6 мај 2010, Национален Ромски Центар Ве известува дека денес во организација на Министерство на образование и наука се одржа прес конференција за медиуми на која официјално беше промовиран Прирачникот за спречување и заштита од дискриминација во воспитно- образовниот процес во Република Македонија. Прирачникот произлезе како заедничка активност на Министерството за образование и наука, невладината организација Национален Ромски Центар и Ромскиот образовен фонд од Будимпешта, во рамките на проектот „Кампања за образование на Ромите (вклучување и континуитет на образовниот процес)“ финансиски поддржанa од Ромскиот Образовен Фонд.

Press

Прирачник за заштита од дискриминација во образованието Скопје,
6 мај 2010

Прирачник за заштита и спречување дискриминација во воспитно-образовниот систем во Македонија подготви Националниот ромски центар од Куманово со пари од Ромскиот образовен фонд од Будимпешта.

Тој ќе им користи на сите учесници во наставниот процес во елиминација на стереотипите и предрасудите кои предизвикуваат нерамноправен третман на учениците со различна етничка, верска или социјална припадност.

Пред се е фокусиран на ромските деца зашто тие се најранлива категорија и најчесто маргинализирани поради нивниот социјален статус.

Прирачникот наскоро ќе биде публикуван и промовиран, а за неговата примена во образованието ќе биде обучен наставниот кадар. Изданието денеска на прес-конференција го најавија министерот за образование и наука Никола Тодоров, министерот без ресор Неждет Мустафа и директорот на Управата за развој и унапредување на образoванието на јазиците на заедниците Реџеп Али Чупи.

– Прирачникот е инспириран од идејата за заштита на сите учесници во воспитно-образовниот процес и е наменет за информирање, препознавање, превенција, заштита од дискриминација и спроведување мерки кои ќе доведат до забрзано изедначување на можностите на сите ученици….

Тој е корисна алатка и придонес за правилно планирање, реализација и контрола на воспитно-образовниот процес за да се спречат појавите на сегрегација и дискриминација и да се промовира антидискриминативна политика, рече Тодоров.

Министерот Мустафа посочи дека прирачникот ќе помогне во отстранувањето на многу чувствителна материја која, како што рече, загрижува во одредени средини.

-Прирачникот има тежина и служи како поука за сите како да се однесуваме во такви средини, а особено е корисен за ромската заедница, додаде Мустафа.

Директорот на Управата Али Чупи информираше дека во прирачникот е разјаснето што претставува дискриминација, стереотип и предрасуда, опфаќа документи од домашната и меѓународната законска регулатива за недискриминација во образованието, со експлицитно појаснување на одделни членови.

Прирачникот е подготвуван една година, а му претходеле работни средби со сектори во МОН и анкета за согледување на состојбата во училиштата. хс/са/14:40

Превземено од Македонска Информативна Агенција (МИА)