Завршната манифестација на БУВЕРО проектот се одржа на 6-ти ноември во Будимпешта
Проектот БУВЕРО се реализираше годинава во Македонија за прв пат преку летен камп за 12 ромски девојки, во организација на НРЦ. На кампот кој се одржа во периодот од 12 до 26 јули, со поддршка од Фондацијата Ромедиа и Програмата Европа за граѓаните на Европската Комисија, присуствуваа девојки на возраст од 16-26 години кои беа обучувани за изработка на документарни филмови. Проектот заврши со финална манифестација што ја организираше Фондацијата Ромедиа од Будимпешта, на која присуствуваа 5 учеснички од кампот, заедно со дел од нивните ментори. Во продолжение следува дел од нивните импресии од активноста:
„На кампот што се одржа во „Етно село“ во Куманово се стекнавме со знаења од областа на новинарството, историјата и културата на Ромите, фотографија, снимање на документарни филмови, како се употребува професионална опрема и потоа моравме да ги примениме во пракса и да ги реализираме нашите знаења.
Настанот во Будимпешта беше организиран со цел да се запознаеме со останатите девојки кои присуствуваа на кампот во Будимпешта, да си ги размениме нашите знаења, искуства и да останеме во контакт со нив.
На настанот присуствуваа голем број на новинари, режисери, луѓе кои ги засега положбата на Ромите, нивната култура и традиција во Македонија и Унгарија. Првин беа претставени документарните филмови од нашите три групи. Првиот документарен филм „Богата приказна“ беше за културата и традицијата на Ромите, со приказ на народната носија на Ромите во Македонија и нејзината изработка. За време на прикажувањето забелеѓав заинтересираност кај присутните. Вториот документарен филм „Среќа во несреќа“ беше за миграцијата на младите Роми и во овој филм јас бев дел од тимот. Третиот документарен филм „Сребреното момче“ е посветен на светски познатиот боксер Ром, Реџеп Реџеповски.
После прикажувањето на сите филмови следуваше дискусија за реализацијата на филмовите. Новинарите прашуваа многубројни прашања на кои сите ние пет девојчиња им одговоривме соодветно и со задоволство. Потоа следуваше прикажување на филмовите на девојките од кампот во Будимпешта. Дискутиравме и за нивните филмови и ни рекоа дека поголемиот дел од нив не знаат ромски јазик бидејќи нивните родители не ги учеле ромски, туку сакале да ги научат унгарски јазик за да им биде полесно на училиште.
Откако завршивме со дебатата и дискусијата имавме вечера каде што се собравме сите и исто така зборевме за кампот и за минатите и новите искуства. Разменивме наши контакти и се надевам во иднина ќе контактираме со нив и со уште некои нови ромки девојки.“
Џенифер Елезовска, Куманово, учесничка на кампот Буверо
„Моите очекувања во целост се исполнети. Аплаузот и коментарите беа доволно гласни за да ни кажат дека им се допадна виденото. Се чуствувам гордо што успеавме да се покажеме во вистинско светло, на поинаков начин од другите. Задоволна сум што трудот што го вложивме десетте дена во кампот ни даде успешни резултати.“
Фатима Рамадановска, Куманово, учесничка на кампот
„Презентацијата на филмовите, љубопитноста на новинарите и гледачите, ракоплескањето, топлите прегратки и гордоста на нашите ментори за нас претставуваше голем успех и се надеваме дека во иднина нема да ги разочараме.“
Мелиса Демовска, Кратово, учесничка на кампот