Се викам Рамче, ме викаат Џамче. Зошто? Затоа што повеќе сум гол отколку облечен, живеам во куќа, поточно колиба направена од картон, живи тули и плех… Ќе ви кажам една тајна, во земјата закопав тегла и во неа кријам пари. Сакам да соберам многу за да и купам на мојата сестричка инвалидска количка… По осмо одделение навистина не знам што ќе работам. Сакам да бидам молер и се да обелам во бело, па и јас да бидам бел. Понекогаш мислам дека луѓето не ме сакаат оти сум црн. Но, што можам јас, баба вели дека нашиот Бог е црн… Јас сум Рамче, поточно Џамче, низ моето џамче ја гледам мојата иднина.
Ова е извадок од есеј на ученичката Елена Накова од Штип на тема „Како е да се биде Ром на училиште, дома и во општеството“, награден од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Ситуацијата не е поразлична од оваа што во својот есеј ја опишала ученичката од Штип. Тоа го потврдуваат невладините организации на Ромите во Македонија.
Кај 70 отсто од околу 200 ромски семејства од Куманово, Скопје и од Прилеп постои силна волја децата да се школуваат, но немаат пари за тоа. Се уште останува сликата Ромчињата да бидат дискриминирани, како од нивните соученици, така и од наставниците. Државата има стратегија како да се подобрат условите на Ромите, но не ја остварува во практика. Имаме само куп хартии како да се направи тоа, но нема никаква координација меѓу институциите – вели Ашмет Елезовски, координатор на кампањата „Клучот е во ваши раце“ на невладината организација Национален ромски центар од Куманово.
Членови на невладини организации за заштита на правата на Ромите сметаат дека граѓаните од ромска националност се маргинализирани и за таквиот третман ја обвинуваат државата. Други тврдат дека состојбата не е толку очајна и оти работите од година во година се подобруваат.
Гетоизација на Ромите
Ромите се оставени сами на себе и државата ги гетоизира во одделни населби, смета Љатиф Демир, член на Европскиот ромски форум. Тој, повикувајќи се на Уставот ги обвини државните институции дека не ги почитуваат правата на Ромите.
Учениците Роми го напуштаат училиштето по четврто одделение зашто потоа немаат настава на ромски јазик. Мора да учат на македонски, иако во Уставот им е загарантирано правото да учат на својот мајчин јазик – вели Демир.
Тој му забележа на Министерството за образование дека во учебниците по историја не се вметнати и културата, традицијата и историјата на ромскиот народ, со критички став дека „повеќето граѓани во земјава сметаат оти Ромите немаат сопствена историја“.
Како може луѓето да кажат дека ние немаме сопствена историја? Зарем 18 милиони луѓе во светот не се доказ дека Ромите имаат своја традиција? Затоа нашите власти треба да преземат активности со кои поагресивно ќе влијаат на свеста на Ромчињата за нивната традиција и култура – смета Демир.
Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар од Куманово смета дека работите одат на подобро иако во пракса малку се остварува:
Македонија треба да биде горда со ромскиот народ и во нас да гледа богатство. Добро е што Ромите од Македонија полека се вклучуваат во европските активности, како на пример во проектите на Советот на Европа во Стразбур. Така, во Европскиот ромски форум имаме пет делегати, кои работат на правата на Ромите во Македонија.
Стипендии за стимулација
Од малцинствата, најмногу децата од ромската националност го напуштаат образованието. Следуваат деца од турска, албанска националност и дел од Македонците-муслиманите, тврди Драган Недељковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на јазиците на етничките заедници при Министерството за образование.
Сиромаштијата и стапувањето во брак на рана возраст се главните причини зошто Ромчињата го напуштаат училиштето. Тоа е честа појава кај децата во седмо и осмо одделение. Недоволното познавање на македонскиот јазик е дополнителна причина и тоа најчесто се случува по завршување на четвртото одделение. Никој нема конкретен број на децата што го напуштиле училиштето, дури ни Заводот за статистика. Но, грубо кажано, најголемо осипување има кај Ромите. Така, на пример, има случаи кога во прво одделение се запишале 100 ученици, а во петто 50 веќе се откажале.
Основното образование е загарантирано со Устав и родителите може да бидат казнети ако не ги пуштаат децата во училиште. Недељковиќ вели дека досега немало такви случаи и оти на родителите им било „прогледано низ прсти“.
Прво следуваат усни опомени, па парични казни, но и затворски казни. Но, законот не се почитува и досега гледавме низ прсти. Ќе се постигне спротивен ефект ако родителите одат во затвор. Државниот просветен инспекторат треба да преземе поконкретни мерки.
Управата од минатата година почна со стипендирање на средношколци-Роми како поттик да се зголеми опфатот на децата во образованието. Засега тие ќе се финансираат од донатори зашто според Недељковиќ, државата нема пари во буџетот за такво нешто.
Лани стипендиравме 267 средношколци-Роми во прва година и тоа даде многу добри резултати. Годинава го продолживме проектот и сега ги стипендираме и учениците од трета и четврта година. Дадовме 640 стипендии од по 48 евра месечно, за десет месеци. Опфатени се сите средношколци Роми. Ако лани имавме 267, годинава имавме 513 запишани ученици. Стипендијата беше „мотор“ за поголем опфат. Во основно немаме ваква стимулација, но УНИЦЕФ лани подари 1.000 комплети книги и училиштен прибор за тие што ќе се вратат во училиште. Така, оние од основно одат во училиште затоа што знаат дека во средно ќе добиваат пари за школувањето. Ова е проект што ќе трае седум-осум години. Се надевам дека ќе најдеме донатори за уште една генерација. Потоа Македонија ќе стане дел од ЕУ и ќе има пристап до фондовите.
Љубица Гроздановска