Се одржа втората тематска работилница за домување во Албанија

Работилницата за домување се одржа од 26-28 Февруари 2014 година во Тирана, Албанија. На настанот како претставник од Национален ромски центар присуствуваше Мартина Асановска, асистент во ресурсниот центар која како добра практика во Македонија го презентираше проектот „Легализација на ромското домување“.

Главната цел на проектот „Најдобри практики за интегрирање на Ромите“ е да се придонесе кон интегрирање на ромското малцинство на Западен Балкан, во согласност со обврските на корисниците како земји – учеснички во ОБСЕ и потенцијални членки на Европската Унија.

Намерата е да се придонесе кон главната цел преку обезбедување анализа за условите за домување на Ромите од Западен Балкан и преку документирање на добрите практики за учење за легализација на земјиштето и градбите, надградба на неформални ромски населби и обезбедување на социјални станови.

Крајната цел на извештајот е да се даде збир на препораки за справување со проблемот за домување на Ромите, што се заснова на научените лекции од тековните практики во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Србија, како и Косово.

На оваа работилница за домување учествуваа 250 претставници од земјите за кои е направена анализа во извештајот.

Во регионалниот извештај за легализација на домувањето, надградба на населбите и социјалните станови за Ромите од Западен Балкан како тип на практика е наведен проектот „Легализација на ромското домување“.

Извештајот е поделен на три дела и тоа:

– Состојбата со домување на Ромите на Западен Балкан

– Добри практики за учење за интегрирање на Ромите во секторот домување

– Заклучоци и препораки

Од сите земји учеснички на настанот ниту една друга организација не работи на легализација на Ромското домување со обем како што се активностите во проектот „Легализирање на ромското домување“, што предизвика голем интерес меѓу присутните.

[post_gallery]