17 септември 2009 година, Куманово, – Национален Ромски Центар (НРЦ) ја известува јавноста и институциите по повод Светскиот ден на орално здравје 12 септември и неделата на орално здравје кои за прв пат се одбележуваат во Македонија, како можност да се сврти вниманието на пошироката јавност кон значајни прашања од областа на здравјето и здравствената заштита.

Пораки по повод Светскиот ден на орално здравје беа упатени од страна на Министерството за здравство на Р.М и Македонско стоматолошко друштво. Цел е подигнување на националната свест за орално здравје кај сите граѓани.Национален Ромски Центар се приклучи во одбележувањето на Светски ден на оралното здравје, 12 Септември, заедно со Светска Стоматолошка Федерација, Македонско Стоматолошко друштво и Министерство за здравство на Република Македонија.

Насмевнете се, слободно! – тренинг трибина за стоматолошка превентива беше одржана во просториите на Национален Ромски Центар вчера во 18.00 часот. Горан Бурназовски, д-р по стоматологија, спроведе практична обука со совети на 30-тина деца до 6 годишна возраст и нивните мајки, како да се исхрануваат, како да ги мијат забите, како да се редовни во одржување на оралната хигиена, ги пријавија своите расипани запчиња и ветија дека најбрзо ќе го посетат својот стоматолог. Им беше посочена важноста на перманентна грижа за оралното здравје. Конкретно и низ игра децата научија за наједноставната техника на четкање на запчињата со детски четкички и пасти за заби што беа поделени од страна на Национален Ромски Центар.

Одбележувањето на Светскиот ден на оралното здравје според претседателот на Македонското стоматолошко друштво проф.д-р Ана Миновска ќе биде во знакот на стратегијата за остварување на превенција на кариесот, најчесто хронично заболување во детската возраст како една од стратешките цели во постигнувањето на оралното здравје.

 Во Македонија, како што рече, националниот координатор на стратегијата за превентива на Република Македонија проф.д-р Миле Царчев состојбата со кариесот кај децата е поразителна и оти наместо да опаѓа има тренд на пораст. Во просек едно дете има повеќе од шест заби со кариес, а услов за прием во ЕУ е тие да имаат помалку од три заби со кариес.

Младата популација треба да биде свесна за личната одговорност за своето орално здравје.

Прв Светски ден за оралното здравје во светот е одбележан во 1994 година, кога Светски ден за оралното здравје на Светската здравствена организација бил посветен на оралното здравје. Светската стоматолошка федерација сака 12 Септември да се одбележува Светски ден на оралното здравје секоја година, со цел поддршка на подобрување на оралното здравје низ целиот свет. Месец септември е одбран за најсодветен дел од годината за Свтетски ден на оралното здравје, во кој сите национални активности ќе се одвиваат токму во септември. Инаку 12 Септември е роденден на основачот на Светската стоматолошка федерација д-р. Charlesa Gordon и ден кога е обележано основањето на Меѓународна конференција на Светската здравствена организација за примарно здравство во Алма Ата во истиот ден 1978 година.

НРЦ ја користи можноста да ги повика надлежните институции за превземање на конкретни мерки и активности за подобрување на здравствена превентива и ја поздравува одлуката за бесплатно здравство за сите граѓани со која дел од ромското население ќе добие пристап до здравствено осигурување.