Алваро Хил Робленс, комесарот за човекови права на Советот на Европа неодамна во Стразбур презентираше извештај за правата на Ромите во Европа. Загрозеноста на оваа етничка популација беше практично лајф мотивот што се провлекуваше во сите тонови на извештајот. Станува збор за десет милиони Роми само во земјите членки на Советот на Европа.
Оваа фрапантна сторија што во вид на извештај ја презентираше комесарот Робленс, е сторија за проверката на човечката совест во првата декада на 21-от век. Комесарот на Советот на Европа само укажа на нужноста од партнерство меѓу властите, институциите и самите Роми за воведување и реализирање низа мерки што на општо цивилизациско ниво ќе ги поткрепат напорите во „деценијата на Ромите“ во сите сфери на социјалниот и економскиот живот. Притоа база и приоритет на секој напор во тој правец без исклучок е образованието.
Поради нискиот стандард, долгогодишната, па и вековната негрижа за социјалниот статус на Ромите дури и во економско развиените земји, и денеска резултира со фактичка состојба во која Ромите без конкуренција на просечно ниво се образовно, економско, па ако сакате и цивилизациско најниско рамниште. Ромите во Европа денес се нечистата совест на Европа. Точно е, статистички гледано, дека меѓу Ромите во европските држави има и лекари и адвокати и професори и бизнисмени и по некој политичар. Но факт е дека европските власти, матичните држави малку сториле да им помогнат на своите сонародници на поглобално ниво да се извлечат од базата на неукоста. А таа причината и последицата на глобалната социјална беда што ги товари Ромите.
Дваесет и првиот век е век на глобализација. Тоа е шанса за сите па и за Ромите конкретно во регионов да се вклучат во општите социјално економски раздвижувања многу повеќе отколку досега. Но глобализацијата воедно е и опасност заедниците што нема да умеат да се приклучат на општите движења, да комуницираат и кооперираат независно од националната етничката, верската припадност, уште повеќе да се изолираат и маргинизираат.
Република Македонија прави многу, но истовреме прави и многу малку за ромската етничка заедница. Во оваа декада на Ромите, резолуција што и нашава земја ја потпиша пред околу 18 месеци, си зеде обврска за вистински активен придонес. Но никаде уште не може да се евидентира попрецизна програма, пари и други алатки што би гарантирале поагресивен социјален напредок на ромската етничка заедница во Македонија.
„Клучот е во вашите раце“ е називот на кампањата на Невладината ромска асоцијација – Националниот ромски центар во Македонија. Оваа и повеќе други невладини ромски организации главно се потпираат на странски донации во реализирање на своите проекти. За сите нив се разбира е добро што своите проекти ги насочуваат главно во правец на образованието на Ромите. Зашто фрапантен е податокот според македонскиот Завод за статистика дека од 7.868 ромски дечиња што се запишале на училиште, основното образование не го завршиле ниту шестотини. Банално е и натаму да се објаснува за причините. Ова е податок пред се за државата, за нејзините институции.
Ние мислиме дека знаеме се, но факт е дека немаме доволно информации за животот на Ромите, за нивната реалност дури овде под нашиот балкон, на градските крстосници или на бреговите на Вардар… Колку нас не загрижува фактот дека на илјада ромски семејства, наши сограѓани половината немаат здравствено осигурување, на пример. Се разбира државата ќе излезе со своја статистика па ќе рече дека за Ромите се води посебна грижа, дека за годинава се обезбедени стипендии за 800 Роми средношколци, дека за тоа се одвоени 1,2 милиони евра, дека имаме општина на Ромите, дека во последните четири години опфатот на ромските деца во основното образование од 18 е зголемен на 23%, дека нашата држава меѓународно се обврза интензивно да работи на јакнење на интегрирањето на Ромите во главните општествени економски токови, дека, дека…
Но како бргу да се надокнадат децениите изгубени во изолираноста на Ромите во општествово. И особено како ромската елита да се наметне во општеството како водечки фактор за реализирање на македонската државна стратегија во деценијата на Ромите. Одговорите на последниве две констатации се приоритетите на државните институции. Почеток на се е образованието. И резултат на се единствено може да биде само – образованието.
Зоран Иванов