Васка Бајрамовска Мустафа потекнува од сиромашно семејство. Со една пензија, без поддршка од стипендии, одејќи секојдневно пеш по 9 километри до училиштето, со скромна облека и обувки на себе, но со силна родителска поддршка, Васка дипломираше на Правниот факултет во Скопје. Паралелно со студиите работеше во МРТВ и цели 10 години беше уредник на ромската редакција. Единствениот дипломец од с. Морино, денес работи во правната служба кај Народниот правобранител, а воедно е и советник во ромската општина, Шуто Оризари.
Васка Бајрамовска Мустафа е заштитен лик на кампањата за образование на Националниот Ромски Центар. Преку позитивниот пример, односно приказната за успехот на една Ромка е прикажан успехот на сите Роми и мотив да се истрае, да се успее и да се биде рамо до рамо, еднаков со сите други во заедницата.
Водени од мотото дека образованието е клучот што ги отвора вратите кон подобар живот, Националниот Ромски Центар ја организираше Кампањата за образование на Ромите (Мобилизација на Ромските родители да ги пратат децата во редовни училишта) во периодот јануари – октомври 2006, со финансиска поддршка од Ромскиот Едукативен Фонд. Преку овие активности НРЦ успеа да влезе во речиси секој ромски дом во три града во Македонија и да им посочи на родителите дека нивните деца би можеле да живеат поинаков живот, доколку бидат образовани.
Фактот дека Ромите во Македонија ја сочинуваат најранливата категорија на луѓе, со тешка материјална, финансиска и егзистенцијална состојба условува голем дел од ромските деца уште од првиот ден на училиште да гледаат поинаку на нешто што е основен фактор и чие исполнување широко ќе им ги отвори вратите за чекор понапред.
„Зарем може да се обвинуваат оние дечиња“, вели г-ѓа Бајрамовска Мустафа, „и да се етикетираат дека не сакаат да учат кога тие секојдневно се прашуваат дали имаат нешто за јадење, за облекување, каде ќе преноќеваат, како нормален предуслов за да можат вниманието да го свртат кон училиштето.“
Главната цел на проектот е да се мотивираат ромските родители за да ги вклучат нивните деца во образовниот процес, притоа работејќи и на изнесување на проблемот пред образовните институции, како и намалување на предрасудите и стереотипите кон ромските ученици.
Проектот постигна остварување на поголем дел од целите, преку директно зголемување на бројот на ромските ученици во подготвителна и прво одделение, преку интензивиран интерес за образованието кај родителите, како и преку поголем проток на информации за Ромите.
Преку сторијата на Васка, снимивме документарен филм чија порака многу успешно почна да создава поинаква слика за Ромите во главите на наставниците, директорите, функционерите…
„Верувам дека се поблиску е денот кога бројот на успешни, повеќе би рекла истрајни и упорни Роми ќе се зголеми и нема да може да се избројат на прсти, туку за нив ќе говориме со реална статистика како показател за учеството на Ромите како економисти, инженери, правници, педагози, доктори, новинари, адвокати, судии… Роми насекаде меѓу Ромите и за Роми меѓу не Ромите во Македонија“, потенцира Васка Бајрамовска Мустафа. „Верувам дека многу млади Роми, многу родители се повеќе го сфаќаат значењето на образованието и дека постои спремност во државата да овозможи инклузија на Ромите како нејзини граѓани, со исти права и обврски како и другите што живеат на нејзина територија.“