РОМСКА КАМПАЊА

ЗА ИЗБОРНА ЕДУКАЦИЈА „Џан”

ИГРАЈТЕ ФЕР ЗА ФЕР ИЗБОРНО УЧЕСТВО

Националниот Ромски Центар денеска одржа прес конференција во НВО Инфо центарот во Скопје, при што беше презентирана предизборната кампања наречена Џан (во превод знај, оди). Кампањата има за цел да ги едуцира и мотивира Ромските гласачи да излезат да гласаат на 5 Јули 2006 година.

Изборниот процес е важен момент каде што слободата на изразување и волјата на граѓаните ТРЕБА ДА биде почитувана, а промоцијата на взаемното разбирање, толеранцијата и подигањето на свеста дека Ромите треба да бидат еднакви учесници во овој процес ТРЕБА ДА БИДЕ ФАКТ, потенцираше координаторот на кампањата Ашмет Елезовски.

За учеството на жената во изборниот процес, за улогата на членовите како едукатори на жената Ромка како рамноправен учесник и гласач, како и за учеството на членови на Здружението на жените Ромки-Есма набљудувачи за време на изборите, зборуваше Кевсера Мемедова, претседателка на ова здружение.

Елезовски ги повика сите граѓани за активно учество за време на парламентарните избори укажувајќи на потребата од заедничко согледување на важноста на изборниот процес, на кој, како што посочи тој не треба да се гледа како на настан.

Целта на кампањата е да се промовира толеранција и фер избори по пат на посети низ ромските населби и организирање фудбалски натпревари како дел од нашата кампања. Фудбалските натпревари со младите Ромски играчи треба да промовираат фер и одговорно учество во изборниот процес.

Во рамките на кампањата НРЦ ги посетува македонските градови каде што Ромите се позастапена популација. Притоа теренските едукатори на НРЦ ги посетуваат ромските семејства во нивните домови и преку пропагандниот материјал и директна комуникација им укажуваат на значењето на нивниот глас и право.

Со активно учество на граѓаните Роми како гласачи за време на парламентарни избори, тие ќе се здобијат со правото за активна партиципација и простор за барање владини заложби за решавање на нивните проблеми.

Досега е одигран фудбалски натпревар во Шуто Оризари, а посетени се Топаана, Берово, Пехчево, Црник, Делчево и Требовиште.

Фудбалските натпревари ќе бидат организирани во Виница, Штип, Скопје, Куманово и Прилеп, додека пропагандни материјали за подигање на свеста за активно учество на Ромски гласачи ќе се дистрибуираат во Куманово, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Ресен, Кичево, Охрид, Струмица, Гевгелија, Валандово, Неготино, Градско, Кавадарци, Велес, Радовиш, Кочани, Виница, Штип, Пробиштип, Кратово, Кр. Паланка и Св. Николе.

За подетални контакти,
Ашмет Елезовски, проект менаџер, +389 70 258 595
Славица Ќурчинска, асистент, + 389 75 844 822
Контакт телефон: + 389 31 427 558,
Е-маил: contact[at]nationalromacentrum[dot]org
Адреса: Доне Божинов 11/5, 1 300 Куманово