Сарми, гравче тавче, мантии, зелници, баклави и уште многу други домашни подготвени јадења беа претставени пред граѓаните на Саемот на ромска храна што во 5 градови го организираше НРЦ во соработка со партнерските организации во проектот „Социјална инклузија на ромски жители и Роми повратници во Македонија“ со финансиска поддршка од „Ние дејствуваме“

 

Многу луѓе дојдоа на штандовите на ромска храна за да видат, да вкусат и да дадат пофални зборови за подготвената храна. А штандовите преполни. Од вкусно – повкусно. Кифлички меки како душа, полнети пиперки, вкусно гравче, а уште повкусна баклава во разни форми и варијанти. Македонци, Роми, Турци, Албанци, Јуруци… сите стуткани едни до други љубопитни да пробаат од ромските специјалитети со препознатлив вкус, но со посебна убавина.

Во Кочани саемот се организираше на градскиот пазар во четврток, пазарен ден… Локацијата без грешка ја избраа претставниците на здружението „Романо вило“ од Кочани. Доминираа подготовки од ориз, пилав, сутлијаш, полнети пиперки, пита со месо, баклава со ореви и суво грозје, тавче гравче со колбаси, компир салата, вртена пита со сирење, кифлички, највкусното слатко од тиква и модар патлиџан. Луѓето кои се сладеа со вкусните подготовки коментираа дека ромската храна е вкусна затоа што е убаво зачинета. Домаќинките кои ги подготвија јадењата не можеа да постигнат да ги послужат „гостите“ и да им ги раскажат рецептите за одбраните јадења.

Штип, петок, пазарен ден, штандот на ромска храна го поставивме пред просториите на Центарот за интеграција на Ромите, на градскиот пазар. Луѓето натоварени со пазарл’к отпрвин љубопитно ѕиркаа, а потоа ги оставаа торбите за да пробаат од она што ним им делуваше највкусно. А имаше што да се избере. Сарми од зелка, сарми од лозов лист, макала, пита со праз, пита со сирење, кифли, компир салата, зелка, мајонез салата, бомбици, ситни колачиња, неизбежната баклава…

Прилеп, градски плоштад, случајни минувачи погледнуваат и заминуваат се додека на некој не му замириса вкусната јанија од леблебија и месо. И после првиот, доаѓа вториот и веќе тешко постигаат членовите на „Рома Перспектив“ да ги услужат сите заинтересирани граѓани кои сакаат да вкусат од изложеното. А јадења многу, едвај ги собира на штандот… погачи, зелници, пита граошник (со грав), пита со кромид, мантии, баклава, домашен вкусен колач, полнет модар патлиџан, филија… Тетка Кјмет им објаснуваше на присутните како готвела и колку е потребна љубов и воља за јадењето да биде вкусно.

За време на саемот на ромска храна во Кичево врнеше дожд. Но, тоа не беше пречка за да се соберат љубопитни минувачи во населбата Бела кула и да пробаат од подготвените јадења. Добро организирани, членовите на „Бела кула“ ги пречекуваат гостите со однапред подготвени порции за да пробаат од сè по нешто. Таму можеа да се пробаат најмеките кифлички, вртена баница со сирење, мекици, филија, тавче гравче, зелка, шарен парен колач, баклава и како најголемо изненадување – торта.

Последниот ден од саемот беше резервиран за Куманово. Штандот беше поставен на градскиот плоштад. Дента завеа снег, огреа сонце, дуваше север.. се сменија неколку годишни времиња до пладне. Луѓето замотани со шалови и капи веднаш ја намирисаа топлата пилешка супа со павлака и највкусниот гулаш, малку да се затоплат. Се чудеа што попрво да пробаат, љубопитни за познатите вкусови приготвени на малку поинаков начин. Жените кои го подготвија јадењето со задоволство им пренесуваат дел од рецептите. Кумановчани се пофалија и со макала од суви пиперки со праз и со компир, пилав со месо, сарми, полнети суви пиперки, пресна погача, вртена баница со сирење, пита со сирење, кифли, проја мека како сунгер, а на крај сите се заблажија со татлијата и хитот на трпезата – чоколадираната баклава.

 

kicevo kocani kumanovo prilep stip

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*