Извештај за работата на Национален ромски центар во текот на 2011 и 2012 година
На 21 ноември 2012 година, во ЕУ Инфо центарот, се одржа промоцијата на извештајот на здружението Национален ромски центар (НРЦ). На свеченоста по повод публикувањето на Извештајот присуствуваа претставници од институции, амбасади, фондации, организации и поединци, соработници на НРЦ.
Г-динот Бернард Рорк, директор за истражување и застапување од Институт Отворено Општество (РИО) – Будимпешта, спречен во намерата да присуствува на промоцијата ја упати следната порака до присутните:
„Ние изодевме долг пат, и морам да кажам дека од наша страна, од перспектива на Институтот Отворено Општество – ромски иницијативи, и од моето директно искуство во текот на годините со НРЦ, ова е партнерство што јас го ценам значително – затоа што ова е организација со визија и правец, со капацитет и посветеност да направат разлика во животите на обичните луѓе, луѓе кои немале еднакви можности, за кои исклучувањето и дискриминацијата се дневни животни факти, луѓе кои немале пристап до основни услуги, и вклучувајќи ги и оние кои се раселени од конфликтот, на кои им недостасува основна документација, а како последица на тоа, им се порекнува правото да имаат права.
Националниот ромски центар комбинира ефективна работа во заедницата, квалитетно теренско истражување и политика на застапување на локално, национално и меѓународно ниво.
Читајќи го годишниот извештај, јас бев воодушевен од акцентот на работата на терен, од вложеното време за работа меѓу локалните заедници, да биде меѓу Ромите, како што вели Ашмет.
Јас го поздравувам овој вид на проверка на реалноста, а тоа е токму оној вид на добра практика. Јас ги охрабрувам и другите организации и меѓународни институции да ја применат.
Мултиетничкиот состав на тимот на НРЦ, со акцент на меѓукултурниот дијалог, на промовирањето толеранција, фактот дека услугите се обезбедуваат не само за Ромите, туку и за сите кои имаат потреба од нив покажува дека НРЦ секој ден со збор и дело, ги промовира вредностите на отвореното општество. Работата на НРЦ во промовирањето на граѓанските права, еднаквоста на можностите и резултатите во здравството, домувањето и образованието е интегрален дел од пошироката посветеност кон продлабочување на демократската револуција во Македонија“, прецизираше во своето излагање г-дин Бернард Рорк.
Г-дин Роберт Лидл, раководител на секторот за политика, правда и внатрешни работи, информации и комуникации на Европската Унија во Република Македонија во своето излагање истакна „Драго ни е што имаме можност да поддржиме ваква активност затоа што веруваме дека тоа придонесува за подобра видливост на граѓанските организации и зголемување на нивната транспарентност. На овој начин, вашите партнери и засегнатите страни се информирани за напорите да се инвестира за решавање на проблемите на Ромите. Ние ги охрабруваме и другите да го следат вашиот пример.
Минатата година Европската унија организираше серија на конференции за интеграцијата на Ромите во земјите од Западен Балкан. Задоволен сум да ве информирам дека Владата организира втора средба за следење на резултатите. Таквите средби се одлична можност да се следат политичките препораки и да се споделат информации за постигнатиот напредок. Со активно и конструктивно учество на Ромите граѓанските организации на овие средби ќе се направи овој форум да биде уште поуспешен инструмент за решавање на проблемите на Ромите, што е клучен приоритет за ЕУ.
Извештајот на ЕК за 2012 година меѓу другото го забележува следново во однос на Ромите: Дискриминацијата на Ромите продолжува, вклучувајќи континуирани стереотипи во медиумите и во социјалните мрежи на интернет. Ромските жени и Роми со хендикеп се соочуваат со несигурни услови за живот поради двојната дискриминација. Последните законски измени кои се однесуваат на преголемото присуство на ромските деца во специјалните училишта не се спроведени. Пристапот до основните здравствени услуги останува потешкотија. Високите стапки на невработеност сеуште постојат и пристапот до бенефитите на невработените останува проблематичен.
Препораките ја идентификуваат интеграцијата на Ромите, преку зајакната имплементација на Националната стратегија за Ромите, како клучен приоритет. Посебен акцент беше даден на зголемување и одржување на државниот буџет за Стратегијата за Ромите.
За да може систематски да се справи со интеграција на Ромите, Владата ќе треба да одржува силна посветеност. Сепак улогата на граѓанските организации во спроведувањето и следењето на националните стратегии е, исто така, од витално значење.
Затоа ромските граѓански организации треба да ги здружат силите, без разлика на која граѓанска организација или локална политичка партија припаѓаат и да лобираат кон локалните и националните власти да размислат за нивните проблеми при подготовка на националните стратегии и реформи.
Исто така ромските граѓански организации треба да инвестираат во градење на капацитетите со цел да бидат во можност да користат поголем дел од фондовите на ЕУ достапни за граѓанското општество.
Ромите ќе останат приоритет на ЕУ во претпристапниот процес. Ние следиме и вршиме проценка на состојбата на ромската заедница во политичките критериуми на Извештајот за напредок.“
„Многу акција, многу планови, реакции, деноноќни вложувања, дискусии, борби, падови, порази, но и резултати и победи. Вакви за НРЦ беа последните две години. Работевме на терен. Планиравме и реализиравме активности за да бидеме меѓу Ромите. Така нивните проблеми станаа и наши, го следевме нивниот живот и се трудевме да најдеме соодветни решенија“, истакна Ашмет Елезовски, менаџерот на НРЦ.
„Присутноста помеѓу Ромите ни даде само поголема самодоверба дека сме на добар пат со нашите активности. Тоа ни даде поголема храброст да влијаеме на агендите на локалните и централните креатори на политики за подобрување на условите за живот кај Ромите. Се залагавме за надминување на ромскиот проблем и во агендите на институциите за кои сметаме дека имаат можност и моќ да ги сменат работите. Од таквите заложби нема да се откажеме ниту во иднина. Напротив. Ќе ги засилиме напорите да се пробиеме прво до свеста на креаторите на политиките, а потоа до самите институции, како и до тие што раководат со нив. Без разлика на политичката, националната или религиската припадност. Време е да се дискутира за ромското прашање. Време е да се работи на добивање одговор!
Конечно ги сконцентриравме силите на најгорливото прашање кај Ромите – домувањето. Први на Балканот ја почнавме акцијата Ромите да си ги легализираат своите домови. Погледот во очите кога ќе сфатат дека ќе добијат имотен лист со нивно право на сопственост е непроценливо за нас! Тоа е доволен поттик да продолжиме со оваа активност и следните години. Горди сме што успеавме да почнеме дискусија за здравствениот систем од една страна и жените Ромки од друга.
Со помош на Open Society Initiatives работиме на истражување за тоа до каде се и како се остваруваат процесите зацртани во Декадата на Ромите. Тоа истражување треба да даде пресек на состојбите во сите четири столба на овој значаен процес за вклученост на Ромите.
Величината на еден човек, на еден тим и на една организација не се пофалбите, туку делата, но и признанијата за неуспесите. Така, мора да си погледнеме в очи и да признаеме дека досега не успеавме да создадеме економска програма која ќе им помогне на Ромите, особено на младите работоспособни Роми да добијат рамноправен пристап на пазарот на труд во Македонија. Овој проблем е само уште една планина со своја тежина. Со иста тежина како и домувањето. Но, штом почнавме да се носиме со тежината со домувањето, ми дава надеж дека во скора иднина ќе може на нашиот грб да ја качиме и тежината за вработувањето.
Секој проблем е решлив. Треба волја, совест, свест и човечко разбирање.
Годините наназад ни велеа да ги градиме и зајакнуваме капацитетите, внатре во самата организација. Тоа и го сторивме. Може да се пофалам со високопрофесионален тим кој е на нивото на сите задачи и активности што ги имаме поставено како приоритети. Се прашувам, кога тоа е така, зошто треба да се борам за опстанок?“
Елезовски на крајот заклучи „Тоа што сме тука денеска значи дека сме борци, дека сме одговориле на предизвиците, дека сме подготвени за нови.“
По презентацијата на извештајот се разви дискусија за активностите на Национален ромски центар, за програмите на Делегацијата на Европската Унија, како и за проблемите со кои се соочуваат Ромите во поглед на образованието, вработувањето и личните документи.
Извештајот за работата на Национален ромски центар во 2011/12 година може да се преземе на следниот линк
http://static.nationalromacentrum.org/izvestaj2010-2012/NRCizvestaj-SR0711-FINALMKD.pdf
[post_gallery]