Националниот ромски центар од Куманово по втор пат зема учество на јубилејниот 10-ти детски ромски фестивал „Отворено Срце“ организиран од страна на Центарот за меѓуетнички дијалог и толеранција „АМАЛИПЕ“ од Велико Тарново, Р. Бугарија


Манифестацијата започна на 7-ми јуни со изложба на занаети и занаетчии од Бугарија, Македонија и Романија во уметничката галерија „Борис Денев“. Модераторите од центрите за поддршка на заедницата од Македонија заедно со волонтерите се претставија со изработени предмети од кожа (кожарски занает), ковани предмети од железо (ковачки занает), јажиња и узди (јажарски занает) и традиционални ромски свадбарски носии (шивачки занает).

Учесниците од Бугарија и Романија промовираа изработка на ножеви, предмети од железо, плетење на кошни, украсен мебел, дрвени, бакарни предмети и многу други.

На 8-ми и 9-ти јуни во Велико Тарново, во паркот Марно Поле, Фестивалот беше отворен со ромската химна „Џелем Џелем“, интерпретирана од страна на Техамана Скендеровска од Македонија и Галја Младенова од Бугарија придружувани од музичката група од ОУ „Браќа Миладиновци“ од н.м. Миладиновци. 1500 учесници од околу 100 училишта беа поздравени од страна на градоначалникот на Велико Тарново, г-дин Даниел Панов.

10 ученици од ОУ „Браќа Миладиновци“ од н.м. Миладиновци, Општина Илинден предводени од наставниците Јовче Петковски и Галина Стевановска се претставија со сплет на ромски песни и ромско оро од Македонија.

Покрај музичкиот дел на фестивалот во паркот „Марно Поле“ се одвиваа и многу работилници, изложби и креативни дејности.

Инаку, учеството на НРЦ на Фестивалот е дел од планираните активности од проектот Промоција на социјална инклузија на млади од маргинализирани рурални средини кој се имплементира во н.м. Миладиновци, Општина Илинден.

Проектот е финансиран од Европската комисија и се реализира во партнерство со ЦМДТ „Амалипе“ од Бугарија и „Про Европа“ од Романија.

[post_gallery]