По промоцијата на магазинот „ЕДНО – Образование за сите“
преку кампањата „Клучот е во ваши раце“
Образованието е клуч кон интеграција и просперитет

Со задоволство ве информираме дека на 26-ти јануари во Арт Кафе – Мултимедијалниот центар Мала станица, во Скопје организиравме промоција на магазинот „ЕДНО – Образование за сите“ што се подготвува во рамките на кампањата за образование на Ромите „Клучот е во ваши раце“. Националниот Ромски Центар од Куманово ја реализира кампањата од 2006 година, со поддршка од Ромскиот Едукативен Фонд од Будимпешта.

На промоцијата присуствуваа претставници на Амбасади во Македонија, на државни образовни институции, меѓународни организации, училишта и други индивидуалци. По воведниот збор на координаторот на кампањата, г-дин Ашмет Елезовски промоцијата се одвиваше во релаксирана атмосфера. Настапот на виолинистот Газменд Бериша ги воодушеви присутните.

Инаку, магазинот е придонес кон интензивно вклучување и прифаќање на ромските деца во образовниот процес. Издавач е Националниот Ромски Центар.

Магазинот го подготвивме со цел да согледаме (1) во која насока се движи образованието на Ромите, (2) како да се интензивира комуникацијата меѓу училиштата и родителите и (3) на кој начин да се задржат ромските ученици во образовниот процес. Магазинот ќе се дистрибуира во сите основни училишта и образовни институции во 15-те градови каде што се реализира кампањата (Куманово, Скопје, Прилеп, Битола, Кочани, Штип, Тетово, Кр. Паланка, Велес, Гостивар, Кавадарци, Виница, Делчево, Берово и Кратово).

Кампањата е поддржана од Владата на Република МакедонијаМинистерството за образованиеУправата за развој и унапредување на образованието на јазиците на националноститеБирото за развој на образованиетоМинистерството за труд и социјална политика, градоначалниците на сите 15 градови во кои се реализира кампањата и ЗЕЛС.