Почитувани,
Национален Ромски Центар (НРЦ), реагираат по повод видео клипот објавен во месец ноември 2006 година на порталот Кајгана во категоријата наловена хумор и сатира, а неофицијално дознаваме дека истата снимка се наоѓа кај некои сопственици на мобилни телефони. Видео клипот објавен на македонскиот сајт Кајгана, и ваквото претставување во медиумите на децата претставува грубо кршење на правата на детето. Најостро го осудуваме ваквиот акт и бараме да се откријат виновниците и сите оние кои се вмешани во случајот на било кој начин. Бараме да се спроведе истрага за да се открие идентитетот на детето, и идентитетот на сторителите.
Денес е 20 ноември, Светски ден на детето, а Република Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето и е обврзана да ги почитува правата и обврските кои потекнуваат од неа. Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето во 1993 година, а во 2003 и двата факултативни протоколи на Конвенцијата.
Во таа функција Ве потсетуваме на:
- член 3 од Конвенцијата за правата на детето
- Во сите активности кои се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела.
- член 16 од Конвенцијата за правата на детето:
- ниедно дете не смее да биде изложено на произволно или незаконско мешање во неговата приватност, семејство, дом или личната преписка, ниту на незаконски напади на неговата чест и углед.
- детето има право на законска заштита против таквото мешање или напади
- член 23 од Конвенцијата за правата на детето
- Државите-членки признаваат дека детето со ментални или физички пречки во развојот треба да ужива целосен и достоен живот, во услови со кои се обезбедува неговото достоинство, се поттикнува самостојноста и се олеснува активното учество на детето во заедницата.
Со ваков пристап во работата на медиумите и објавување на настани и материјали на WEB страни, се нарушуваат основните права на детето кои се загарантирани и со националното законодавство и со меѓународните инструменти за правна заштита. Сите релевантни субјекти во Република Македонија треба да помогнат во документирање на насилството, заштита на детето, откривање на идентитетот на сторителите и сите вмешани лица во случајот.
Со почит,
Ашмет Елезовски