромската населба и вратата на училиштето се отворени за овие ученици. Дури ветуваа дека ќе им обезбедат учебници. Во овој случај, проблемот повторно беше кај родителите, кои инсистираа нивните деца да се запишат во училиштето каде што учат сите други ромски ученици.
За решавање на овие проблеми организиравме средби во Министерството за образование и Управата за развој на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, при што им го презентиравме проблемот и побаравме да се изнајдат начини за негово надминување. Она што беше постигнато се однесува исклучиво на училиштата, кои по оваа реакција целосно ги отворија вратите и изразија подготвеност да ги примат децата. Но, повторно не беше преземено ништо во поглед на работата со родителите.
Трошоци за медицински потврди – Во овој период на упис на децата во училиштата се појави уште една потешкотија. Сите деца кои се запишуваа во подготвителна година, требаше да одат на лекарски преглед и да добијат потврда дека се медицински подготвени за да посетуваат училиште, за што требаше да платат по 200 мкд. Голем број од родители не беа во состојба да ги издвојат тие средства за потврдите. Ние упативме официјално барање до Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, за толеранција во однос на примателите на социјална помош. По реакцијата, децата добија потврди и се запишаа во училиште.
Образование во малите етнички заедници
Ромите не сакаат само проекти, туку интеграција
Љубица Гроздановска
Се викам Рамче, ме викаат Џамче. Зошто? Затоа што повеќе сум гол отколку облечен, живеам во куќа, поточно колиба направена од картон, живи тули и плех… Ќе ви кажам една тајна, во земјата закопав тегла и во неа кријам пари. Сакам да соберам многу за да и купам на мојата сестричка инвалидска количка… По осмо одделение навистина не знам што ќе работам. Сакам да бидам молер и се да обелам во бело, па и јас да бидам бел. Понекогаш мислам дека луѓето не ме сакаат оти сум црн. Но, што можам јас, баба вели дека нашиот Бог е црн… Јас сум Рамче, поточно Џамче, низ моето џамче ја гледам мојата иднина.
Ова е извадок од есеј на ученичката Елена Накова од Штип на тема „Како е да се биде Ром на училиште, дома и во општеството“, награден од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Ситуацијата не е поразлична од оваа што во својот есеј ја опишала ученичката од Штип. Тоа го потврдуваат невладините организации на Ромите во Македонија.
Кај 70 отсто од околу 200 ромски семејства од Куманово, Скопје и од Прилеп постои силна волја децата да се школуваат, но немаат пари за тоа. Се уште останува сликата Ромчињата да бидат дискриминирани, како од нивните соученици, така и од наставниците. Државата има стратегија како да се подобрат условите на Ромите, но не ја остварува во практика. Имаме само куп хартии како да се направи тоа, но нема никаква координација меѓу институциите – вели Ашмет Елезовски, координатор на кампањата „Клучот е во ваши раце“ на невладината организација Национален ромски центар од Куманово.
Членови на невладини организации за заштита на правата на Ромите сметаат дека граѓаните од ромска националност се маргинализирани и за таквиот третман ја обвинуваат државата. Други тврдат дека состојбата не е толку очајна и оти работите од година во година се подобруваат.
Гетоизација на Ромите
Ромите се оставени сами на себе и државата ги гетоизира во одделни населби, смета Љатиф Демир, член на Европскиот ромски форум. Тој, повикувајќи се на Уставот ги обвини државните институции дека не ги почитуваат правата на Ромите.
Учениците Роми го напуштаат училиштето по четврто одделение зашто потоа немаат настава на ромски јазик. Мора да учат на македонски, иако во Уставот им е загарантирано правото да учат на својот мајчин јазик – вели Демир.
Тој му забележа на Министерството за образование дека во учебниците по историја не се вметнати и културата, традицијата и историјата на ромскиот народ, со критички став дека „повеќето граѓани во земјава сметаат оти Ромите немаат сопствена историја“.
Како може луѓето да кажат дека ние немаме сопствена историја? Зарем 18 милиони луѓе во светот не се доказ дека Ромите имаат своја традиција? Затоа нашите власти треба да преземат активности со кои поагресивно ќе влијаат на свеста на Ромчињата за нивната традиција и култура – смета Демир.
Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар од Куманово смета дека работите одат на подобро иако во пракса малку се остварува:
Македонија треба да биде горда со ромскиот народ и во нас да гледа богатство. Добро е што Ромите од Македонија полека се вклучуваат во европските активности, како на пример во проектите на Советот на Европа во Стразбур. Така, во Европскиот ромски форум имаме пет делегати, кои работат на правата на Ромите во Македонија.
Стипендии за стимулација
Од малцинствата, најмногу децата од ромската националност го напуштаат образованието. Следуваат деца од турска, албанска националност и дел од Македонците-муслиманите, тврди Драган Недељковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на јазиците на етничките заедници при Министерството за образование.
Сиромаштијата и стапувањето во брак на рана возраст се главните причини зошто Ромчињата го напуштаат училиштето. Тоа е честа појава кај децата во седмо и осмо одделение.
Недоволното познавање на македонскиот јазик е дополнителна причина и тоа најчесто се случува по завршување на четвртото одделение. Никој нема конкретен број на децата што го напуштиле училиштето, дури ни Заводот за статистика. Но, грубо кажано, најголемо осипување има кај Ромите. Така, на пример, има случаи кога во прво одделение се запишале 100 ученици, а во петто 50 веќе се откажале.
Основното образование е загарантирано со Устав и родителите може да бидат казнети ако не ги пуштаат децата во училиште. Недељковиќ вели дека досега немало такви случаи и оти на родителите им било „прогледано низ прсти“.
Прво следуваат усни опомени, па парични казни, но и затворски казни. Но, законот не се почитува и досега гледавме низ прсти. Ќе се постигне спротивен ефект ако родителите одат во затвор. Државниот просветен инспекторат треба да преземе поконкретни мерки.
Управата од минатата година почна со стипендирање на средношколци-Роми како поттик да се зголеми опфатот на децата во образованието. Засега тие ќе се финансираат од донатори зашто според Недељковиќ, државата нема пари во буџетот за такво нешто.
Лани стипендиравме 267 средношколци-Роми во прва година и тоа даде многу добри резултати. Годинава го продолживме проектот и сега ги стипендираме и учениците од трета и четврта година. Дадовме 640 стипендии од по 48 евра месечно, за десет месеци. Опфатени се сите средношколци Роми. Ако лани имавме 267, годинава имавме 513 запишани ученици. Стипендијата беше „мотор“ за поголем опфат. Во основно немаме ваква стимулација, но УНИЦЕФ лани подари 1.000 комплети книги и училиштен прибор за тие што ќе се вратат во училиште. Така, оние од основно одат во училиште затоа што знаат дека во средно ќе добиваат пари за школувањето. Ова е проект што ќе трае седум-осум години. Се надевам дека ќе најдеме донатори за уште една генерација. Потоа Македонија ќе стане дел од ЕУ и ќе има пристап до фондовите.
Националниот Ромски Центар од Куманово апелира
Упис и за Ромчињата без документи
Основните училишта во Скопје, Куманово и во Прилеп на 1 Септември да ги отворат вратите за околу 2.000 првачиња од Ромска националност и да ги запишат сите деца на шест годишна што немаат лични документи и чии семејства немаат пари да ги школуваат своите деца. Вака до градоначалниците и до директорите на осмолетките апелираат од Националниот ромски центар од Куманово. Ромскиот едукативен центар од Будимпешта го подржува апелот и се надева дека локалните власти ќе имаат слух за овој проблем. Анализите на Центарот покажале дека 400 до 2.000 Ромчиња што во петок треба да тргнат в училиште не се запишани во книгата на родените и немаат лични документи. Таму велат дека повеќето семејства не сакаат да ги пуштат децата в училиште бидејќи немаат пари. Отежнатиот пристап до училиштата, послабиот квалитет на наставата за децата Роми, како и традиционалниот став дека децата треба да стапуваат во бракови од рана возраст се останатите причини поради кои, од година на година, според Националниот ромски центар, се намалува бројот на ученици – Роми. Тие велат дека лани во прво одделение биле запишани само 145 деца.
Доволно е кажано дека децата од Ромска националност го напуштаат образованието во четврто одделение и доста беше со проекти што треба да помогнат како нив да ги вратиме во училиште пак. Проблемот со образованието на Ромите треба да се решава уште кога тие се на предучилишна возраст. Затоа бараме локалните власти и директорите на осмолетките да ги примаат сите Ромчиња – првачиња. Во меѓувреме, ќе ги извадиме личните документи за тие што не се евидентирани – вели Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар.
Дека немањето лични документи е еден од поголемите проблеми поради кој децата од ромска националност не се запишуваат в училиште потврдува и Драган Недељковиќ, директор на Управат за развој и унапредување на образованието на етничките заедници при Министерството за образование
Презедовме акции за евидентирање на граѓаните од ромска националност. Но, од тоа ништо не е направено зошто државата немаше пари. Сега се на потег ромските невладини организации, зошто имаат пристап до странски фондови и лесно може да дојдат до пари и да го решат овој проблем – смета Недељковиќ
Љубица Гроздановска
По повод денот на ООН
Доделени награди за новинарство и фотографија
Канцеларијата на Обединетите нации во Македонија ги додели наградите за новинарство и фотографија, на тема сиромаштија во земјата.
Годинава доделени се следните награди:
- Прва награда за најдобра сторија објавена во печатен медиум ја доби Тодор Стојчевски за сторијата со наслов „Образование за ромска ренесанса“, втората Љубица Гроздановска за сторијата со наслов „Деца аргатуваат за 100 денари“, а третата Маја Томиќ за сторијата „Да не се добрите луѓе досега ќе умревме од глад и студ“.
- Наградата за најдобрата ТВ сторија ја доби Драган Антоновски за документарецот Клучот е во вашите раце“, а наградата за најдобрата радио сторија – Белинда Кока за прилогот „Сиромаштија“.
Наградата за најдобра фотографија ја доби Томислав Ѓорѓиев.
Наградите беа доделени на приемот во хотелот „Александар палас“ организиран по повод Денот на Обединетите нации.
Преку филмот сакавме да испратиме јасна порака до целокупната македонска јавност дека Ромите можат и знаат да се школуваат и да остварат јасни позитивни резултати.
Во документарниот филм се направени неколку интервјуа со познати, истакнати Роми од Македонија и пошироко: Николае Георге (ОСЦЕ ОДИХР), Рутко Кавчински (ЕРТФ), Мартин Демировски (асистент во Европски Парламент), Шаип Јусуф (авторот на првата ромска граматика), а главниот лик во филмот е Васка Б. Мустафа (советник на Народен Правобранител).
Снимањето беше подолготрајно од планираното, поради зафатеноста на интервјуираните.
Во поглед на снимањето песна што беше предвидено за првата половина од проектот, направивме промена во поглед на намената на песната. Имено, во договор со композиторот Валентино Скендеровски и режисерот Драган Антоновски договоривме песната да не биде вметната во филмот, поради богатата говорна содржина. Затоа снимивме посебна кампањска песна, насловена DZAN (Оди) со вокалистката Техамана Скендеровска, што ја пративме на повеќе локални радио станици и ја користевме при јавни настапи.
Во текот на реализација на кампањата добивме понуда од Хрватската телевизија да бидат наши гости, да ги информираме за кампањата и воопшто за образованието на Ромите во Македонија. За време на нивниот петдневен престој во Македонија ги посетија сите организации и поединци за кои ние сметавме дека се значајни за образованието на Ромите и собраа информации за нашата активност. Информацијата за Образованието на Ромите беше емитувана во рамките на мултиетничката емисија „Призма“ на Хрватската Телевизија.
Ваквата иницијатива и понудените информации беа поттик и за едно словенечко и две белградски радија да не контактираат и да бараат информации за активностите во поглед на подобрувањето на образованието на Ромите во Македонија.
1.4. Да се проверат постигнатите резултати
Во текот на месец ноември работевме на обработка на податоците од целата кампања.
Во првиот дел од анкетирањето опфативме вкупно 10.974 жители или 2.910 семејства на Куманово, Прилеп и Скопје.
Притоа, од нашите истражувања, наидовме на следните показатели.
Образовна структура на анкетирани Роми од Куманово, Скопје и Прилеп.
Машки | Женски | Вкупно | Процент во однос на сите анкетирани на возраст над 7 години | |
---|---|---|---|---|
Основно | 1180 | 1519 | 2699 | 28,98% |
Средно | 198 | 518 | 716 | 7,7% |
Високо | 7 | 8 | 15 | 0,16% |
Машки | Женски | Вкупно | Вкупно за одредување процент | Процент | |
---|---|---|---|---|---|
Предшколско | 181 | 222 | 403 | 1217 (од 3-5 години) | 33,11% |
Ученици | 818 | 1006 | 1834 | 2479 (од 7-15 години) | 73,98% |
Средношколци | 73 | 138 | 211 | 1297 (15-20 години) | 16,26% |
Студенти | 10 | 17 | 27 | 2176 од 20-30 години) | 1,24% |
Машки | Женски | Вкупно | Процент во однос на сите анкетирани на возраст нас 7 години | |
---|---|---|---|---|
Неписмени | 1090 | 728 | 1818 | 19,52% |
Полуписмени | 902 | 931 | 1833 | 19,68% |
Непознато | 286 | 248 | 534 | 34,94% |
Од податоците што ги добивме од нашите анкети произлегува дека од вкупно 5283 родители, 1193 се неписмени, а 1311 се полуписмени, што значи дека 47% од родителите не се во можност да им помогнат на своите деца во завршувањето на училишните обврски.
Услови за образование на ромските ученици
Процентот е пресметан во однос на вкупниот број на 1269 анкетирани семејства каде што има ученици.
Дали децата поседуваат посебна просторија за учење? | Процент | |
---|---|---|
Да, имаат посебна соба за учење, со соодветна маса за секое дете и не ја користат и за учење и за играње | 182 | 14,34% |
Да, но нема простор за сите деца, така што мора да се менуваат при учење | 99 | 7,80% |
Да, но собата истовремено се користи и за другите намени | 231 | 18,20% |
Не, но има посебен дел од собата каде што децата можат да учат | 136 | 10,71% |
Не, но кога детето треба да учи, семејството создава простор за него | 299 | 23,56% |
Не, нема простор каде што може детето да учи | 322 | 25,37% |
Во 25,37% од анкетираните семејства децата воопшто немаат услови за учење затоа што во истата соба живее целото повеќечлено семејство и тука се изведуваат сите животни активности. Со тоа, се намалува бројот на потенцијални добри и редовни ученици.
Дали децата поседуваат учебници и училишен прибор? | Процент | |
---|---|---|
Да, децата ги имаат основните материјали | 261 | 20,56% |
Да, децата ги имаат основните материјали, но не сите | 268 | 21,12% |
Децата имаат само дел од потребните материјали | 210 | 16,54% |
Децата имаат само мал дел од потребните материјали | 369 | 29,08% |
Не, немаат ништо | 161 | 12,68% |
29,09% од анкетираните ученици имаат само мал дел од потребните материјали, што во најголем дел вклучува 2-3 тетратки и молив.
Дали се прифатени од страна на децата во училиште? | Процент | |
---|---|---|
Да, тие се чувствуваат дека се прифатени, имаат другарчиња не-Роми и се социјализирани меѓу нив | 791 | 62,33% |
Да се чувствуваат делумно прифатени, имаат неколку другарчиња не-Роми, но постојат јасни пречки во нивната комуникација | 266 | 20,96% |
Тие се прифатени делумно – не се чувствуваат отфрлени во училиштето, но немаат другарчиња не-Роми | 153 | 12,05% |
Се чувствуваат како неприфатени во школото | 49 | 3,86% |
поголем дел од ромските ученици се чувствуваат прифатени од страна на другите деца, но тоа не е случај со сите.
Дали се прифатени од страна на наставниците во училиштето? | Процент | |
---|---|---|
Да, наставниците се однесуваат кон нив како со сите други деца | 866 | 68,24% |
Да, тие се делумно прифатени, но наставникот не отстапува дополнително време за работа со ученикот | 280 | 22,06% |
Наставникот не го навредува ученикот, но секогаш го остава настрана и во последна клупа | 72 | 5,67% |
Се чувствува неприфатено, наставникот го навредува со неговиот однос | 51 | 4,01% |
најголем дел од ромските ученици се чувствуваат прифатени од страна на наставниците, но голем е и бројот на оние кои тврдат дека наставникот не одвојува дополнително време за да работи со него/неа.
Дали родителите се заинтересирани за продолжување на образованието? | Процент | |
---|---|---|
Да, сакаат нивните деца да завршат факултет или вишо образование | 756 | 59,57% |
Да, сакаат нивните деца да завршат средно образование | 346 | 27,26% |
Сакаат нивните деца да завршат основно образование | 74 | 5,83% |
Не инсистираат на образование – зависи од интересот на детето | 63 | 4,96% |
Не, образованието за нив е непотребен товар, што и онака не им носи ништо корисно во животот | 27 | 2,12% |
родителите обично сакаат нивните деца да завршат високо и средно образование, што е охрабрувачки податок со што се руши идејата дека ромските родители не сакаат нивните деца да бидат образувани.
Колку книги има во куќата? | Процент | |
---|---|---|
Ниедна | 761 | 59,96% |
1-10 | 441 | 34,75% |
10-100 | 49 | 3,86% |
Повеќе од 100 | 18 | 1,42% |
најголем број од семејствата не поседуваат ниту една книга во семејството, што се одразува негативно на образованието и на чувството за значењето на книгата.
Прашања за родители
Секој ден | Речиси секој ден | Понекогаш | Никогаш | |
---|---|---|---|---|
Неромските ученици се дружат со моето дете | 331 | 307 | 370 | 177 |
Наставникот за време на часот дополнително му помага на моето дете | 72 | 162 | 642 | 309 |
Моето дете добива добри оценки (4 или 5) | 172 | 257 | 645 | 111 |
Моето дете добива лоши оценки (1 или 2) | 52 | 103 | 473 | 557 |
Наставникот останува по часовите за да му помогне на моето дете | 26 | 42 | 669 | 448 |
Неромските ученици се однесуваат лошо со моето дете | 21 | 52 | 555 | 559 |
Наставникот се однесува лошо со моето дете | 27 | 50 | 468 | 643 |
Наставникот сака да разговара со родителите | 90 | 137 | 839 | 112 |
Наставникот му дава можност на моето дете да го каже неговото мислење | 151 | 188 | 680 | 168 |
Моето дете учи дома и ги пишува домашните | 538 | 313 | 269 | 397 |
Моето дете пишува домашни во центрите за поддршка на едукација | 183 | 123 | 321 | 558 |
Моето дете носи книги од библиотека и ги чита дома | 146 | 148 | 513 | 378 |
Од прашањата упатени директно до родителите се создава следната ситуација од нивен аспект: Неромските ученици понекогаш се дружат со ромските деца, наставникот понекогаш дополнително му помага на ромското дете и останува по часовите за совладување на наставниот материјал, неромските ученици понекогаш се однесуваат лошо со ромските деца, наставниците понекогаш ги викаат родителите на разговор и понекогаш му дава можност на детето да го каже неговото мислење, децата секојдневно учат дома и ги пишуваат домашните работи, а тоа никогаш не го прават во центрите и понекогаш земаат книги од библиотека и ги читаат дома.
Ниеден | 1 | 2-5 | Повеќе од 5 | |
---|---|---|---|---|
Број на телевизори во куќата | 118 | 2585 | 143 | 59 |
Број на бањи во куќата | 685 | 2137 | 15 | 68 |
Број на телефони во куќата | 1570 | 1216 | 42 | 77 |
Број на радио апарати | 537 | 2089 | 271 | 5 |
Број на соби во куќата | 23 | 922 | 1935 | 25 |
Број на компјутери во куќата | 2427 | 70 | 6 | 1 |
Од анализата за домашните услови произлегува дека 5% од ромските семејства немаат телевизор во куќата, 27% од домовите немаат бањи, што значи дека децата немаат услови за одржување хигиена, 63% немаат телефон во куќата, 21% немаат радио, 37% живеат во една соба, а дури 97% немаат компјутер дома. Во однос на другите ученици, со овие услови за живеење ромските деца се во незавидна положба, без основни можности за семејна едукација и надворешни фактори за дополнително образование.
По завчерашниот инцидент во ОУ „26 Јули“, наставата продолжи, но напнатоста останува
Надлежните сакаат да ја забошотат тепачката во Шутка
Жаклина Ѓорѓевиќ
По завчерашната тепачка меѓу ученици-Албанци и Роми во Основното училиште „26 Јули“, во кој беа повредени неколкумина ученици и родители, наставата во училиштето вчера помина без проблеми. Иако дел од родителите-Роми и Албанци, вчера не ги пуштија своите деца на училиште, плашејќи се да не се повтори завчерашниот инцидент, за кој многумина коментираат дека ја одразил меѓуетничката нетрпеливост во овој дел од градот. Никој од очевидците не е расположен официјално да ја потврди тепачката, во која, покрај учениците, се вмешале и родителите, ниту пак да каже детали околу случајот. Пратениците едноставно сакаат да се дистанцираат од случајот, велејќи дека тој треба да се заборави и да не му се дава медиумска важност.
Директорот на училиштето, Раиф Дарлишта, инаку прв братучед на министерот за правда, Исмаил Дарлишта, вчера забрани влез за родителите и сите странки во училишниот двор и внатре во самото училиште, каде што имаше неколкумина полицајци. Тој вчера, како и завчера, кога се случил инцидентот, не беше расположен да објасни како дошло до масовната тепачка во училиштето. Ромите видно вознемирени од случајот, за синоќа, во 19 часот, најавија состанок со пратеникот Неждет Мустафа и градоначалникот на Шуто Оризари, Ердуан Исени. И двајцата вчера не беа расположени за изјава, а така се однесуваше и пратеникот на ДУИ, Хисни Шаќири, на кој овој реон му е изборна единица.
Ме тепаше група од неколку Албанци кои удираа по мене со дрво, а откако завршија продолжија со клоци. Не знам кои беа и што беа, ама знам дека ме навредуваа со пцости и ме навредуваа како Ром, раскажува Џ. К., родител на еден ученик од „26 Јули“, кој бил повреден во завчерашната тепачка. Џ.К. се здобил со повреди на подлактницата, прстите, ребрата и главата, а вчера е пуштен на домашно лекување. Тој бил нападнат во моментот кога се обидел да ја земе од училиште својата деветгодишна ќерка. Претходно, Џ.К. слушнал дека имало некаква расправија во училиштето, па затоа отишол да види за што станува збор. Кога дошол во училиштето, слушнал и дека неговиот син го тепаат Албанци внатре во училиштето, но не знаел точно што се случува. Неговата сопруга, која исто така, се плаши да се претстави со име и презиме, вели дека нивниот син добил шлаканица од некој наставник-Албанец, откако претходно Ромот реагирал на провокациите од учениците-Албанци во училиштето. Ромите се жалат дека се чувствуваат загрозени од Албанците и велат дека натамошниот соживот со нив во училиштето, преку нивните деца, едноставно не е можен.
Албанците, пак, зборуваат обратно. Според нив, Ромите ја почнале завчерашната тепачка во училиштето. Некои од нив зборуваат дека пред два дена во училиштето бил повреден ученик-Албанец, иако неговите родители не се расположени за изјава за медиумите. Албанците велат дека се чувствуваат понижени од односот на Ромите спрема нив, кои постојано ги пцуеле учениците-Албанци додека оделе во училиште и, наводно, фрлале камења врз нив. Тие ги отфрлаат како неосновани тврдењата на Ромите дека секојдневно учениците-Албанци фрлаат камења врз Ромчињата и ги навредуваат на етничка основа.
При посетите беше особено забележителен коментарот на училишните управи беше дека децата од подготвителна настава имаат пречки во комуникацијата поради недоволно познавање на македонскиот јазик.
Уште еден проблем што се забележуваше при уписот на децата се однесуваше на недостигот на некогашната пракса на училиштата да испраќаат покани на сите родители кои имаат деца на возраст за упис во подготвителна година или поточно прво одделение. Посетите ги искористивме за да ја согледаме причината за недостигот на оваа добра практика. Од нив дознавме дека постојат пречки и дека ним им е забранет пристапот до личните податоци од страна на Министерството за внатрешни работи. Затоа ги посетивме локалните единици на Министерството за образование и упативме апел дека таквата практика беше позитивна, меѓутоа добивме одговор дека поради промените во законот не постои можност да се повтори тој начин на информирање на родителите.
2.2 и 2.3. да се организираат средби со наставници од подготвителна година и прво одделение
Во однос на средбите со наставниците, направивме мала измена во реализацијата со тоа што наместо 6 поединечни средби, организиравме 3 при што разговаравме на еден состанок за работата на подготвителните групи и прво одделение. Оваа промена беше направена во согласност со претставничката од Министерството за образование и наука, г-ѓа Вера Муцунска.
Средба во Прилеп – Првата средба ја организиравме во Прилеп, каде што присуствуваа сите наставници од подготвителна и прво одделение, инспектор од Државниот Просветен Инспекторат и советникот за образование во Општина Прилеп.
Средбата ја цениме како позитивна поради увидот во проблематиката со која се соочуваат двете училишта, како и отвореното изнесување на проблемот со формирањето чисти етнички паралелки и уписот на ромски деца само во едно училиште. Како најчести проблеми со кои се соочуваат наставниците беа посочени: нередовноста, слабата соработка со родителите, непоседување основни училишни материјали, незадоволително ниво на хигиена и немање основни навики на ученик. Она што Прилеп го одвојува од Куманово и од Скопје е фактот дека Ромите во Прилеп зборуваат македонски и децата во училиштето влегуваат со добри познавања на македонскиот јазик. Проблемот во овој град е во родителите кај кои сеуште не постои доволно развиена свест за значењето на образованието. Постојните проблеми наставниците ги решаваат преку средби со родителите и посети дома, при што сепак се соочуваат со слаба соработка со родителите.
Значаен чекор беше критиката што инспекторката од Државниот Просветен Инспекторат ја упати до наставниците, во поглед на нивната недоволна ангажираност и приклонетост кон одредена група деца.
Училиштата добија јасна порака од претставничката од Министерството дека треба да се почитува одредбата за упис на деца по региони и дека треба да се избегнува формирањето чисти етнички одделенија. Сите се согласија дека со асистенција од невладиниот сектор двете училишта треба да ги распределат учениците и дел од ромските деца, кои реонски припаѓаат на О:У: „Кире Гаврилоски – Јане“ треба да се запишат во тоа училиште. Она што би се извлекло како заклучок и што доминираше на состанокот е големиот интерес на училиштата за упис на ромски деца.
Средба во Куманово – На средбата во Куманово присуствуваа по еден наставник од прво и подготвителна, педагогот и директорот од сите 6 основни училишта во градот. Главната тема на отворената дискусија беа проблемите со кои се соочуваат наставниците со посебен указ на ефектот од работата на едукативните центри на невладините организации, при што наставниците апелираа за отворање на повеќе такви центри. Најголемиот проблем со кој се соочуваат ромските ученици во Куманово е недоволното познавање на македонскиот јазик. Наставниците сметаат дека учениците се нередовни, недисциплинирани, незаинтересираност, немаат учебници, немаат средства да учествуваат во слободните активности, немаат културни и хигиенски навики, родителите се неписмени во најголем дел, слаба соработка од страна на родителите. Наставниците најчесто се обидуваат овие проблеми да ги надминат преку дополнителна и воннаставна активности, обезбедување учебници и хуманитарна помош, директни разговори, соработка со невладини организации. Сепак тие сметаат дека соработката со родителите почнува да преминува во позитивна насока, особено кај оние чии деца претходно ги посетувале едукативните центри на невладините организации.
Средбата ја оценуваме позитивно заради големиот одзив на наставниците, отворената дискусија за постојните проблеми и интересот за нивно надминување.
Прашалниците се доставени во прилог како Анекс
Листата на учесници на овие средби е доставена како Анекс
Средба во Скопје – На средбата во Скопје присуствуваа по еден наставник од подготвителна година, прво одделение, педагогот и директорот од наставникот, двајца просветни инспектори, како и двајца претставници од Управата за унапредување на образованието. Средбата ја оценуваме како позитивна со оглед на фактот дека наставниците многу отворено и реално го прикажаа проблемот во работата со наставниците, по што упатија порака до невладиниот сектор дека им е потребна поддршка во однос на комуникацијата со родителите. Најголемите проблеми според нив се однесуваат на нередовноста, совладувањето на македонскиот јазик, незаинтересираност на родителите, како и зависноста на Ромите од поддршката од невладините организации по што тие не се обидуваат да го обезбедат детето со потребниот материјал, очекувајќи поддршка од страна.
Прашалниците се доставени во прилог како Анекс
Листата на учесници на овие средби е доставена како Анекс
2.4. Да се пратат прашалниците до основните училишта
Прашалници до училиштата беа испраќани и во двата дела од кампањата. Притоа прашалниците беа одобрени и поддржани од Управата за развој на образванието на јазиците на припадниците, при Министерството за образование.
Во првиот дел од кампањата испративме прашалници до 169 основни и 52 средни училишта низ цела Македонија, на кои добивме одговор од 52 основни и 26 средни училишта.
Во вториот дел од кампањата испративме прашалници до 64 основни училишта, при што акцентот беше ставен на уписот на деца во подготвителна година и прво одделение. Добивме одговор од 31 училиште.
Генерален заклучок е дека училиштата сметаат дека неедуцираноста на родителите, како и сезонските работни ангажирања се најголемите проблеми и причини за нередовност и осипување на учениците. Тие сметаат дека допрва треба да се работи со родителите.
Во однос на бројките, прашалниците укажуваат на благ пораст на бројот на деца кои се запишуваат во учебната 2006/2007 година. Особено значителен е бројот на деца запишани во подготвителна година, со што во речиси сите училишта бројот на запишани деца го надминува бројот на првачињата од минатата година.
Примероци од пополнетите прашалници се доставени како Анекс 5.
До сите училишта беше доставено заедничко писмо од НРЦ и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците. Писмото е доставено во прилог на извештајот како Анекс 6.
ЗА ПРВ ПАТ ВО БИТОЛА
Ром се вработи во администрацијата
Рамиз Рустемов е првиот Ром во Битола што е вработен јавната администрација како чиновник. Министерството за труд и социјала реши Рустемов професионално да го ангажира од Центарот за социјална работа во Битола, како референт што ќе остварува непосредни контакти со битолските Роми, како најзагрозена социјална категорија граѓани.
Петнаесет години работам како активист на невладиниот сектор и посветен сум им на проблемите на битолските Роми, а сега ќе работам во институција што се занимава со проблемите на околу илјада Роми – рече вчера Рустемов.
Во Центарот за социјална работа очекуваат тој да ги олесни процедурата и комуникацијата со Ромите како најмногубројни корисници на социјална помош, но и на други услуги и стручна помош: за лечење од алкохолизам, социјализирање семејства, помирување семејства и поединци итн.
Според последниот попис, во Битола има околу шест илјади Роми и со седум проценти тие се втора етничка групација во овој град по Македонците.
„Тиквешки Роми”
Над 80 отсто од Ромите во Тиквешијата се неписмени
КАВАДАРЦИ – Здружението на граѓани „Тиквешки Роми“ од Кавадарци деновиве спроведе анкета со која се дојде до резултати дека 80 отсто од Ромите кои живеат во Тиквешијата се необразовани, а 90 отсто не си ги знаат своите права и им е потребна правна помош. Претседателот на здружението, Раим Сулејманов, вели дека вршат притисок кај родителите да ги пуштаат децата на училиште и покрај лошата финансиска состојба. „Ваквата активност покажа резултати“, вели тој.
Тиквешките Роми се жалат дека се соочуваат со дискриминација при вработувањето.
„Сите примаме социјална помош, но месечните примања од по 1.000-2.000 денари ни оддалеку не можат да ги задоволат потребите за живот. За струја должиме и по 100.000 денари“, се жалат неколкумина Роми од тиквешкото Тенеќе Маало. Од општината велат дека не се биро за вработување и согласно своите можности го помагаат загрозеното ромско население. Наскоро, ромските деца со помош на Светска банка ќе можат бесплатно да посетуваат градинка, а поголемите да изучуваат курсеви за компјутери. (А.Д.)
Според проектот не беше планирано одржување на прес конференција, но ние проценивме дека проекцијата на документарниот филм ќе биде значаен повод да се изнесат податоци пред новинарите, во однос на образованието на Ромите во Македонија. Прес конференцијата предизвика интерес поради проекцијата на филмот, но и поради бројките што беа изнесени во јавноста а кои зборуваат дека расте бројот на ромските деца во училиштата, но остануваат уште деца на улица.
Документарен филм за едукацијата на Ромите во земјава
Скопје, 11 септември (МИА) – Во мултимедијалниот центар Мала станица вечерва ќе биде прикажан документарниот филм за образованието на Ромите. Филмот е во продукција на Порта ФМ, го режираше Драган Антоновски, а е дел од програмските активности на кумановскиот Национален ромски центар.
Вечерашната проекција е дел од кампањата за едукација на Ромите што ја реализираме од почетокот на годинава со поддршка на повеќе општини од земјава, на министерствата за образование и наука и труд и социјала, на претседателот на државата, медиумите. Целна група се пред се децата од забавиште и оние што треба да се запишат во прво одделение, истакна на денешната прес-конференција Славица Ќурчинска, асистент во Националниот центар. Според последните податоци на Центарот, годинава во скопските основни училишта се запишале речиси 100 ромски деца повеќе од лани. Околу илјада, пак, секоја година остануваат надвор од образованиот процес, а причина најчесто е немањето лични документи.
Со прикажувањето на документарниот филм се надеваме дека ќе иницираме нов процес на разбирање и пристап кога станува збор за едукацијата на Ромите во земјава, рече проект координаторот Ашмет Елезовски. За прикажување на документарниот филм, додаде Елезовски, постои голем интерес од други земји, а во декември ќе биде прикажан и во Европарламентот.
Ромите во Прилеп сиромашни и дискриминирани
Златка Пурковиќ
21.08.2005
Бегај, оти ќе дојдат Ѓупците, ќе те земат и ќе те продадат. Вака бабите и мајките ги плашеа децата во Прилеп кога овие не беа мирни.
Дали вака почнуваат да се раѓаат стереотипите, да се создаваат предрасудите и погрешните мерила за човечките вредности?
Во Прилеп има над 4.000 Роми. Една третина од нив се млади луѓе со нормални потреби како и сите други млади, со исти желби и слични соништа. Многумина од нив на своја кожа ја почувствувале расната дискриминација.
„Портирот по своја волја кога ќе те види дека си Ром, те враќа назад или ти кажува приватна забава или нема место дечко за тебе да влезете вие внатре“, изјави Самиј Ајдини.
Гетоизирани претежно во населбата Тризла во Прилеп, на младите можностите за забава им се сведени на минимум.
Ни летните седенки во рестораните не се за сите, а најмалку за младите Роми од Прилеп. Нивните сопственици негираат дека внатре не пуштаат Роми. Присуството во нив е со резервации.
„Тие и самите се дистанцираат. Не знам кои се причините, некој стереотип се има развиено за нив по градов“, изјави сопственик на кафуле.
Најголемиот дел од Ромите живеат на работ на егзистенцијата, се гушат во кал и сиромаштија, но тоа сепак не значи дека не треба да им се подаде рака.
„Не баш толку често, повеќе се во нивниот дел од градот и еднаш неделно, во недела само излегуваат во градот шетаат“, вели Дарко Бошкоски.
Со приоритетите на Декадата на Ромите дел од проблемите можеби и ќе се решат. Дел од нив се решаваат преку невладиниот сектор.
„Мора да ги надминат предрасудите со тоа што можат заеднички со македонските невладини организации да започнат проекти кои се разрешување на конфликти, проблеми меѓу националностите“, рече Мухарем Јашароски.
Несредените улици, сиромаштијата, безработицата помалку болат од погрдниот збор Ѓуптин, велат Ромите во Прилеп. Ги бие глас дека животот го живеат од денес за утре, но тоа е нивна филозофија на која имаат право, како и сите ние на својата.
Ромскиот етникум забрзано се еманципира, но сè уште не се одвикнува од питањето и продавањето
Само секое десетто Ромче завршува осмолетка
Оние што се откажуваат од училиште го избираат животот на улица, голи и боси
Жаклина Ѓорѓевиќ
„Дај ми пет денари“. Ова се вообичаените зборови на деветгодишниот Севгуљ, едно од шесте деца на ромското семејство Арифи, додека чека на раскрсницата кај Црвен крст да заработи некој денар повеќе за неговите браќа и сестри, од кои двајца се инвалиди. Тој е роден овде, но нема документи дека е државјанин на Македонија, затоа и не може да појде на училиште, иако неговите родители немаат ништо против тоа. Таков статус има и неговата мајка, која е бегалец од Косово. “Сакам да учам, ама не ми дозволуваат наставниците”, вели срамежливо малиот Севгуљ, прекривајќи го лицето со нечистите раце. Неговата единаесетгодишна другарка, Серѓан Димири-Луке, за разлика од многумина други, знае да си го напише името и презимето. Вели дека оди во училиштето „Сончоглед“ во скопската населба Кисела Вода, интересно и е и не сака да се откаже од учењето. Таа учи, но слободното време го троши на улиците, питајќи.
Секое десетто ромче во Македонија завршува основно училиште, а само оние кои продолжуваат во средните училишта најчесто одат и на факултет. Оние, пак, што ќе се откажат од училишните клупи го избираат животот на улица и најчесто заглавуваат голи, боси, со сунѓери или бебе в рака, во некоја кутија на Камен мост додека чекаат на студ или под жешкото сонце да им фрлат по некоја пара…За разлика од некогаш, сега, прв пат Ромите почнаа масовно да се вклучуваат во администрацијата, полицијата, државната управа, локалната самоуправа… Но, во реалниот свет, нивниот живот се менува бавно. Официјалните бројки зборуваат дека од вкупно 43.000, или 2,2 отсто Роми кои живеат овде, во вкупната бројка на невработени учествуваат со 4,4 отсто. Оваа незначајна цифра ги опфаќа само оние кои имаат осумгодишно образование, што значи црната бројка е многу помасовна. Еманципацијата на Ромите, кои масовно живеат во перифериите, е заглавена во лавиринтот “животна навика” која ги принудува да се тркаат со времето за да обезбедат егзистенција.
Претседателот на Обединетата партија за еманципација на Ромите, Неждет Мустафа, вели дека Ромите треба да се изборат за своите права, иако сў уште се оптоварени со социјални и економски депресии и инфериорно образование. Тој смета дека Ромите не смеат да бидат третирани како социјален народ, и со жалење констатира дека бројот на сиромашните Роми се зголемува како никогаш досега. „Не можам да зборувам во суперлатив кога се соочувам со состојбата на сиромашните Роми, нивните супстандардни живеалишта, без инфраструктура, масовно питање на децата на улица и нивните родители кои бараат леб во кантите за ѓубре“, изјави Мустафа за време на прославата по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април кога ги повика Ромите да се здружат за да ги остварат своите права. Тој оцени дека Ромите се плашат да го побараат она што им припаѓа како право според Уставот. „Тоа е резултат на нашата лоша едукација. Ја имаме единствената шанса, во европски рамки да ја дофатиме правдата и еднаквоста со сите граѓани, она што го декларира Уставот“, појасни Мустафа.
Д-р Трајко Петровски, етнолог, кој работи во Институтот за фолклор и етнологија, појаснува дека Ромите почнале да прифаќаат некои модерни навики, но дека нивното незнаење е она што ги уназадува. „Најголемата грешка на Ромите е тоа што во минатото не учеле, не се образувале и тоа сега им се одразува во нивниот секојдневен живот. Тие самите треба да се освестат и да се вклучат во образовниот систем. Тоа значи дека во овој процес треба да се ангажираат и родителите на ромските деца, кои треба да влијаат врз нив и да ги стимулираат да се школуваат“. Петровски укажува на повеќе причини поради кои Ромите не учат. Тој смета дека за тоа се виновни, пред сў, родителите и нивното необразование, социјалната состојба, недостигот од ромски кадар во училиштата, како и дискриминацијата меѓу самите Роми, кој е најмногу видлив во невладините организации.
Роза Пeрушевска од Бирото за развој на образованието како главни слабости во образованието на Ромите ги смета нецелосното и ненавремено запишување на децата во прво одделение, осипувањето на децата во петто одделение, слабиот успех во текот на образованието и големиот број изостаноци. „Дел од причините за тоа се економската состојба на ромските семејства и негативниот став спрема учењето“, вели таа.
Кампања за образование на ромите: Има подобрување, но и одбојност кон ромското дете
Скопје, 13 март (МИА) – Во Македонија има подобрување на ситуацијата со образованието на Ромите, се креира волја на „високо ниво“, меѓутоа останува фактот за секојдневната одбојност кон ромското дете од страна на неговите соученици и наставници, изјави денеска Ашмет Елезовски, координатор на кампањата за образование на Ромите во Македонија насловена „Клучот е во вашите раце“.
Тој смета дека целиот процес на поголемо вклучување на Ромите во образованието нема да успее доколку граѓаните на Македонија не го променат односот кон овие деца и не ги прифатат онакви какви што се.
Според Елезовски, ромското прашање треба да се актуелизира токму во овој момент, кога поголемиот дел од населението се уште се соочува со прикривање на нивните основни човекови права – предрасуди, дискриминација и маргинализација.
Зборувајќи за текот на кампањата, која почна во јануари, тој додаде дека Националниот ромски центар во овој период интензивно работи на поголемо вклучување на ромските деца во училиштата преку мотивирање на родителите, намалување на стереотипите и предрасудите кон нив и отворена соработка со училиштата.
За него е охрабрувачки што и Европскиот парламент неодамна усвоил декларација за Ромите во Европската унија. „Тоа не охрабри да кажеме дека и ние сме дел од Европа и како такви имаме право еднакво да живееме со сите“, рече Елезовски, информирајќи дека Македонија има пет-шестмина претставници Роми во Европскиот форум.
Според проектот исто така не беше предвидена проекција на документарниот филм, но се покажа дека идејата за проекција на филмот пред претставници од државните институции и познавачи на ромската проблематика беше особено корисна за натамошната негова прифатеност.
Мојата Рахбет и нашите Роми
ЛАБИНА МИТЕВСКА
Пред петнаесет месеци
Минатата година, работејќи на еден германски филм неколку месеци преседов во јужна Германија. Една цела недела имав заедничка работа на сцени со една актерка со која многу се спријателивме, инаку Германка. И седејќи секојдневно меѓу сцените и чекајќи да се намести сè за ние да почнеме со работа, зборувавме за сè и сешто. И во тоа сè и сешто мене ми се припи кафе, а бидејќи луѓето кои ни приготвуваа храна за тој филм беа по потекло од Турција, и се разбира на големо задоволство, одвреме-навреме, доколку ги замолев, ни подготвуваа турско кафе. Ги замоливме и тогаш, и тие ни направија. Го испивме кафето и јас некако инстиктивно, среде Улм, си ја свртев шолјата, што не сум го направила не паметам од кога. Моите колеги-Германци зачудено ме погледнаа. Јас реков дека ќе си гледам на кафе. Тие одушевено ми прашаа – навистина знаеш да гледаш на кафе? Им реков дека во Македонија секој знае, а си мислам најверојатно знае, не сум гледала на кафе од тинејџерски години, кога бегајќи од по некој час седнувавме во „Стефани“ и си гледавме на кафе. Сите се одушевија од мојот талент и на пет колеги тој ден им гледав на кафе. Гледав и го зборував, демек, она што го гледам. Не знам дали сум погодила нешто или не, но поентата на крајот беше што тие инсистираа да им кажам од каде го имам овој талент. Од Рахбет, им велам јас. Од кој? Од Рахбет, повторувам јас. Тоа беше Ромката која работеше во нашиот дом повеќе од десет години. Израснав со неа. Од неа научив многу работи, навистина многу, а една од работите беше и гледањето на кафе. Таа навистина беше дел од нашето семејство, со својата добрина, со својата постојана насмевка секојдневно го правеше нашиот дом уште потопло место за живеење. Тие ми рекоа – ние ја знаеме кралицата од Македонија, кралицата на ромската музика, годинава има концерт тука и сите ќе бидеме на нејзиниот концерт.
Ден
И тој ден се присетив на Рахбет. Таа по извесно време замина за
Германија и нашиот дом остана без неа. Многу детски спомени, мои и на моето семејство се поврзани со неа. Едноставно, многу ја сакаме, а и таа нас. Во многу семејства во Македонија постоела и постои по една Рахбет за која сите сме врзани, на човечко ниво. И зарем има нешто повредно во животот од ова поврзување на човечко ниво.
Седам вечерта, седам и вртам телевизиски програми. И застанав на програмата каде што одеднаш видов многу убави лица, прекрасно подготвени господа, кои со цела почит комуницираа еден со друг. Тоа беше „Чуму“, посветена на ромската популација. И гледајќи ја оваа емисија, одеднаш се запрашав каде живеам и со кого живеам. Одеднаш гледаш можеби и нова иднина на Македонија. Гледаш луѓе што имаат што да кажат, кои знаат да кажат, кои меѓу себе се почитуваат без разлика дали на политичката припадност, позиција – опозиција. Одеднаш сфаќаш дека сите оние наши предрасуди во однос на ромското малцинство паѓаат во вода, сфаќаш дека идентитетот што го имаат, гордоста што ја поседуваат, искреноста која ја носат, не може на ниедно ниво да се спореди со сите наши политичари или интелектуалци или, пак, студенти што се одликуваат со позерство и политиканство, барем оние што се пробиваат до малите екрани. Младите луѓе што учествуваа во оваа емисија со толку гордост и самодоверба зборуваа за себе и за својот народ, што навистина беше огромно задоволство да ги гледаш, слушаш и следиш и, конечно, човек да се почувствува навистина горд што во Македонија имаме голем процент ромска популација. Баш уживав таа вечер, уживав и осознавав.
Ден по денот
Отидов на Бит-пазар, кај ковачот Бурдуш. Ромско семејство што сè уште на сред Бит-пазар ја има најстарата ковачници во Скопје. Ги запознав најчесните и едни од најкултурните и најпрофесионалните луѓе со кои сум соработувала. Задоволство е да ги гледаш како работат, со колку љубов, мака и желба сў уште работат во својата ковачница, најчесно и со голем труд го вадат своето парче леб.
Следниот ден
Следниот ден отидов на концерт на ромската кралица Есма. За големините на Есма како уметник, за нејзината хуманост, за нејзината професионалност, навистина е непотребно да се зборува. Есма повторно им приреди убавина на скопјани и на сите Македонци. Уживавме во нејзиниот глас, уживавме во секој момент од нејзината човечка големина.
Во тие моменти се сетив на неколку незаборавни претстави на театарот ,,Пралипе” со легендарниот Бурхан и плејадата извонредни актери, па на сите оние извонредни ликови одглумени од Ромите во филмовите на Кустурица, на извонредниот политички новинар Мишко, на популарните забавни програми на двете ромски телевизии.
Ден потоа
И дента потоа, по овие неколку дена кои, не знам како, ама се заредија на некој начин, константно да размислувам, да живеам, да гледам, да соработувам со Ромите од Македонија. Па, токму тоа ми наметна размисла за стереотипите со кои ние живееме во нашата глава, ми наметна и прашање дали ние како Македонци доволно даваме и доволно знаеме да ги согледаме сите оние убавини кои нашите малцинства знаат да Ј ги дадат на оваа земја.
Изминативе петнаесетина години очигледен е напредокот во поглед на интеграцијата на Ромите во Македонија. Сите показатели говорат дека расте нивниот број на високообразовните институции, од неколкумина до неколку стотици. Оваа преобразба најмногу се должи на самоорганизираноста на македонските Роми.
Финансиската помош однадвор, разбирањето и охрабрувањето на нашите власти, сето тоа резултира со огромен напредок. Но, ми се чини дека недостасува промена во свеста за поопфатно прифаќање на оваа популација на рамноправно ниво во нашата земја. За жал, не можеме да ги игнорираме сè уште присутните инциденти и полициската бруталност кон овие луѓе кои и натаму се најзагрозената група во оваа земја. Ромите мака мачат да излезат од пеколот на сиромаштијата и со својот весел дух успеваат да уживаат во животот најискрено и најчисто. Не можам да продолжам понатаму, бидејќи неправдата што ја трпат со ништо незаслужена премногу боли. Останува радоста да се види колку брзо и колку добро македонските Роми ја користат секоја шанса за зголемена интеграција и вербата дека наскоро ќе се надмине оваа состојба. И останува надежта дека ќе го симнеме што поскоро нашето перде од предрасуди од кое не можеме да видиме со кого навистина ја делиме нашава мала Македонија.
(Авторката е актерка)
Особено значајно за кампањата и за работата на Медиумската Лоби Група беше доделената втора награда за најдобар пишан новинарски текст во Неделата за борба против сиромаштијата, доделена на Љубица Гроздановска, од страна на Обединетите Нации. Во прилог го доставуваме текстот објавен во две продолженија, во дневниот весник Дневник.
МАЛОЛЕТНИ БЕРАЧИ РАБОТАТ ЗА КОРКА ЛЕБ ВО КАВАДАРСКО
Деца аргатуваат за 100 денари
Малолетници на возраст од седум-осум години, за дневница од 100 денари, која ја земаат нивните родители, работат по 11 часа низ тиквешките лозја Тринаесетгодишниот К.В. од Струмица, наместо молив и тетратка, скоро еден месец во рацете држи нож, со кој сече грозје во лозјата во Кавадарци.
Ножов е остар и многу добро ги сече гроздовите. Не се повредувам зашто се навикнав да го држам правилно. Поубаво ми е во училиште, ама морав да работам, зашто сакам нова облека. Не ми е првпат да собирам грозје. И лани бев аргат. Кога ќе заврши работата тука, се враќам во училиштето. Знам дека пропуштив од наставата, но се надевам дека наставничките ќе ме разберат. Немам сега време за разговор, мора да сечам грозје – рече младиот берач и влезе меѓу редовите на лозјето.
Тој со родителите и со четирите браќа и сестрата дошле на аргатлак на кавадарските лозја пред три недели. Училницата и соучениците во четврто одделение во училиштето „Маршал Тито“ во Струмица ги видел само на 1 септември. Оттогаш сече гроздови, ги полни десеткилограмските гајби и помага во нивното пренесувањето до камионите.
Не добива надомест за својата работа бидејќи е дете и не е регистриран како работник. Аргатува по инсистирање на родителите. Тие ја земаат неговата дневница од 100 денари. Но, се надева дека откако ќе заврши гроздоберот и ќе им ги исплатат парите, од неговите ќе добие доволно за да си купи нова блуза, фармерки и патики.
К.В. рамо до рамо работи со шеесетина други аргати од Штип и од Струмица. Меѓу нив има деца од четири години. Ги има и на возраст од шест, седум, осум години. Повозрасните се од 18 до 75 години. Сите се социјално загрозени и живеат од месечна социјална помош од 2.000 денари. К.В. со нив секое утро станува во шест, а се враќа во 17 часот попладне. Јаде и спие со целата група, која е сместена во напуштена штала, на 500 метри од лозјето каде што работи. Оброците ги дели со своите родители, а спие на подот од шталата со другите деца.
Додека К.В. непрестано сечеше грозје, Себастијан Мустафовски (33) од Штип, кој работи во истата група, стоеше настрана и го гледаше својот син, седумгодишниот А.М., како се обидува да ги дофати гроздовите на повисоките гранки. Себастијан одмараше и раскажуваше за својот живот. А.М. е во прво одделение во осмолетката „Ванчо Прке“ во Штип, но не оди во училиште бидејќи татко му нема пари да му купи учебници. А.М. работи на лозје по инсистирање на татко му.
Треба да крадам за да му купам учебници. Вака, работам чесно. Детето мораше да дојде зашто нема кој да го чува во Штип. А, штом е веќе тука, може и да помогне. Им објаснив на неговите наставнички. Тие ме притискаа да не го земам од училиште, но им кажав дека нема друг избор освен да го пуштат. Ако треба, ќе лежам и во затвор, ама најбитно ми е да спечалам некој денар за да му дадам да јаде. Кога ќе се вратиме дома, може и да не го вратам во училиште – вели Мустафовски.
Тој вели дека ниту работодавците не може да го спречат и децата да собираат грозје.
Работодавците знаат дека доаѓаме со нашите деца. Но, тие не се регистрираат како аргати. Само ние сме пријавени како аргати. Со нас потпишуваат договори за работа бидејќи така пресметуваат колку порции треба да ни подготват. Потоа јадењето го делиме со децата – објаснува Мустафовски.
Тој засега не размислува што ќе прави кога ќе се врати во Штип. Со своето четиричлено семејство живее од социјална помош. Пресметал дека од работата на лозјето ќе заработи околу 12.000 денари.
Со еден дел од парите ќе ги вратам долговите. Со остатокот ќе купам пиперки за ајвар и малку дрва за греење. Не знам дали ќе остане некој денар за да им купам нешто на децата – вели Себастијан.
Неговата група дневно собира по 150 гајби грозје. За една гајба добиваат по 10 денари. Штом завршат работа на едно, одат во друго лозје. Месецов биле на триесетина локации. Дома се враќаат за неколку дена. К.В. сака да се врати на училиште. Мустафовски планира да оди од куќа до куќа во Штип и да прашува дали некој има потреба да му ги исече дрвата за греење.
ОТСУСТВА ОД НАСТАВА ПОРАДИ БЕРБА НА ГРОЗЈЕ ВО КАВАДАРСКО
Надлежните замижуваат пред детскиот аргатлак
Училиштата, центрите за социјална работа, Министерството за образование и Народниот правобранител гледаат „низ прсти“ поради сиромаштијата во која живеат семејствата на тие ученици.
Празниот стомак и сиромаштијата ги тера социјално загрозени семејства од Струмичко и од Штипско со своите деца месецов да аргатуваат низ тиквешките лозја, а надлежните институции токму од тие причини гледаат низ прсти на отсуствата од настава. Неможноста да се преживее со месечната социјална помош од околу 2.000 денари ги принудува родителите да не ја почитуваат законската обврска да ги праќаат своите деца во училиште и да ризикуваат да го изгубат надоместокот од државата. Осмолетките, центрите за социјална работа, Министерството за образование и Народниот правобранител ваквата појава во државава ја гледаат „низ прсти“. Дел од нив не се запознаени со таквите случаи, но креваат рамења пред прашањето кое е решението за проблемот. Но, признаваат дека не сакаат да преземат ригорозни мерки иако законите се строги за родителите и за нив пропишуваат казна затвор, како и одземање на нивните деца. Укази до родителите дека не смеат да го злоупотребуваат трудот на сопствените деца, совети дека мора да ги праќаат во училиште, подготовка на стратегија од државата за ваквите појави се мерките што ги предлагаат институциите.
Во основното училиште „Маршал Тито“ во Струмица, каде што учи тринаесетгодишниот К.В., кој изминативе три недели наместо да е во клупа, собира грозје на кавадарските плантажи, знаат дека не ја посетува наставата. Таму велат дека К.В. го пуштиле да замине на поле по инсистирање на неговите родители. Го запишуваат неговото отсуство. Но, не знаат како ќе ги оправдаат изостаноците и дали ќе го вратат в училиште по еден месец отсуство.
Им укажавме на родителите дека тоа што го прават е незаконски и оти може да сносат санкции, но не нè послушаа. На децата не може да им сугерираме ништо зашто тие прават така како што ќе им кажат нивните родители. Бидејќи учениците подолго отсуствуваат, не се знае дали ќе им дозволиме да се вратат на настава. Ќе мора да го свикаме училишниот одбор и да го известиме просветниот инспектор – велат во осмолетката во Струмица.
Во Центарот за социјална работа во Струмица велат дека знаат оти корисници на социјална помош одат на сезонска работа во други градови, но признаваат дека замижуваат пред таквата појава зашто „не сакаат да дозволат корисниците на таквата помош да останат без скршен денар“.
Свесно ги пуштаме да заработат нешто дополнително. Што треба да правиме? Да им ја укинеме помошта од 2.000 денари, пари од кои преживува едно четиричлено семејство? Деновиве вршиме контрола на корисниците на социјална помош. Прво ги бараме да дојдат и да потврдат дека сè уште се на нашиот список. Ако не ги најдеме, им оставаме порака наредниот ден да се појават во Центарот. Со тоа им даваме рок да не ја пропуштат шансата за помош – вели Зоран Манев, директор на Центарот.
Во канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје најавуваат дека ќе отворат постапка за овие случаи како пример за злоупотреба на детскиот труд. Но, велат оти нема да бараат високи санкции за родителите.
Засега нема што да се каже бидејќи допрва ќе се испитува ваквата појава. Прв пат слушаме за ова. Ретки се случаите на злоупотреба на детскиот труд во земјава. Ќе сугерираме со советодавни мерки да се подигне свеста на родителите – велат таму.
И во Министерството за образование велат оти осмолетките сами треба да се справат со таквите ситуации.
Државата да најде фондови со кои на децата на социјалнозагрозените семејства ќе им обезбеди бесплатни учебници и да им доделува дополнителна социјална помош. Со тие пари ќе може да обезбедат храна и облека за зимскиот период. Ова не е ново во странските држави, па ние може само да го искористиме нивното искуство – сметаат во невладината организација „Национален ромски центар“ од Куманово.
Љубица Гроздановска
Учат сезонски, аргатуваат законски
Сања АТАНАСОВА (МИМ)
Стана Мамутовска од кумановската населба Перо Чичов едвај ги прехранува своите девет деца. Неодамна таа работела 20 дена во скопско Батинци, а со себе ги повела и децата кои се запишани на училиште.
За гајба грозје добиваме 60 денари, а за килограм старо железо во просек плаќаат по 8 денари. Со парите купивме дрва за огрев. Мора да се снаоѓаме – вели таа.
Нејзината 12-годишна ќерка Ѓуфета Демири вели дека професорите имаат разбирање и и ги оправдуваат изостаноците. Во истата населба живее и 10-годишниот Мухамед Куртиши, кој два месеца „работно“ престојувал во Србија заедно со своите родители.
Мухамед и Ѓуфета не се исклучок. Речиси сите деца од оваа ромска населба, кога ќе почне сезонската работа отсуствуваат од настава.
Аргатуваат заедно со своите родители во Тиквешко, Струмичко или во соседна Србија. Берат грозје, пченка, репка…
Со овој проблем се запознаени и вработените во основните училишта.
Минослав Трајковски, директор на ОУ „Толи Зордумис“, вели дека во училиштето има 20 Ромчиња, од кои само две-три се проблематични. Тој вели дека тие не доаѓаат на часови, затоа што се напуштени од родителите.
Во нашето училиште од 1.300 ученици најмалку 300 се од ромска националност. Кон крајот на септември и на почетокот на октомври нивното отсуство станува масовна појава – вели Даниела Стојановска, професор по математика во ОУ „Христијан Карпош“.
Таа додава дека за дополнителни отсуства ромските деца имаат разни изговори.
Во ОУ „11 Октомври“, директорот Круне Младеновски вели дека има 140 ромски ученици. Некои од нив аргатуваат, но за повеќето вели дека се редовни.
Основното образование во Македонија е задолжително со закон и за прекршителите се предвидени парични казни. Лани биле поднесени околу 30 пријави, а оваа година неколку се во тек.
Просветниот државен инспектор Томе Спировски вели дека за разлика од порано, сега повеќе деца завршуваат основно образование. Спировски го истакнува најголемиот проблем со кој се соочуваат.
Ние сме хендикепирани. Според законот за заштита на податоци, во МВР и во матичната служба не даваат информации и не знаеме колкав е бројот на ученици. Не можеме ништо да планираме. Во соработка со НВО, општината и со училиштата, учениците ги пронаоѓаме на терен, по улици.
Инспекторот објаснува дека ако учениците отсуствуваат повеќе од 30 дена, тогаш добиваат опомена. Ако во иднина не се поправат и ако продолжат да изостануваат, тогаш следуваат парични казни или во најстрог случај ги одземаат децата од родителите.
Во Куманово активно работат невладините организации „Ромаси“, „Кам“ и „Национален Ромски Центар“. Милан Демировски, менаџер на „Кам“, вели дека тие им помагаат со книги и со облека на ромските семејства, но не можат да го спречат нивното аргатување. Според него, сезонската работа на малолетните Роми е најчеста кај децата од населбите Бавчи и од Перо Чичов.
3.3. Подготовка на адресар за новинарите
Адресаор ги содржи основните информации за невладините ромски организации во Македонија, како и лицата кои може да ги контактираат за детални информации. Адресаор им беше дистрибуиран на новинарите за време на сите средби, работилници и конференции. Во прилог го доставуваме подготвениот адресар.
3.4 Средба за млади новинари
На оваа средба собравме 10 ромски новинари кои ја завршија обуката за работа во медиумите, што беше организирана од страна на Македонскиот Институт за медиуми. На средбата разменивме информации во поглед на нивните работни ангажмани, во однос на нивната прифатеност од страна на другите новинари и начинот на кој се третираат нивните теми.
Разочарувачки е што голем број од нив подолго време беа оставени на пробна работа, со ниски примања, што кај некои од нив се одрази многу негативно.
Од 12 ромски новинари кои произлегоа од школата за новинари, активно работат Адем Адеми (A1), Инес Мустафовска (A1) и Ајет Османовски (МИМ).
Релевантност
Како дополнителен податок за анализа на податоците го внесуваме мислењето на Соња Лепиткова, директор на Комисијата за образование во Собранието на Република Македонија, изнесено на Конференцијата „Образование на Ромите во Македонија“ што ја организираше НРЦ во февруари 2006: „Треба да се зајакнат институционалните капацитети на државата и да се изградат механизми за да се спречи оваа појава. На тоа треба да работат просветни инспектори, стручни служби, претставници на МВР, од центрите за социјална работа.“ Таа смета дека треба да се работи на вклучување на децата Роми во претшколска дејност за да го засакаат училиштето, макар и државата да го субвенционира тоа.
Марина Стојковска, советник во кабинетот на премиерот, во таа прилика истакна: „Во целокупниот процес на интеграција на Македонија во Европската унија прашањето за подобрување на статусот на Ромите е прашање на кое треба да му се посвети посебно внимание.“ Таа додаде дека е потребно да се разбијат традиционално вкоренетите предрасуди за ромската популација, со што ќе се придонесе за целосна интеграција на Ромите во економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот живот.
Согледувајќи ги сите проблеми и реалната состојба со образовното ниво, условите за образование и желбата за надминување на тековните потешкотии, НРЦ смета дека досегашните активности и напори се релевантни, но дека се потребни дополнителни заложби за решавање на проблемот со ромското образование. За време на реализацијата на кампањата дополнително ни се отворија нерешени прашања и проблеми, но и можни начини за надминување и решавање.
Решавање на проблемот со создавање етнички чисти паралелки – Еден од најголемите проблеми во трите града беше формирањето чисти етнички паралелки, што делува негативно во натамошниот процес на едукација и постигнување резултати во поглед на интегрирањето на ромските деца во образовниот процес. Училиштата се заинтересирани за решавање на овој проблем, ги отвораат вратата за примање на ромските деца, дури им нудат учебници и други поволности. Меѓутоа, главниот проблем е во родителите чиј изговор најчесто е дека овие училишта им се најблиску до средината каде што живеат и дека децата сами одат на училиште, без да им создаваат обврска да ги водат до таму. Обично, до другите училишта не постои голема далечина, но има густ сообраќај. Една од можностите за надминување на овој проблем и распределување на учениците е НРЦ да им обезбеди редовен превоз на децата од подготвителна и прво одделение од дом до училиште и обратно.
Пристап до личните податоци на децата – До пред три години секое училиште, зависно од теренската поделба, испраќаше покани до секое дете кое треба таа учебна година да се запише во прво одделение. Податоците за децата ги добиваа од Министерството за внатрешни работи. Меѓутоа со измените во законот за образование, таа активност на училиштата е укината. НРЦ смета дека ваквиот пристап на училиштата би бил многу позитивен за ромската популација, особено кога училиштата во соработка со НРЦ би поканиле ученици од спорните подрачја (на тој начин би се спречила појавата на чисти етнички паралелки). НРЦ би можела да асистира во оваа активност преку обезбедување дата база на податоци за ромските ученици.
Вклучување на ромски медијатори во групите за подготвителна и прво одделение – Додека не-ромските деца учат лекции од наставната програма, Ромските деца го учат македонскиот јазик и не успеваат да стекнат доволно знаење за да преминат во повисоки одделенија. Затоа, највисоката стапка на напуштање на училиштето од страна на Ромите е забележана во петто одделение. Меѓутоа, факт е дека проблемот може да се надмине само со дополнителни активности во подготвителна година и во прво одделение. НРЦ би можела да учествува во текот на првата експериментална година, со ангажирање на ромски медијатори кои би им помогнале на ромските деца во совладување на македонскиот јазик и полесно вклопување во образовниот процес.
Организирање хиринг во Македонскиот Парламент за образование на Ромите – во поглед на информирањето и разгледувањето можни решенија за образовниот проблем на Ромите во Македонија, сметаме дека би било значајно да се организира хиринг на кој пред македонските парламентарци НРЦ и претставници од Европскиот Парламент или Европската Комисија би ја произнеле проблематиката и притоа би се посочиле решенија и прелози.
Конференција за уредници – Работата на Медиумската Лоби Група се покажа како особено значајна за јавна „промоција“ на ромското прашање и за стартување на взаемната едукација меѓу Ромите и неРомите. За уште поголеми ефекти и за ангажирање на новинарите во надминување на стереотипите кон Ромите НРЦ смета дека ќе биде важно да се организира поголема Конференција со учество на главните уредници на сите медиуми од градовите каде што живеат поголем број Роми.
Надворешна евалуација од Вера Муцунска,
наставник по македонски јазик, професор по книжевност, особено истакнат просветен наставник, виш самостоен советник во Министерството за образование и наука, автор, уредник, рецензент на учебници и други публикации
Во согласност со меѓународните документи во кои се регулираат правата на заедниците за стекнување на образование во образовните системи на државите, со Уставот и образовните закони во Република Македонија се обезбедени потребните предуслови за максимално можно вклучување на ромските деца во системот на образованието.
Третирањето на комплексноста на проблемот е перманентна програмска задача и обврска како на образовните институции и на бројни невладини организации и асоцијации во Република Македонија, која, и покрај скромните постигања, слободно може да се каже е лидер во поглед на инклузијата на припадниците на ромската заедница во образовниот систем и нивната интеграција во сите сегменти на општественото живеење. Интензивирање на овие активности се забележува со почетокот на Декадата на Ромите, а во Република Македонија, во последниов период со овие активности особено се издвои невладината организација Национален ромски центар -Куманово, со проектот Кампања за образование на Ромите (Мобилизација на ромските родители да ги пратат децата во редовни училишта).
Основната цел на проектот е да ги прикаже состојбите со вклученоста на децата од ромската националност во основно-образовниот систем на државата, како и актуелната проблематика околу реализацијата на образованието на оваа детска популација, со предлог-заклучоци и мерки за подобрување на состојбата. Меѓутоа, аналогно на насловот на проектот, конкретната задача на носителите на проектот е анимирање на родителите за континуирано подигање на свесноста за проблемот и сензибилизирање за значењето на образованието.
Во согледувањето на резултатите од анализите на состојбите со образованието на ромските деца направени во изминатиот период од бројни инволвирани и релевантни фактори, на преден план се издвојуваат проблемите на нецелосно и ненавремено запишување во подготвителната година и во прво одделение, често осипување од редовното образование, особено во петто одделение, ниски резултати во степенот на стекнувањето на знаењата, голем број на изостаноци од редовната настава и сл. Ваквата состојба резултира од низа причини, но пред се се издвојуваат економско – социјалното потекло на учениците, нискиот степен на образованост на родителите, нивната неинформираност и негативниот став кон учењето и училиштето пред се поради непознавањето на македонскиот јазик при поаѓањето во подготвителната година и прво одделение, непосетувањето на градинките, како почетни институции за социјализација на личноста на детето, културно-депримираната семејна средина во годините на раното детство и сл. Тоа се причини кои сами по себе говорат за потребата од индивидуален приод во воспитно-образовната работа со оваа ученичка популација, од една страна, но со оглед на возраста на целната група, неопходна е и мобилизација на родителите. Токму тоа е примарната задача на проектниот тим – активирање на партнерството на родителите, за да ја сфатат нивната партиципативна улога во образовниот процес на нивните деца, конкретно, да изнајдат модел за да ги мотивираат за одење на училиште.
Во предвидената временска рамка проектниот тим се фокусира на соработката со родителите и на нивната улога на носејќи потенцијал за остварување на посакуваните позитивни промени. За таа цел, реализирани се бројни средби со родителите во нивните домови, по доставени покани реализирани се и средби во канцеларијата на проектниот тим, иницирани се средби со училишните раководства.
Во неформалните средби со наставниците, тимот промовираше модел на хумано однесување кон учениците, со надминување на стереотипите и предрасудите, како и за етничкото прифаќање на Ромите, со создавање на пријатна атмосфера на толеранција.
Преку анализата на интервјуата, прашалниците и анкетите, се изготвени структурни табели со релевантни показатели за состојбата на етничките Роми по поодделните прашања.
Во 17 проектни основни училишта од Скопје, Прилеп и Куманово, беше промоворана кампањата и на тие работни средби земаа активно учество претставници на сите инволвирани страни во работата на проблематиката со образованието на ромските деца: наставници, стручни служби и директори од училиштата, кои ги изнесуваа и разменуваа искуствата во практикувањето на наставата, претставници на локалната самоуправа кои ги презентираа Акционите планови во рамките на Декадата на Ромите и предлозите за нивното операционализирање и на Министерството за образование и наука, кое имаше значајна улога во имплементацијата на проектот, преку обезбедување на потребната институционална поддршка, како и косултантска помош на официјалните состаноци иницирани од носителите на проектот.
Целокупната динамика на реализирањето на зацртаните проектни активности имаше транспарентно обележје, благодарение на вклученоста на повеќе електронски и пишувани медиуми, кои ги мониторираа случувањата и ја информираа јавноста. Особено е значајно презентирањето на документарецот за животниот успех на Ромката Васка Бајрамовска Мустафа, кој предизвика големо внимание и го освои првото место на конкурсот на Канцеларијата на Обединетите нации во Република Македонија, а чија тема е борбата со сиромаштијата и кој треба да ги сензибилизира Владините институции да ја изменат состојбата со недоволното вложување во ризичните групи од социјално – економски аспект, конкретно социјалните случаи во Република Македонија, вклучително и Ромите.
За остварување на таа цел, една од можностите е изнаоѓање на донатори од меѓународните владини организации во Република Македонија, (ЕУ, ЕАР и др.).
Проектот на Националниот ромски центар – Куманово, претставува значаен исчекор во пробивот на една етничка заедница од маргините, на сцената на општествените текови. Причина повеќе за тоа е што проектниот тим го идентификуваше најбитниот фактор – родителите.
Надворешна евалуација од Војислав Марјановиќ,
советник во Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на националностите
Проектот на Националниот Ромски Центар од Куманово содржан преку кампањата за мобилизација на ромските родители за испраќање на децата во редовни училишта содржани во три стратешки определби и тоа:
- Ромите и нивните деца
- Владините институции, училишта и локалната самоуправа
- Македонските медиуми
се области преку кои истражувањето успеа да ги лоцира, наметне и понуди можностите за разрешување на наталожените проблеми во остварувањето на правото на образование на ромската заедница.
Заклучокот дека од родителите зависи дали децата ќе бидат вклучени во образовниот процес и колку успешно ќе биде сторено тоа е факт што не може да се негира, но може да се надоврзе на социјално образовната положба на родителите.
Образовниот циклус во основното образование трае девет години, а започнува од шестата година, наречена подготвителна година, и родителот е обврзан да го пријави детето за започнување со училиште.
Предучилишното образование (градинката) не е обврска и не е задолжително за сите деца, но како такво е во надлежност на Министерството за Труд и Социјална Политика и доколку води политика на згрижување на деца чии родители се социјално загрозени би можеле да ја опфатат и оваа популација во институции за згрижување и воспитување на деца до шест годишна возраст.
Предности
Зголемениот број на запишани деца за 50% во училиштата, предмет на истражувањето, но и заклучок за голем број на незапишани деца, укажува на фактот дека секој труд вложен во тој процес може да ја намали бројноста на неписмено ромско население.
Позитивен пристап се и користените методи за остварување на целите во однос на целните групи како што се:
- Директни контакти (домашни посети)
- Пополнување и обработка на прашалници
- Директни советувања
- Медиумски активности
- Посети на основни училишта
- Постојано информирање на институциите на системот
Слабости
Во овој крупен проект со наведените методи, недостасува воведување на база на податоци преку кои ќе се создаде преглед на евидентирани деца на возраст од шест години, целосен опфат во училиштата како и број на нивно завршување. Во моментот кога детето ќе се запише во училиште, започнува неговата евиденција, тоа значи дека неговото евентуално преминување во друго училиште треба да биде во согласност помеѓу двете училишта, при што ученикот не смее да биде избришан од евиденција на училиштето каде веќе се наоѓа.
Пристапот кон создавање база на податоци, во понатамошната работа би ја олеснило комуникацијата помеѓу училиштето, НРЦ и родителот, а воедно сметам дека НРЦ треба да ги насочи активностите и кон заложбите Ромите кои немаат да се стекнат со право на легален престој во Република Македонија.
Инаку истражувањата во правец како што се:
- степен на образование на родителите
- просторни услови
- користење на учебници и учебни помагала
- социјализација во средината во училиштето (наставник – ученик, ученик неРом – ученик Ром)
- остварување на желбата на родителот Ром за стекнување на повисок степен на образование на своето дете.
- имотна состојба во семејството со оглед на домашни услови на живеење, како алтернатива за успешен педагошко – психолошки развој на детето.
- ТВ, бања, телефон, повеќе соби, компјутер во кука
Како параметри укажуваат на незадоволителен степен на нормални вредности, поради што како финален заклучок на состојбите со Ромската популација е подобрување на условите што го попречуваат образованието на Ромите.
Надворешен мониторинг на проектот од страна на Ашмет Османовски, советник во Советот на Општина Куманово.
Проектот „клучот е во ваши раце“ е проект што оваа година придонесе за поголема опфатност на ромските деца во училиштата, со ранците што им биле дадени беше направен голем поттик за ромските деца.
Сведок бев колку голема беше заинтересираноста на родителите на децата и самите деца. Документарниот филм е поттик не само за Ромите, но и за другите етнички заедници.
Во целина „Клучот е во вашите раце“ целосно ја исполни мисијата – поголемо вклучување на Ромите во образованието и поголемо ангажирање на родителите.